Македонските компании ќе имаат можност за добивање на неповратна финансиска помош за отворање на своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн-пазар.
Оваа активност е дел од иницијативата „Ecommerce4All” која се реализира од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
Целта на јавниот повик е да се поддржат домашните компании кои сакаат да отворат своја е-продавница или пак, старт-апи кои сакаат да работат во областа на е-трговијата. Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за подигнување на свеста и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја.
Како два клучни проблеми, кои беа мапирани и потврдени од двете годишни анализи за пораст и развој на е-трговијата, се покажаа недоволната едукација и недоволната понуда во областа е-трговија.
Веќе трета година работиме на едукација и ќе продолжиме да работиме уште повеќе бидејќи тој пат е навистина долг и има уште многу работа. Преку оваа иницијатива дополнително ќе ги мотивираме компаниите да дигитализираат дел од своите услуги и да отворат нов или дополнителен продажен канал – e-продавница. На тој начин можат да ги зголемат својата продажба и дигиталното присуство, истовремено зголемувајќи ја понудата во е-трговијата во Македонија, велат од АЕТМ.
Вкупниот буџет за овој јавен повик изнесува 40.000 долари (2.240.000,00 денари), а истиот ќе биде распределен на 40 избрани апликанти, односно 1.000 долари по апликант. Од тие средства 50% се финансиска помош, а 50% консултантска помош од страна на избраните онлајн пазари или ИТ компаниите кои ќе ги изработуваат самостојните e-продавници.
Аплицирањето, кое е достапно на веб сајтот на Асоцијацијата, е отворено за сите микро, мали и средни компании, стартапи, здруженија и занаетчии кои сакаат да отворат своја е-продавница. Јавниот повик трае до 15 мај.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.