Традицијата на производство на месо и месни производи на групацијата „Перутнина Птуј“ почнува во далечната 1905 година. Групацијата е дел од „МХП груп“, која воедно е и единствениот сопственик и една од водечките меѓународни групации во прехранбената индустрија, како и еден од најуспешните производители на живина во Европа. „Перутнина Птуј“ вработува околу 4.800 луѓе, во седум земји и три трговски компании. Соработува со повеќе од 500 кооперанти, а производството се одвива во 14 погони. Производите се продаваат во 70 земји, каде што 3 милиони потрошувачи секојдневно ги консумираат производите.
За работењето на компанијата на македонскиот пазар зборувавме со Никола Марковски, генерален директор на „Перутнина Птуј“ – Скопје, кој од јуни 2024 година стана еден од клучните актери во стратегијата за развој на компанијата на македонскиот пазар. Неговото претходно искуство во FMCG-секторот го постави како лидер кој не само што ја познава индустријата, туку и тенденциите и потребите на потрошувачите. Во разговорот Марковски ја споделува својата визија за иднината на месната индустрија и стратегиите за пораст на „Перутнина Птуј“ на македонскиот пазар.
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Како претходното работно искуство во FMCG-секторот Ви помогна во прифаќањето и приспособувањето во „Перутнина Птуј“? Какви одговорности и овластувања имате сега?
Работното искуство во продажба го започнав пред 15 години во компаниите „Нелт“ и „Евро млекара – Суташ“. Овие искуства ми помогнаа транзицијата во „Перутнина Птуј“ да биде одлична. Македонскиот пазар, навиките на потрошувачите и трговците на големо и мало ги познавам одлично. Во „Перутнина Птуј“ - Скопје сум на позицијата генерален директор за Р. Македонија од јуни 2024 година. Одговорности со оваа позиција има многу, но пред сè клучно е да се обезбеди пораст во секој поглед од работењето. Императив ми претставува што сум во „Перутнина Птуј“- Скопје и знам дека ќе направам се во остварување на компаниските и лични цели.
Кои видливи промени ги забележавте во навиките во исхраната и купувањето кај потрошувачите и како тие влијаат врз пазарот на месо и месни производи?
Во изминатите 5 години сите ние, особено по пандемијата, сакаме да се храниме поквалитетно и поздраво без разлика за кој тип производ станува збор. Баш поради тој факт, и во нашата категорија на месо и месни производи бележиме раст во изминатиот период. Потрошувачите го знаат нашиот производствен процес од фарма до трпеза, впрочем, нашата традиција, квалитет и бренд се темели на тоа.
Сега на сите ни е јасно дека треба да допреме до потрошувачот за да разбереме кои се неговите очекувања од производот, во целост.
Како би ја опишале месната индустрија во Македонија и кои добри примери од практиката би можеле да ги одвоите? Што би можело да се подобри?
Месната индустрија во Македонија значително се менува во добар правец во изминатите години. Сметам дека секојдневно сите учиме едни од други и сакаме нашите производи да бидат што поквалитетни за сите потрошувачи. Конкуренцијата се труди макотрпно да создаде што подобар производ и да го презентира на пазарот, имаме многу такви примери. Се организираат разни настани, промоции и собири за да се доближиме до потрошувачите, што порано не беше својствено. Но, сега на сите ни е јасно дека треба да допреме до потрошувачот за да разбереме кои се неговите очекувања од производот, во целост.
Групацијата „Перутнина Птуј“ работи на 7 пазари, а производите ги продава во 20 држави. Каква е позицијата на „Перутнина Птуј“ – Скопје во споредба со другите и колкава е продажбата на производи во Македонија, волуменски и вредносно?
Во 2019 година украинскиот холдинг МХП ја презеде прехранбена компанија „Перутнина Птуј“. МХП е рангиран меѓу првите 10 производители на живина во светот, според рангирањето на WattPoultry Top Companies. Компанијата извезува над 50% од своите производи во повеќе од 70 земји, со клучни пазари на Блискиот Исток, Европската Унија и Африка. Покрај тоа, МХП е еден од водечките извозници на растителни масла во Украина. „Перутнина Птуј“ во Македонија е работи од отварањето во 2010 гoдина. Продажната реализација од година во година се зголемува , но е помало од земјите кои имаат производство. Реализацијата во волумен се движи околу 5.000 тони или приближно 20 милиони евра на годишно ниво.
Во секој случај позицијата на „Перутнина Птуј“ - Скопје во регионот на поранешна Југославија останува значајна на ниво на групација имајќи го предвид стратешкиот план за годините што следат.
Пазарот на месо и месни производи е релативно силен во Македонија и во маркетите може да се најдат повеќе домашни и странски брендови со долгогодишна традиција. На кој начин обезбедувате место на полиците во трговските синџири, односно во потрошувачките кошници на купувачите?
Се согласувам. Естимациите за големината на пазарот во Македонија само за пилешко месо е околу 40.000 тони. На пазарот се застапени интернационални и локални брендови кои имаат силна позиција и се добро позиционирани и потрошувачите ги препознаваат. Од овие причини конкуренцијата е голема, но тоа ни дава поттик преку нашиот бренд Perutnina Ptuj, кој годинава слави 120 години постоење, да дадеме посебна вредност за крајните потрошувачи. Квалитетот на нашите производи и традицијата на производство се одамна познати, што ја покажува и нашата поставеност на полиците. Дополнително брендот Poli изминатата година прослави 50 години постоење на пазаров во регионот.
Јас сум во продажба повеќе од 15 години и нема друг пат за градење бренд освен квалитет.
Каква е вашата соработка со трговските синџири и какво влијание врз компанијата има перцепцијата на потрошувачите за високите цени, што предизвика и бојкот на трговците во Македонија, но и во регионот?
Како врвен бренд во категорија месо и месни производи, ние сме застапени во сите продажни места. Потрошувачите ги бараат нашите производи и се верни на брендот, традицијата и квалитетот.
Со самото тоа, како одговорна компанија неминовно ги следиме законските прописи и сите мерки што се носат од државата за доброто на нашите потрошувачи. Од економски аспект, сметам дека сите мерки што се носат треба да бидат во синергија со државата, производителот, дистрибутерот и трговецот. Само така би имале контрола на тоа што сакаме да го постигнеме и дали ќе има бојкот или не од страна на некој што не е задоволен од мерката. Мора да има врвна комуникација за да разбереме дали тоа има економска логика за сите нас, а не само за поединци.
Која е Вашата стратегија на пронаоѓање, но и на задржување на вработените, особено ако се земе предвид недостигот на работна сила во Македонија и во регионот?
Секоја компанија зависи од вработените, тие се основната сила. Како компанија се грижиме за нашите вработени во секоја смисла на зборот. Во „Перутнина Птуј“ - Скопје нашиот тим не е голем, но ние сме компактни и одлично функционираме. Кога имаме потреба од нови колеги, како и секоја компанија, ги користиме услугите на агенциите за регрутирање кои се експерти во тој поглед.
Во мај 2024 година беше одбележан 50-годишен јубилеј на брендот Poli. Како би го опишале овој бренд и што е тоа по што се разликува од другите. Поради кои карактеристики опстана толку години на пазарите од Адриа Регионот?
Poli е посебен бренд во делот на преработките од месо, бренд со кој сите ние имаме пораснато. Како во соседните земји, така и кај нас има посебно значење по неговиот посебен вкус, изглед… Оваа година имаме посебен пристап кон Poli во поглед на маркетинг-активности и новитети со кои позитивно ќе ги изненадиме нашите потрошувачи.
Како ја гледате иднината на компанијата на македонскиот пазар. Какви се Вашите планови, личните и плановите за компанијата? Што ново може да се очекува годинава од „Перутнина Птуј“?
„Перутнина Птуј“ е одлично етаблирана на македонскиот пазар. Нашиот стремеж е секогаш да бидеме иновативни во секој поглед пред нашите потрошувачи. Како и секоја година, лансираме нови производи или новитети. Па така и годинава во секоја категорија имаме по некое изненадување. Тоа што е важно и би сакал да го споделам со вас е дека фокусот ќе биде на свежото месо, тоа е нашата главна цел. Сакаме да им покажеме на потрошувачите кои се придобивките од консумирањето свежо месо кое е контролирано од фарма до нивната трпеза.
Го споменавте приоритетот на следливоста од нива до трпеза во вашето портфолио. Кoja e најважната карактеристика на брендот Perutnina Ptuj? Дали сите линии се еднакво добро примени и препознатливи?
Повторно ќе напоменам, и тоа со гордост, квалитетот. Квалитетот на секој производ што го произведуваме е нешто за што најмногу се грижиме и во што вложуваме низ годините. Линиите за сите категории се усогласени за производство во сите земји, со унифицирани и сертифицирани стандарди (ХАСАП, Халал итн.). Впрочем, затоа и изградивме традиција од 120 години. Јас сум во продажба повеќе од 15 години и нема друг пат за градење бренд освен квалитет.
Со колкав производствен капацитет располага групацијата „Перутнина Птуј“ и од колку производи се состои вашето портфолио? Колкав дел од производството е наменет за извоз и на кои сè пазари?
Производствениот капацитет на групација изнесува 130.000 тони на годишно ниво. Извоз имаме во повеќе од 70 земји, меѓу кои Америка, Обединети Арапски Емирати, Шведска итн. Процентуално, извозот изнесува над 50% од вкупниот производствен капацитет. Нашето портфолио има повеќе од 150 производи во моментов, планот е да се прошири во тековната година.
Во која мера групацијата „Перутнина Птуј“ ги следи трендовите кога станува збор за новите технологии, софтверските решенија и слично? Колку има инвестирано групацијата во овој поглед досега?
Трендовите во поглед на софтверски решенија и технологии се имплементираат на ниво на цела групација. Доказ за тоа е имплементацијата на САП систем во сите земји. Инвестициите се огромни и „Перутнина Птуј“ знае колку е тоа значајно во секој поглед во ова модерно време на водење бизнис.
Какви резултати имавте минатата година и какви очекувате годинава? Дали се тие во согласност со прифатената продажна стратегија и зацртаните продажни цели?
„Перутнина Птуј“ - Скопје е основана во 2010 година и, по 13 години, минатата година направивме историски резултат со пораст од 8% споредено со 2023 година. Стратешката цел во годините што следат е двоцифрен раст во кој веруваме, особено што од оваа година стартуваме со нов модел во процесот на продажба каде ја зголемуваме одговорноста на нашиот стратешки соработник дистрибутер „Колид фудс“ во остварување на заедничките цели.
Кога ќе се земат сите можности што се пред нас, тимот на луѓе што работи во компанијата, и нашиот дистрибутер кој има огромно искуство во делот со месо, порастот е повеќе од возможен.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.