Министерството за финансии во соработка со Управата за јавни приходи, Царинската управа и Финансиската полиција најави засилени активности во борбата против нелојалната конкуренција во е-трговијата.
Се најавуваат засилени контроли на оние поединци кои не се регистрирани во системот и изработка на платформа каде ќе се пријавуваат нерегистрираните продавачи.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска, потребна е взаемна соработка на сите засегати страни со цел да се сузбие сивата економија во овој сектор и да се заштитат институциите, реалниот сектор и купувачите.
Ќе формираме работна група затоа што од една страна производите влегуваат на пазарот, од друга страна има некој кој ги продава овие производи на социјалните мрежи, а од трета страна го имаме купувачот кој ги купува производите, а за тоа не добива фискална сметка. На крајот се сведува на тоа купувачот, кој не е задоволен, да поднесе жалба до Државниот пазарен инспекторат, кој не може да реагира, бидејќи нема фискална сметка. Мораме и на крајните потрошувачи да им обратиме внимание да внимаваат од каде порачуваат, за сите заедно да ги заштитиме и купувачите, и институциите и да му помогнеме на реалниот сектор, изјави Ангеловска.
Според податоците на Народна банка, во земјава има околу 960 регистрирани електронски трговци, но нема точни податоци за бројот на нерегистрирани е-трговци кои нудат и продаваат производи преку социјалните мрежи. Генерално, сивата економија во земјата е околу 30 проценти, а во овој процент влегува и нелојалната конкуренција во е-трговијата.
Електронската трговија станува се поприсутна кај нас. Минатата година за 26 отсто пораснал обемот на плаќање со картички на електронски продавници, а во првото полугодие од годината изнесува 86 милиони евра.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.