Македонија

InStore анализа: Малопродажбата на македонскиот пазар

16 Aug 2023

МАПАТА НА ТРГОВЦИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно, но со оглед на содржината, се користи во текот на целата година. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 34 компании што работат во малопродажба. Во изборот на компании влегоа КА, ЛКА, дисконтери и мали дуќани што имаат повеќе од една продавница

Автор: Верица Мартиновска, verica@instore.mk

Помина уште една година исполнета со предизвици. Минатата 2022 година беше исклучително предизвикувачка, особено за малопродажбата. Рефлексијата од кризата го насочи целото внимание кон нив, конкретно, на нивното формирање на цените. Трговците беа под „будно око“ и од потрошувачите и од Владата, поради што им беа воведени мерка за замрзнување на цените на основните производи, како и мерка за замрзнување на маржата, чија важност заврши на крајот од јуни годинава.

Минатата година трговците мораа да обрнат внимание на потрошувачите и на таргетирање на нивните навики кои се видно сменети по пандемијата. Друг предизвик е инфлацискиот притисок кој направи потрошувачите да се посвесни за изборот каде ќе купуваат. Еден од проблемите со кои се соочуваат сите бизниси се намалениот број на работници кои се одлучуваат да работат во маркетите, но и намалениот број на потрошувачи. Воедно, се соочија и со целосно ресетирање на лојалноста, која е разобличена поради ценовната сензитивност. Цените! Токму тие станаа главната нишка околу која многу се зборуваше - замрзнување на цените, усогласување на цените, двоцифрени попусти, акции...

45% од вкупно остварените приходи од продажба на производи за 2022 година се остварени од дисконтите КАМ, „Киппер“ и „Стокомак“

Со овие предизвици се соочија трговците на глобално ниво, но и оние кои работат на македонскиот пазар. Ако минатата година забележавме поинтензивно зголемување на малопродажната мрежа на поголем број трговци, годинава ситуацијата е поинаква. „Сет-унион“ ги затвори маркетите „Пакет“, а неколку трговци во разговор со редакцијата најавија дека ќе ги затвораат маркетите до крајот на годината. Доколку се земе бројот на продавници отворени во 2021 година во споредба со оние лани, може да се заклучи дека одреден број трговци работат преку помал број на продавници.

Од друга страна, иако со намален интензитет, тука се компаниите кои решија да продолжат со инвестирање во реновирања и во нови продажни места и покрај сите предизвици. Бројот на продавници го зголемија „Кам“, „Киппер“, „Стокомак“, „Зур“, „Веро“, „Жито“, „Елида“...

И годинава InStore посвети големо внимание во подготовка на четвртата МАПА НА ТРГОВЦИ. Податоците ги добивме од „Таргет груп“, односно од нивната база на финансиски податоци biznismreza.mk. Според податоците, вкупниот приход од продажба на производи во 2022 година, остварени од 34. трговци вклучени во анализата, изнесува 64.567.303.970 денари, додека вкупниот профит за истата година изнесува 1.893.388.518 денари. Анализираните трговци работат преку вкупно 805 продавници во Македонија.

1,89 милијарди денари е вкупно остварениот профит на 34. анализирани трговци во 2022 година

Во табела 1 е дадена финансиската анализа според профит во 2022 година. Првите две позиции се непроменети: „Веро“ е на првата позиција со остварен профит во 2022 година од  564.609.014 денари, кој бележи пад од 11,2%, во споредба со 2021 година, а на второ место е „Кам“ со остварен профит од 304.432.435 денари и пад од 2,41%. Промена од лани има на третата позиција, каде што се наоѓаше „Киппер“, кој сега е на четвртото место со остварен профит од 207.787.775 денари. На негово место е „Стокомак“ со остварен профит од 214.007.889 денари. Лани во првата петорка беше „Тинекс“, а годинава е „дм дрогерие маркт“, кој забележа пораст на профитот од 91,94%, односно 117.410.100 денари. Освен „дм дорогерие маркт“, поголем пораст на профитот бележат маркетите „Ду-бо“ од Куманово и „Киси трејд“ од Струмица. Првите три малопродажни компании оствариле вкупен профит од 1.083.049.338 денари, што е 57% од вкупниот профит остварен од 34. анализирани трговци.

Во табела 2, која може да ја видите на 16 страница, се дадени трговците според остварените приходи од продажба на производи во 2022 година. Според овој параметар, на првите три позиции се дисконтери кои минатата година оствариле најмногу приходи. На истата позиција од лани е единствено „Кам“ со остварени приходи од продажба на производи во износ од 13.820.154.246 денари. На втората позиција е „Киппер“ со остварени 8.072.684.520 денари и „Стокомак“ со 7.205.771.699 денари. Вкупните приходи од продажба на производи остварени од првите три трговци е 29.098.610.465 денари, што е 45% од вкупно остварените приходи од 34. анализирани трговци. Од споменатите вкупно 805 продавници преку кои работат анализираните трговци, 260 им припаѓаат на првите три - КАМ, „Киппер“ и „Стокомак“, односно 32,3%.

Според приходите од продажба на производи, како и секоја година, ги мапираме најдобрите 15. Мапата на трговците (18 страница) ни ја доловува реалната слика на распространетост на трговците на македонскиот пазар, а дава и одговор на прашањето за конкуренцијата и нејзината присутност во одреден град.

805 продавници вкупно имаат 34. анализирани трговци во 2022 година

Финансиските анализи кои InStore ги нуди во специјалното издание МАПА НА ТРГОВЦИ во голема мера покажуваат каде се наоѓа Вашата компанија во споредба со другите на пазарот. Сепак, треба да се има предвид дека за целосната слика важни се и податоците за новоотворени маркети, капиталните вложувања, споредните бизниси и сл.

Се надеваме дека ова специјално издание и годинава ќе биде ваша потпора во донесувањето на новите бизнис-одлуки. Наше е и понатаму да нудиме изданија и содржини кои се издаваат еднаш, а се користат во текот на целата година.

Целата анализа и табелите можете да ги видите на стр.4-19 во Мапата на трговци на InStore. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...