Актуелно

Профил на македонскиот купувач

24 Jul 2024

Синдицираното истражување Shopping Monitor на „Индаго“ ни дава конкретни информации за купувачките навики на македонските купувачи. Воедно, овозможува да се претстави профилот на македонскиот купувач, а во истражувањето подготвено за „Мапа на трговци“ профилот го анализираме преку однесувањето на потрошувачите при купувањето, причините за избор на продавницата каде што најчесто пазарат и вредноста која најчесто ја трошат при купувањето.

    Пишува: Боге Божиновски, генерален менаџер на „Индаго“

Во рамките на редовните годишни истражувања за купувачките навики, „Индаго“ годинава го спроведе синдицираното истражување Shopping Monitor. Во продолжение ќе го претставиме профилот на македонскиот купувач во поглед на купување храна и други производи за широка потрошувачка (FMCG).

Одговорајќи за сопствените навики при купување, 52% од испитаниците кажале дека прават листа со производите што треба да ги купат пред да отидат на продажното место (повеќе споредено со 49% во 2023). Една половина од купувачите (52%) изјавиле дека купуваат повеќе отколку што им е потребно, додека процентот на купувачи кои изјавиле дека купуваат приватни трговски марки (60%) е ист во однос на 2023 година (60%).  Дополнително, процентот на купувачи што одат со автомобил при купување значително е зголемен споредено со 2023 година (73% во 2024; 60% во 2023).

Во поглед на купувачките навики на неделно ниво, процентот на купувачи што прават големи пазарења е зголемен во 2024, односно 24% од купувачите прават големи пазарења, додека процентот на купувачи што прават импулсивно пазарење и на оние што бараат промоции на продажните места е зголемен споредено со резултатите од 2023 година. Имено, 67% од купувачите навеле дека прават импулсивни пазарења споредено со 62% во 2023, додека процентот на купувачи што се во потрага по промоции и акции е зголемен на 26% споредено со 23% во 2023 година. Дополнително, процентот на купувачи што купуваат онлајн сè уште е многу низок, односно ист е процентот споредено со истражувањето спроведено во 2023 кога само 4% од купувачите изјавиле дека го практикуваат овој начин на купување кога станува збор за производи за широка потрошувачка. Повеќе на графикон 1.

         

Вредноста за парите – причина за избор на продавница

За најголем дел од купувачите најважен критериум при избор на главната продавница (продажно место каде што најчесто ги прават пазарењата) е вредноста за парите – ова е првоспомената причина од 20% од купувачите и речиси половината (49%) од купувачите ја навеле како причина за избор. Асортиманот на производи и близината на продажното место (до нивниот дом или работно место) се другите две причини за избор на „главна“ продавница. Асортиманот на производи е истакнат како првоспомената причина од 14% од испитаниците и 48% од вкупниот број купувачи, додека близината на продажното место (до нивниот дом или работно место) е причина за избор на главна продавница за 46% од купувачите, а за 29% е првоспомената причина. Споредено со минатогодишното истражување, асортиманот на производи достапен во продавниците и блискоста до домот или работата на продажното место имаат зголемена важност за купувачите. Од друга страна, помал процент на купувачи навеле поволни цени на одредени производи како причина за избор на главна продавница. Повеќе на графикон 2.

           

Трошење и плаќање

Македонскиот купувач во просек троши 20.410 денари месечно за купување FMCG-производи, од кои 52% отпаѓаат на храна (графикон 3). Во споредба со истражувањето од 2023 година, месечните трошоци за производи за широка потрошувачка се значително зголемени за 2.517 денари, односно купувачите трошат речиси 12% повеќе за производи за широка потрошувачка.

Графикон 3: Потрошувачка и начин на плаќање

                           

 

За истражувањето

Истражувањето за навиките и начините на пазарење на македонското население беше спроведено во април 2024 на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници кои се одговорни во домаќинствата за набавка на храна и други производи за широка потрошувачка (FMCG).

За агенцијата

„Индаго“, како една од првите агенции за истражување на пазарот, постојано вложува во континуиран развој на истражувачките алатки и решенија и иницира нов пристап кон истражувањето. Само иновативната мисла и акција можат да му обезбедат на клиентот информација врз чија база ќе ги донесува своите одлуки. Имагинација, креативност и интердисциплинарно размислување се квалитетите што ги имаат искусните експерти во „Индаго“ од областа на истражувањето на пазарот и кои претставуваат солиден почетен капитал на секој проект.

Контакт: Боге Божиновски

boge.bozinovski@indago.mk

Адреса: бул.ВМРО 1, Скопје

Телефон: +389 312 6001

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...