Актуелно

Инсајдер ИД: Најмногу пари се трошат за (не)прехранбени производи

09 Aug 2023

За потребите на специјалното издание „Мапа на трговци“ се анализираат неколку прашања од истражувањата „Влијанието на задоволството од животот и социо-економските аспекти на македонскиот потрошувач“ и „Преферирани маркети според потрошувачите 2022 година“. И двете истражувања се нарачани, планирани, организирани и финансирани од агенцијата за истражување и консалтинг „Инсајдер ИД“. Истражувањата се однесуваат на влијанието и задоволството од финансиите кај македонските потрошувачи

Автор: Сегеј Зафироски, генерален менаџер на „Инсајдер ИД“

Задоволството од животот е субјективна категорија и е високо зависна од вредностите, животното искуство, настаните, како и возраста на личноста. Што ја исполнува една личност е различно од друга на индивидуално ниво, но генералното размислување е релевантно од истражувачка перспектива, доколку поголем дел од популацијата го има тоа размислување. Тоа што има влијание и на задоволството од живот и на потрошувачкото однесување се финансиите кои лицата ги имаат на располагање. Поголем месечен буџет овозможува купување поголем број производи и услуги, што во крајна линија влијае и врз задоволството на индивидуите како потрошувачи и воопшто од квалитетот на живот.

Имајќи ја предвид ситуацијата во светот од аспект на инфлацијата и наглото зголемување на цените од една страна, и неможноста компаниите со иста брзина да ги зголемуваат платите на вработените, задоволството од финансиската состојба дополнително ќе се комплицира. Македонските компании не се исклучени, имајќи предвид дека во првата половина на 2023 година и покрај зголемувањето на каматните стапки, инфлацијата сè уште е висока, а со тоа и реалната вредност на платите за вработените ќе биде пониска. Потрошувачите ќе бидат сѐ попребирливи и нивните очекувања во однос на намалувања на цените на производите, особено тие за широка потрошувачка, ќе бидат се поизразени. Цената како фактор е повторно највисоко рангирана при избор на производ и маркет за 66% од домашните потрошувачи според истражувањето од „Инсајдер ИД“.

Според размислувањата, сите групи на потрошувачи, без разлика на приходот со кој моментално располагаат, сметаат дека има значително зголемување на цените на производите (графикон 1). Очекувано, кај потрошувачите  што имаат понизок месечен приход и перцепцијата за поскапувањето е повисока отколку кај тие со приход, на пример, над 1.000 евра. Тоа што е дополнително забележливо е дека потрошувачите имаат желба нивните приходи да се зголемат со повисок процент споредено со поскапувањето на цените, како на пример кај групата која има 1.201 – 1.500 евра месечно, посакуваното зголемување на платата е 60%, додека истата група смета дека поскапувањето изнесува 51%.

66% од домашните потрошувачи сметаат дека цената е битен фактор при избор на производ и маркет

Тоа што е, исто така, значајно е дека потрошувачите што имаат понизок месечен приход (особено до 350 евра месечно) посакуваат поголемо реално зголемување на приходот, бидејќи посакуваната плата го надминува перципираното поскапување (инфлација) за поголем степен, во однос на тие што имаат над 500 евра. Всушност, посакуваното зголемување на платата и кај лицата со повисок приход, повеќе од 1.200 евра, надминува 60%.

Задоволство од моменталниот приход и неговото распределување

Иако претходно споменавме дека задоволството од животот зависи од многу различни аспекти, сепак, еден од најважните е расположливиот месечен приход. Генералното задоволство од расположливиот месечен приход кај македонските потрошувачи е 5,61, додека задоволството како е тој потрошен е 5,31. Барањето за значително зголемување на приходот (од претходното прашање) го потврдува фактот дека недостатокот (реален или не) на средства влијае и врз задоволството од живеење. На графикон 2 е прикажана корелацијата меѓу задоволството од просечниот месечен доход кај потрошувачите во Македонија.

Очекувано, одговорите имаат нормален распоред, односно најголем дел од потрошувачите имаат средна оцена во однос на критериумот, особено кога е во прашање задоволство од приходот. Доколку треба да се поделат во групи како што се и рангирањата, приближно 12% од потрошувачите се високо задоволни од приходот, 42% се умерено задоволни, додека кај сите други постои незадоволство од приходот. Задоволството е намалено во 2022 во споредба со 2021, а продолжувањето на трендот на зголемување на цените и „теснење“ на слободниот приход во 2023 може дополнително да влијае врз задоволството од финансиите. Пониското задоволство кај приближно 50% од потрошувачите на краток рок ќе предизвика дополнителна потреба од оптимизација на буџетот со кој располагаат, а со тоа и потенцијално намалување на трошењето за производи и услуги кои се сметаат за непотребни или оптоварување на буџетот во дадениот момент.

Распределбата на буџетот е во делумна контрола на потрошувачите (графикон 3) бидејќи дел од месечните трошоци кои се поврзани со други категории, а не само за широка потрошувачка, е потребно да се подмират пред да остане „слободниот буџет“. Сепак, делумната контрола овозможува потрошувачите да менаџираат во поголем степен што, кога и во која количина ќе купат. Распоредот на одговорите укажува дека потрошувачите се приближно идентично задоволни со распределбата на буџетот, колку и од буџетот што го имаат на располагање. Приближно 10% се високо задоволни, 38% се умерено задоволни, а сите други сметаат дека распределбата е несоодветна. И покрај тоа што распределбата на буџетот е во контрола на потрошувачите, несоодветното користење на средствата повторно ќе се „препише“ на зголемувањето на цените и инфлацијата.

Во поглед на категориите за кои најмногу се трошат пари, вкупниот збир на одговорите сугерира дека потрошувачите минимум трошат средства на 3.5 категории на производи (графикон 4). Во однос на тоа кои се конкретните категории на кои се распределува буџетот, најголем процент од потрошувачите или 71% го трошат на прехранбени и хигиенски производи за дома и сметки за дома со 64%. На третата и четвртата позиција се облека и банкарски кредити со 36, односно 34%. Распределбата е изработена според размислувањето на потрошувачите и постои веројатност да не кореспондира 100% со реалното трошење на буџетот. Размислувањето од најголем дел од потрошувачите дека трошат солиден дел на прехранбени и хигиенски производи, дополнето со незадоволството од тоа како се распределува буџетот, посочува дека може да се очекува оптимизација на потрошувачката кошница. Истото не сугерира дека потрошувачите ќе прекинат со купување на производите, туку ќе го намалат купувањето на конкретни категории прехранбени производи, бидејќи на таков начин директно ќе влијаат врз оптимизацијата на буџетот.

71% од потрошувачите го трошат буџетот на прехранбени и хигиенски производи

Заклучок

Имајќи ги предвид сите информации, може да се очекува промена на однесувањето на потрошувачите во насока на оптимизација на буџетите преку намалување на трошењето на категории кои се клучни, примарни производи за широка потрошувачка. Историски, и покрај екстремното размислување за промена на однесувањето кај дел од потрошувачите, реално не настанува таа промена, односно продолжуваат со идентичното пазарење како и претходно. Сепак, забележителната потреба за зголемување на месечниот приход ќе предизвика со сигурност промена на краток рок (повисока ценовна сензитивност), која македонските компании ќе е потребно да ја имаат предвид при креирање маркетинг и продажната стратегија. Една од алтернативите е компаниите да се обидат да ја комуницираат употребната вредност на производот за потрошувачите или да го зголемат пазарот (нови пазари или пазарни сегменти), бидејќи намалувањето на цената, под притисок на зголемување на трошоците за набавка е комплексно применлива опција.

 

 

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...