Анализи

ЛС ритеил: Седум најиновативни трендови во 2019 година

24 Apr 2019

Менувајќи се во простор за забава, трговците ја менуваат и индустријата. Во иднина, во борбата за внимание на корисниците ќе се натпреваруваат со музеи, концертни сали, ресторани, стадиони и, секако, со социјалните мрежи.

Извор: „ЛС ритеил“

Трговијата поминува низ период на невидени промени. Некои од нив ќе бидат краткотрајни, додека други ќе ја револуционираат оваа индустрија и целосно ќе ја променат. Минатата година сведочевме дека многу трговци на мало се опремија со мобилна технологија, во објектите и надвор од нив. Исто така, работеа на интеграција на продажните канали и го поедноставија плаќањето, со цел искуството при купување да го направат поедноставно и лично за купувачите. Некои минатогодишни трендови дополнително ќе се зајакнат, но истовремено нови трендови ќе се појават на пазарот и со тоа ќе понудат нови можности и предизвици - за тие што брзо ќе реагираат. Разговаравме со трговци на мало и експерти од индустријата и одвоивме седум тренда и технологии во процут за кои се смета дека ќе ја променат малопродажбата во наредните години.

ТРЕНД 1

Помалку, привремено

Дали ерата на големите формати е готова? Иако е-трговијата како конкуренција не ги уништи физичките продавници, во многу нешта го промени нивниот изглед.

Помали разлики

Како се зголемува конкуренцијата, така разликата меѓу продажните сектори и индустријата станува сè помала. Дрогериите и продавниците „сè за 1 долар“ (кај нас познати како „сè за 99 денари“) сега продаваат сè, од слатки до свежи производи; традиционалните продавници на мало како „Нордсторм“, „Армани“ и „Урбан аутфитерс“ отвораат ресторани и кафулиња. Некои, како компанијата за продажба на мебел „Вест Елм“ и севременскиот бренд Shinola, најавија отворање хотели. Зошто веќе докажаните трговци се шират на нови подрачја? Се обидуваат подолго да ги задржат купувачите во своите продавници за што е можно подолго да бидат опкружени со производите од тој бренд. Предвидуваме дека во иднина сè повеќе ќе има вакви експерименти кои комбинираат различни подрачја.

Директно

Технологијата поттикна многумина да се занимаваат со малопродажбата. Како што станува поедноставно да се продава директно на купувачите, така сè повеќе производители и големотрговци ги исфрлуваат посредниците. Сетете се на Google Shopping, со повеќе од милијарда производи на продажба; сетете се на веб-страниците за продажба (како Etsy, eBay, Craigslist и брзорастечкиот Amazon marketplace) каде што поединци и мали компании продаваат свои производи на глобално ниво. Директната продажба е добар потег за производителите: можат да остварат однос со купувачите и да собираат податоци за нив за да можат да ги подобрат своите производи. Меѓутоа, тоа е воедно и лоша вест за трговците што се натпреваруваат на истиот пазар.

Мало

Продавниците со помал формат почнаа да се појавуваат насекаде во последните неколку години: продавници од голем формат, „Волмарт“, „Хол фудс“ „Сирс“, ги отфрлија големите складишта и отворија мали продавници. Во наредните години ќе видиме како сè повеќе гиганти ќе се префрлуваат на мали формати. Како што се зајакнува е-продажбата, така трговците на мало сфатија дека нивните физички продавници не можат да се натпреваруваат со огромните каталози и непрегледни редови на онлајн-продавниците. Па, се одлучија за спротивното - специјализација. Продавниците од помал формат подобро се приспособуваат на секојдневната рутина на вработените луѓе, кои се брзаат и немаат време да разгледуваат производи на полица.

Привремено

Следниот чекор на „Амазон“ во офлајн-продавниците беше отворање поп-ап продавници. Во Европа познатите брендови како „Лидл“, „Теско“ и „Икеа“ отворија поп-ап ресторани. Глобално гледано, дигиталните компании лансираат привремени продавници за да остварат контакт и да ја подигнат свеста за својот бренд кај целните корисници. Дури и брендовите како Tesla отвораат поп-ап изложбени салони.

Класичните продавници на мало нема да исчезнат, но ќе мора да се променат. Ако потрошувачите можат да го добијат тоа што го сакаат со неколку клика, ако производителите директно им продаваат на потрошувачите - како да се натпреварувате со тоа? Одговорот е: така што ќе бидете поинакви и ќе ги изненадите. Диференцијацијата ќе биде клучна: продавниците на мало ќе бидат насочени на одредена пазарна ниша и ќе опстанат посебните искуства. Меѓутоа, тие што нудат пообично искуство што може да се најде каде било сигурно ќе ги затворат продавниците.

ТРЕНД 2

Искуство за паметење

Физичките продавници не можат да понудат иста ширина на избор на производите и ниски цени како онлајн-продавниците, па наместо тоа, се обидуваат на купувачите да им понудат искуство кое не може да се искуси онлајн.

Да се забавуваме

За да ги исполнат потребите за нови искуства, продавниците и трговските центри се трансформираат во забавни центри. Продавницата на мало „Тајгер“ отвори гејминг-кафулиња со цел поттикнување дружење по пат на игри; корејската продавница на мало „Хомплус“ изгради терени за фудбал на покривите на своите три продавници; трговската куќа „Мејсис“ заедно со група за танцување приредува спонтани настани за танцување во утринските часови во рамките на трговската куќа. Од фитнес-клубови во продавниците за спортска опрема до концерти во бутици и дегустација на вино, малопродажбата се менува за да не стане непотребна. Менувајќи се во простори за забава, продавниците ја менуваат и индустријата. Во иднина, во борба за внимание од корисниците ќе се натпреваруваат со музеите, концертните сали, рестораните, стадионите и, секако, со социјалните мрежи.

 Во живо

Како што се развива е-трговијата, така физичките продавници стануваат места каде што потрошувачите можат да ги искусат производите од прва рака. „Самсунг 837“ е првата флегшип продавница од овој бренд во Њујорк, осмислена да понуди искуство во учењето. Посетителите можат да си поиграат со нивните производи, но не можат да ги купат. Исто така, и искуствената продавница на „Гугл“ е место каде што луѓето можат да ги испробаат новите гаџети, од опрема ВР до паметни телефони, но не можат тука да ги купат - тоа може да го направат онлајн.

Персоналот е клучен

Како што искуството станува примарна причина за посета на физичката продавница, така вработените стануваат поважни од кога било. Учесниците на истражувањето Total Retail на ПвЦ велат дека трговците што сакаат да го подобрат искуството во купувањето треба да бидат продавачи со големо искуство. Во наредниот период напредните трговци ќе инвестираат во своите вработени бидејќи знаат дека тоа ќе се рефлектира на искуството на купувачите. Затоа мора да се фокусирате на:

- Брендовите насочени на купувачите веќе им даваат на своите вработени напоредна мобилна технологија за продажба со чија помош побрзо ги услужуваат купувачите и ја решаваат продажбата, додека истовремено нудат одлични информации за производите и препораките;

- Интерес на вработените за брендот;

- Обезбедување основна обука за вработените за производите во текот на нивната кариера;

- Опремување на персоналот со технологија која ќе придонесе за возбудливо искуство.

Мора да се соочиме со тоа: за повеќето наши купувања наскоро нема да ни биде потребна малопродажбата. За да опстане, ќе мора да исполнува нови потреби. Можеби се чини дека ситуацијата е лоша, но има и надеж. До 2020 година искуството ќе ги надмине производите и цените, истакнува Мери Портас, еден од најголемите експерти за малопродажба и бренд-комуникација во Велика Британија.

Победниците и годинава и во блиска иднина ќе бидат продавници на мало кои нудат пријатна атмосфера, стручни вработени, како и забава и едукација  - со одлични производи. Тука луѓето ќе сакаат да го поминуваат своето слободно време и да ги трошат парите.

ТРЕНД 3

Нова реалност

ВР (виртуелна реалност) и АР (проширена реалност): честопати ќе ги слушате терминиве во блиска иднина. Виртуелната реалност е компјутерски генерирана симулација на опкружувањето од реалниот живот со која корисникот има интеракција. Проширената реалност, од друга страна,. е спој на реалниот живот и виртуелната реалност со компјутерски генерирани додатоци кои се придодадени на реалното опкружување. Напредните продавници на мало веќе отвораат нови, магични светови за своите корисници со помош на оваа импресивна технологија. Неодамна видовме огледала во живо кои даваат препораки за модни комбинации и промоции во кабините за пробување. Трговската куќа „Мејсис“ создаде ВР-верзија на својата флегшип продавница од Њујорк ексклузивно за кинеските купувачи на „Алибаба“. На Денот на самците (11 ноември) купувачите можеа да ја посетат виртуелната продавница преку апликација и да купуваат во неа на илјада милји далечина. Импресивните технологии сè уште се недоволно раширени, така што за многумина се премногу напредни, така што се одличен начин за поттикнување на фантазијата и подобрување на односот меѓу купувачите и брендот. Факторот новитет, исто така, може да ја зголеми базата на корисници како што луѓето им го препорачуваат виртуелното искуство на пријателите.

Како што малопродажбата го увидува нивниот потенцијал во смисла на ангажман на корисниците и експериментирање, АР и ВР сè повеќе ќе се шират. Се предвидува дека до 2020 година 100 милиони корисници ќе купуваат во проширена реалност. За неколку години тие ќе станат вообичаени и секојдневни како што се денес мобилните телефони. Напредните купувачи на мало ќе размислуваат како можат да ја вклучат оваа импресивна технологија во својата стратегија во следните месеци, за да не се изгуби факторот новитет.

ТРЕНД 4

Технологијата е секаде околу нас

Технологијата е секаде и луѓето се навикнати да го очекуваат неочекуваното. Иновациите што се чинеа неверојатни пред неколку години, сетете се на доставата со дронови, автономни автомобили и 3Д-печатење, веќе станаа вообичаени.

Пред сè мобилно, пред сè во облак

Според најновиот Mobility report од „Ериксон“, се очекува до 2020 година бројот на корисници на паметни телефони да изнесува 6,1 милијарди. Паметните телефони и таблети станаа примарен начин на интеракција меѓу брендовите и корисниците и сè почесто се спојуваат со другите уреди што се онлајн. До 2020 година „Гартнер“ предвидува дека ќе постојат 21 милијарда поврзани интернет на нештата (IoT) кои ќе создаваат нови искуства за брендовите, онлајн и во физичките продавници. Облакот ќе расте, а веќе и ги поддржува малите трговци така што им овозможува пристап до најновите технолошки услуги - Poin of Sale (POS) и алатки за продажба до аналитичките податоци и сервисите за препорака - за далеку помала цена.

Во вашите кондури

Од облека која може безжично да ги полни мобилните телефони до паметни контактни очила со вградена камера, технологијата е скриена во секојдневните додатоци. Компанијата за истражување на пазарот „Форестер“ предвидува дека до 2021 година речиси секој трет Американец ќе користи wearables, технологија која може да ја носите како облека или кондури. Се очекува дека со оваа технологија ќе се покријат речиси сите аспекти на животот: од надзор на нашето здравје и здравјето на миленичињата, планирање патувања, потсетници за состаноци, известување за понуди и поволности.

Вештачка интелигенција

Од препорака на филмови за стримување до паметна асистенција како Cortane на „Мајкрософт“ и Echo на „Амазон“ со системот Alex, вештачката интелигенција го менува начинот на кој купуваме и отвора нов спектар на можности за малопродажбата.

Во рамките на продавницата вештачката интелигенција може да се лансира како виртуелен асистент на продажниот персонал за да понуди препораки по мерка на потрошувачот, персонализирани и посебно насочени на купувачите.

Четботовите се многу интересни бидејќи се покажаа како одлична алатка во создавање пријатно искуство за корисниците и промовирањето на идентитетот на брендот. Постојат одлични можности во ова подрачје: неодамнешното истражување на „Сонартм“ покажува дека 60% од американските милениумци и 53% од англиските милениумци претпочитаат да разговараат со четботови, отколку со вистински лица. Во администрацијата АИ може да биде значајна алатка за оптимизација на комплексните логистички проблеми и проблемите со следење на резервите во малопродажбата.

Технологијата е секаде и сè повеќе ќе се шири. Победниците за оваа година ќе ја користат технологијата како составен дел од корисничките искуства за да ја поддржат едноставноста на брендот и да го поедностават искуството при купувањето, од чинот на пронаоѓање на производите до нивна достава. Напредните трговци на мало ќе размислуваат какви можности им нуди облакот и ќе користат услуги како машинско учење и АИ за да ги едуцираат своите вработени и да им овозможат на купувачите персонализирана услуга.

ТРЕНД 5

Купувач што се грижи

Како што на купувачите им се подобрува финансиската ситуација, така се зголемува и нивната желба да одбираат според паричникот. Иако поврзаноста на парите и квалитетот сè уште е важна при изборот на брендот и производот, потрошувачите ги ценат трговците на мало чиј систем на вредности е сличен со нивниот. Овој тренд веќе се забележува и на глобално ниво: луксузните продавници за храна во кои се продаваат органски производи по високи цени се намножија во Кина, како што опаѓа довербата во традиционалниот систем за производство на храна. Кинеските потрошувачи се прогласени за најосвестените кога е во прашање здравјето.

Здрава храна, за телото и за планетата

Од такси до апартман за одмор, економијата на споделување е во пораст. Да го земеме предвид примерот на Rent the Runway, многу успешен онлајн-сервис за наем на дизајнерски фустани и модни додатоци.

Водејќи се од мотото „Зошто да купите кога можете да изнајмите?“, компанијата е насочена кон помладите генерации потрошувачи, за кои се поинтересни новите стилови отколку купувањето нешта.

Изнајмете за да не купувате

Од нефотошопирани модели кои покажуваат тетоважи и брчки на кожата до кампањи за позитивен однос кон телото, потрошувачите ги ценат брендовите што се искрени и чесни кон нив.

Чесни неретуширани кампања

Модерните потрошувачи се исклучително недоверливи кон мотивите и методите на корпорациите. Ја ценат искреноста. Компаниите како што е „Еверлејн“, моден бренд со достапни цени, кој јавно ги дели информациите за својот синџир за набавка и трошоци за производство до последен денар, се многу популарни (и профитабилни) поради својата отвореност.

Целосната транспарентност се исплати

Во годините што доаѓаат ќе видиме сè повеќе примери на успешни трговци кои се водат од системот на вредности. Брендовите што се искрени, чесни и се држат до својот збор, кои прават купувачите да мислат добро за себе и комуницираат искрено и отворено, ќе привлечат голем број купувачи и ќе бидат многу успешни, особено кај милениумците како купувачи.

ТРЕНД 6

Го сакам тоа сега

Заборавете на времето кога без проблем чекавме да ни ја пуштат омилената песна на радио. Живееме во свет на инстант-споделувања.

Видов, купив

Социјалните мрежи ја поттикнуваат потрошувачката. Луѓето ги користат за интеракција со брендовите, за да ги видат рекламите, да ги читаат коментарите, проверуваат рецензии за компаниите и производите. Иако, денес, малку луѓе ги користат социјалните мрежи за купување, оваа активност забрзано добива популарност. Се предвидува дека купувањето на социјалните мрежи ќе стане вообичаено во светот во текот на годините што следуваат.

Само клиенти

Купувањето може да биде забавно. Меѓутоа, кај некои производи најдоброто искуство во купувањето е тоа што не мора да се случи, тврди Амир Пелег, директор на Amazon Dash, услуги кои со притиснување копче на уредите и со пристап на интернет им овозможуваат на клиентите да ги нарачаат производите што веќе ги немаат во домот. Производи поврзани со Dash обично се детергенти, хартиени бришачи и храна за кучиња.

Купено, порачано, доставено

Пред неколку години онлајн-купувачите без проблем би чекале неколку недели за да го добијат тоа што го нарачале. Денес, благодарение на „Амазон“, еднодневната испорака станува стандард до кој треба да се држат компаниите. Станавме нестрпливи до таа мера што статусот на купувањето очекуваме да биде ажуриран за неколку часа. Очекувањата на купувачите се многу високи и постојано растат. За малопродажбата, брзата достава и врвното следење на производот се апсолутно нужни.

Трпение-спасение повеќе не важи. Во иднина победници во малопродажбата ќе бидат компании што ќе можат максимално да ја зголемат удобноста на купувачите и максимално да го намалат времето потрошено на кликање по веб-страниците и исчекување на испораките. Следните два тренда се формираат и стануваат поважни во наредните години:

  • Практичноста е побитна од цените. Затоа луѓето купуваат на социјалните мрежи. Затоа корисниците на Dash ги притискаат копчињата за да ги обноват резервите... тоа е брзо, практично, не е најдобрата понуда на пазарот.
  • Технолошките решенија што го потенцираат практичното купување кога се во прашање едноставни производи можат да ја поттикнат лојалноста кон специфична продавница, но и кон специфични производи.

Како последица на горенаведеното, услугите за претплата, кои им овозможуваат на купувачите да ги добиваат производите редовно на домашна адреса, се многу популарни и се враќаат на голема врата.

ТРЕНД 7

Соработка и персонализација

Масовното производство ја изгуби привлечноста. Денес, луѓето сакаат да купуваат посебни производи, уникатно направени за нив. Во иднината на малопродажбата персонализацијата ќе биде клучен елемент на диференцијација.

Направено за вас

Побарувачката за рачна изработка расте и тешко дека ќе се намали во наредните години. Потрошувачите во целиот свет бараат автентични ракотворби. Размислете за офлајн и онлајн-претпријатија кои продаваат единствени ракотворби - дури и „Амазон“ додаде категорија рачна изработка.

„Адидас“ работи на имплементација на иновативна технологија за скенирање стапала во своите продавници. Идејата е да се произведат патики само за вас, на самото место.

Тимска работа

Како да дизајнирате одличен нов производ кој одговара на потребите на луѓето? Така што ќе соработувате со потрошувачите.

Познатите брендови стануваат поотворени за примање совети од потрошувачите, на пример, користат crowdsourcing (постапка за добивање идеи, услуги од неодредена група луѓе) за да го подобрат развојот на производот. Соработката со стартапите „направи сам“ се исто така во пораст.

Дизајнираме по пат на податоци

Кога интернетот на нештата станува вообичаен, многу повеќе секојдневни предмети можат да понудат податоци за начините на користење и да дадат увид во навиките на потрошувачите и нивните преференции, што станува одличен извор на податоци за малопродажбата.

„Амазон“ го должи својот успех на способноста за собирање податоци од повеќе извори (рецензии од купувачи, веб-страници, пребарувања на производи и, секако, од своите производи), кои потоа се искористени за подобрување на искуството на своите купувачи.

Во иднина персонализацијата ќе зависи од имплицитните податоци: информации што луѓето не им ги даваат експлицитно на трговците, туку тие можат да ги заклучат од нивните навики.

Победниците за оваа година ќе бидат трговците на мало кои сакаат да ги сослушаат своите клиенти и заеднички да ги креираат производите.

Персонализацијата ќе остане тренд и во годините што доаѓаат. За да понудат персонализација која нешто значи, на малопродажбата ќе ѝ требаат висококвалитетни податоци и способност да вклучи информации кои ги добива од клиентите во дизајн на производи и корисничко искуство. Ова е победничка стратегија која стои зад успехот на брендовите на брза мода како H&M и Zara, кои одлично знаат да ги соберат податоците од клиенти и брзо ги вклучуваат во производствениот синџир. Предвидуваме дека малопродажбата во различни индустрии ќе го копира овој трик од брендови од брзата мода.

Заклучок

Поради силните промени, малопродажбата мора да се приспособи и да биде подготвена за промени, или ќе исчезне. Успехот ќе се сведе на способноста трговците на мало да му понудат на купувачот персонализирано и што поедноставно искуство во купувањето во возбудливо опкружување во кое луѓето сакаат да го поминуваат своето време.

Понапредните трговци на мало ќе се насочат на своите напори на имплементација на технологијата која на купувачот ќе му овозможува уживање, а на персоналот помош за купувањето да биде повозбудливо, позабавно и незаборавно.

Добра интеграција на технологијата на локација, аналитика и социјални медиуми ќе биде нужна за да се оствари персонализирана услуга која поттикнува ангажман на купувачот. Индустријата бргу се менува. Придвижете се сега за долгорочно да победите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...