Од денеска па до крајот на април над илјада производи треба да бидат означени со ознаката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Одлуките на Владата беа објавени во „Службен весник“, а трговците треба да ги спроведат. Лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и маслото за јадење имаат замрзнати цени. Цените на овие производи ќе изнесуваат исто колку што изнесувале на први февруари, а маржата за нив е ограничена на пет проценти.
За група од педесет и пет прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер,млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини), бруто профитната маржа ќе изнесува десет проценти.
Петнаесет проценти бруто профитна маржа имаат 39 прехранбени производи и средства за хигена( свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго. Со одлуката за ограничување на маржите и за замрзнување на цените, трговците од Владата добија обврска во маркетите да обезбедат најмалку 70% од количината на продуктите во јануари.
За проверката дали ќе се почитуваат мерките задолжени ќе бидат инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, а утврдените казни за неправилностите ќе се движат до 20.000 евра. На одлуките на Владата вчера реагираа трговците и побараа итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Според Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун со владините одлуки нема да бидат опфатени 1000 производи, туку од 3000 до 4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност, информираа од Комората. Одлуките на Владата ги оценија како избрзани и посочија дека со нив се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти, стои во соопштението на Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун.
Фото: Freepik
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.