Млекарницата „Бимилк“, во соработка со четири невладини организации, донира училишни ранци и млечни производи на првачињата од социјално загрозените семејства.
Донацијата е доставена преку здруженијата на граѓани „Надеж“, „Амбрела“, „Љубезност“ и СОС Детско село, кои работат со луѓе и семејства во социјален ризик. Од здруженијата велат дека донацијата има многу поголема вредност поради поводот и намената.
Кога имате секојдневие во кое родителите се борат да овозможат основни услови за живот, влегувањето во школските клупи за овие деца е момент обременет со економскиот и социјалниот елемент. А секое дете заслужува најдобри услови. Донацијата на овие училишни ранци е гест што го растоварува детското доживување при првото зачекорување во училиште и создава убави и среќни моменти, кои понатаму позитивно се одразуваат врз целата образовна и социјална интеграција, истакна Весна Станковска, координатор на активности во здружението „Љубезност“.
Според Силвија Брајовиќ од СОС Детско село, за секое дете почетокот на образованието е најважен чекор кон патеката на нивната иднина. За дечињата без родителска грижа овој момент е од голема важност, бидејќи почнува фазата во животот која најдиректно ќе влијае на нивната иднина и ќе ја обезбеди сигурноста што им е потребна, вели таа и додава дека „Бимилк“ како стратешки партнер и поддржувач на СОС Детско село веќе неколку години преку различни активности го поддржува растот и развојот на овие дечиња.
Практиката за донација за успешен почеток на учебната година „Бимилк“ ја почна во 2017 година. Оваа иницијатива е насочена кон поддршка на семејства со првачиња, со цел да им помогне при влегувањето во образовниот систем. Проектот опфаќа различни групи на деца.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.