Македонија

Народна обврзница за владин ќеиф?

28 Jun 2023

„Народна обврзница“ за нас, граѓаните. Министерството за финансии планира и на голема врата најавува дека нам, на граѓаните ќе ни овозможи да ја финансираме државата и нејзините инфраструктурни проекти. (Можеби оваа обврзница веќе и ќе биде издадена во моментот кога овој текст ќе се најде пред читателите).

Пишува: Горан Теменугов, новинар 

Ќе ни дозволеле со минимум 162 евра (10.000 денари) да може да купиме обврзница или кој колку сака и може до 50 милиони евра, колку што се планира да се издаде овој јуни. Ова од Министерството за финансии е прикажано како голема можност за нас граѓаните да ја покажеме својата љубов кон државата и со наши пари да финансираме инфраструктурни проекти, пред сè, автопатските делници од коридорите 8 и 10д кои ќе ги гради контроверзниот конзорциум „Бехтел – Енка“.

Министерот за финансии најави и дека би сакал да купи ваква обврзница, а јавно навестуваше дека каматата би се движела меѓу највисоката за депозитите во банките и последната еврообврзница. Ова би значело меѓу 5,1% и 6,75% годишно. Оваа „народна обврзница“ би била со двогодишно достасување и најинтересно од сè, ќе се издава секоја година. Ова значи дека годинава од граѓаните ќе се земат 50 милиони евра, наредната уште педесет, а третата година ќе мора минимум 100 милиони бидејќи ќе треба да се исплатат позајмените пари од оваа година. Секако, годишно ќе треба да се плаќа и камата за обврзницата.

Оваа најава звучи благородно и игра на картата на некојси финансиски патриотизам, поткрепена со главната „мантра“ дека државата е најсигурен плаќач на позајмени пари плус со добра каматичка, над онаа што ја даваат домашните банки.

И тука лежи првиот проблем. Од Министерството за финансии се надеваат дека кај граѓаните сè уште има голема сума на пари која не е депонирана во банките, па овие слободни пари ќе се најдат во оптек привлечени со високите камати.

Ако се намалат депозитите во банките, што е многу веројатно бидејќи во наредниве години ќе се издаваат континуирано „народни обврзници“, овие пари наместо за кредити на фирмите, ќе завршат за финансирање на државата.

Но, ова е спорно од аспект што грото од парите на граѓаните завршија во банките пред две децении, при поврзувањето на курсот на денарот со евро. Оттогаш до денеска, бидејќи имаме фиксен курс денар – евро, парите си се таму. Банкарскиот сектор важи за екстремно сигурен иако имаше и пропаѓање на банки. Но, најавата за повисоки камати кај обврзницата многу веројатно ќе натера дел од граѓаните да повлечат од овие свои депозити и да ги вложат во државните хартии од вредност. Од Финансии велат дека ова нема да се случи, Народната банка како да се држи настрана во врска со ова прашање, а дел од експертите велат дека иако се планираат само 50 милиони годишно за „народна обврзница“, сепак оваа сума ќе биде значителна. Процените се дека во моментов кај банките има слободни околу 400 милиони евра, но тоа може да се смени со обврзницата, па може дел од овие пари да завршат во обврзница, а не како кредити за фирмите и за граѓаните.

Од Министерството за финансии се надеваат дека со овие пари ќе се амортизираат високите камати и нема да мора да се задолжуваме во странство. Упорно најавуваат и дека оваа обврзница, односно новите задолжувања ќе бидат за финансирање на инфраструктурните проекти. Тоа го објаснуваат и со податокот дека за годинава буџетскиот дефицит или потребата за ново задолжување ќе биде 695 милиони евра, а капиталните расходи 793 милиони евра, што значи дека позајмените пари ќе завршат за оваа намена плус 100 милиони од самиот буџет.

Но, многупати сум напишал дека со секој ребаланс прво се кратат капиталните, а буџетскиот дефицит или останува на исто ниво или се зголемува. Ова најчесто значи дека наместо во потребната инфраструктура, дел од новите задолжувања се користат за непродуктивни трошења на владата. Веројатно и овој пат ќе се повтори тоа.

Второ, Министерството за финансии сака да ја доведе во заблуда јавноста дека првпат граѓаните можат да купуваат државни обврзници. Реалноста е дека тоа може да се прави речиси две децении и дека дел од граѓаните веќе имаат државни хартии од вредност како  домашни, но и еврообврзници.

Ако се намалат депозитите во банките, што е многу веројатно бидејќи во наредниве години ќе се издаваат континуирано „народни обврзници“, овие пари наместо за кредити на фирмите, ќе завршат за финансирање на државата. Можно е оние 400 милиони евра сè уште непласирани депозити за неколку години да се стопат и кога ќе бидат потребни за финансирање нов инвестиционен циклус, едноставно парите да бидат кај државата. Затоа останува отворено прашањето на кое немам одговор, а тоа е дали Министерството сепак игра на своја рака, а централната банка е ставена пред свршен чин.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...