Од четврток (1 јуни) повеќе нема да важи мерката на владата за замрзнати цени на дел од земјоделски производи, но и за белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи, а се одмрзнуваат и цените на хигиенските производи, како пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња, хигиенските влошки.
Согласно податоците што ги имаме ние како Министерство за економија, повеќето од производите се и пониско од нивото на замрзнаување кое сме го имале претходно. Ако во случај, од денот кога нема да важи таа одлука за замрзнување, има злоупотреба од страна на трговците, ние на дневна база ја следиме ситуацијата и секако дека ќе следат различни мерки, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Земјоделските производи чии цени од 1 јуни ќе зависат од пазарните параметри на побарувачката и понудата, но и од увозната цена и од домашните дистрибутери, се доматот, краставиците, кромидот, зелената пиперка, карфиолот, бананите, портокалите, мандарините, лимонот, гравот, леќата.
Непродолжување на мерката за замрзнати цени на основните производи, како што објасни Бектеши, се должело, меѓу другото и на наглиот пад на инфлацијата во земјава, особено на прехрамбените производи. Очекувањето на Министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде под 10 посто, а Бектеши дури е оптимист дека вкупната инфлација за целата година ќе биде пониска од проектираната.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.