Прехранбената компанија КИМ од Неготино, која годинава прославува 25-годинишен јубилеј, вчера ја посетија Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на РС Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, и Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека се работи за компанија формирана од 100% домашен капитал, која од почетоците произведува доматен кечап, а со текот на времето успешно ја разви палетата производи и со мајонез, сок од домати, тартар-сос, чоколаден прелив, мармалади и печурки.
Задоволство е кога гледам како нашите компании успешно се развиваат и ги освојуваат странските пазари, како што е примерот со КИМ од Неготино. Освен на домашниот пазар, компанијата ги пласира производите во сите земји на Западен Балкан, во скандинавските земји, па дури и во прекуокеанските земји. Токму затоа КИМ беше поддржана од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, потпишан во 2018 година, со исплатени средства во износ од повеќе од 500.000 денари, изјави Битиќи.
Сопственикот на компанијата КИМ, Славчо Јорданов, се заблагодари за државната финансиска помош. Имаме искористено три пакети државна помош, повеќе од 4,8 милиони денари во 2018 година преку ИПАРД-фондовите. Во мај 2020 година кога се објави државната програма за поддршка на компаниите за време на ковид-кризата добивме 25% од инвестираните 200.000 евра и сега се надеваме да ја искористиме помошта на Агенцијата за странски инвестиции во делот на вработувања, изјави Јорданов.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.