Македонија

Во вторник ќе се ревидираат замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот

07 Apr 2023

Владата на седница во вторник ќе ги ревидира цените на 11-те видови овошје и зеленчук за кои претходно донесе одлука да бидат замрзнат до крајот на месецов, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа, како што кажа, наредниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени, а тие ќе почнат да важат откако ќе бидат објавени во „Службен весник“.

Увозниците, прецизира министерот, генерално пријавуваат малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците.

Денешните податоци покажуваат мало зголемување на увозните декларации на некои производи и би требало следствено на тоа да се коригираат и цените кои се наведени во одлуката. Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска. Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа ,процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената, изјави Бектеши по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.

Тој потенцира дека со увозниците на овошје и зеленчук имале конструктивен состанок на кој учествувала и Стопанската комора.

Се договоривме да направиме минимална корекција на цените, имајќи предвид дека веќе почнаа да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Но, никако нема да има цени како пред десетина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре, рече Бектеши.

Како што посочи тој, во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.

Министерот најави дека ќе се праават контроли на направениот увоз во последните месеци и додаде дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.

Извор: МИА 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...