Македонија

Пекарниците од утре ќе доставуваат леб, но ќе ја тужат државата

03 Mar 2023

Пекарниците од утре ќе продолжат со производство и ќе испорачуваат леб по замрзната цена од 33 денари, но по судски пат ќе си ја бараат штетата од 4,5 милиони евра.

Пекарите се согласија од утре да почнат со производство и испорака на одредени видови на леб, во зависност од можностите на секоја пекарница, со цел да им излеземе во пресрет, пред сè, на граѓаните, но и да опстанеме во периодов на погрешни одлуки што ги носи Владата, кои ќе имаат несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија, изјави Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија.

Тој додаде дека индустријата ќе ги почитува мерките, но штетата ќе ја бара по судски пат.

Нанесената штета, како што тврдат пекарите, е резултат на одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, мерка која ќе трае до 31 мај, како и на укинувањето на субвенциите за струја. Малишиќ истакна дека нивната одлука е донесена по консултации со домашни и странски експерти.

Во интензивни консултации со правни експерти од земјава и надвор, утврдено е дека владините одлуки се неуставни и незаконски. Со записниците се потврдува дека од 1 декември се почитуваат сите мерки и одлуки на Владата. По таа основа, пекарската индустрија ќе почне правна постапка за наплаќање на штетата, односно загубата што ја нанесе Владата. Штетата до 31 мај, до кога е предвидено да трае одлуката на Владата, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката ќе продолжи на правна основа, изјави Малишиќ.

За тужбата веќе ангажирале адвокати и најавуваат дека ќе ја поднесат следната недела.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...