Македонија

Пекарите ќе затворат ако се замрзне цената - нема да испорачуваат леб

27 Feb 2023

Производителите на леб денеска најавија дека доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на овој производ, тие веднаш ќе престанат да ги произведуваат  и испорачуваат на пазарот сите видови леб. Ваква одлука донеле едногласно 32 индустриски пекари од целата држава плус здруженија на мали пекари од повеќе градови, на итниот состанок што беше одржан во Стопанската комора на Македонија.

Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот, изјави Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко - пекарска индустрија.

Таа мерка на пекарите ќе им нанесе штета и ќе доведе до нивно итно затворање. Штетата би изнесувала, во зависност од индустриските пекари и од нивната големина, од три илјади до 15.000 евра на ден, кажа Малишиќ. Реакцијата доаѓа по најавата на министерот за економија за укинување на мерката за субвенционирање на електричната енергија на пекарската индустрија, како и по најавата за замрзнување на цените на лебот на максимум 33 денари.

Покрај оваа мерка за прекин на производството на сите видови леб, претставниците на пекарската индустрија од сите комори кои беа присутни на денешниот состанок, донесоа и заклучок дека по воведување на мерката за повластена цена на електричната енергија за прехранбената индустрија, сите компании ги намалија цените на лебот, и повеќе отколку што изнесува процентуалното учество на електричната енергија. Производителите донесоа заклучок дека мерката има позитивен ефект, производителите ги намалија цените на лебот според висината на учеството на струјата во определување на крајната цена. На пазарот имаме разни варијации, разни тежини на леб и за населението за кое мислиме дека е социјална категорија, веќе постојат цени на леб, изјави Малишиќ. 

Од вкупното производство леб во државата, дури 85 отсто е полубел и бел леб.

Околу можното враќање на 1,3 милиони евра колку што биле субвенциите за струја, претставниците на пекарската индустрија одговорија дека таквите размислувања не заслужуваат коментар и дека луѓето кои тоа го велат не се запознаени како функционира економијата. 

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека Владата утре ќе донесе одлука за замрзување на цената на лебот и дека таа нема да биде над 33 денари. Тој не прецизира до кога ќе важи замрзнатата цена. Овие најави на министерот доаѓаат по бројните приговори од страна на граѓаните дека субвенционирањето на струјата за производителите не донесе и пониски цени на пазарот. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...