Македонија

Мислења и коментари: Како да се спречи ценовниот шок

10 Nov 2021

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) соопшти дека глобалните цени на храната во септември го достигнаа 10-годишниот максимум. Според податоците на организацијата, цените во септември се зголемени за 1,2% во споредба со август и за цели 32,8% во споредба со септември минатата година. Со нашите соговорници разговаравме за очекуваното покачување на цените на храната, причините за тоа, влијанието врз работата на компаниите на македонскиот пазар и кои мерки треба да се преземат за да се спречи ценовниот шок...

Приреди: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

              Институционален став             

Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија

Економските последици од здравствената криза предизвикана од ковид-19 ги очекувавме и прилично знаевме со што ќе се соочиме. Но, тоа што никој не можеше да го каже е до која мера и за колкав период ќе бидат присутни тие последици. По еден долг период на целосно и делумно заклучување на економијата, период во кој поради неизвесноста се намали куповната моќ во сите држави, не само во нашата, јасно беше дека во моментот кога ќе се отвори пазарот, ќе се случи прелевање на финансиските средства, а тоа може да има и последици како што е инфлацијата. Но, поголемиот удар доаѓа од случувањата на европскиот и на светскиот пазар, каде што има значително покачување на цените на енергенсите. Тоа значи дека во следниот период ќе увезуваме енергенси, но и основни производи, кои се поскапи од вообичаено. Со оглед на фактот што ние како економија сме зависни од увозот, овие поскапувања ќе се рефлектираат и врз потрошувачката кошничка.

Многу компании на домашниот пазар ќе бидат принудени да ги покачуваат цените на нивните услуги и производи, со што ќе се создаде еден циклус на зголемување на цените, а паралелно со тоа ќе има и колебање кај потрошувачката. Тоа значи дека побарувачката ќе се намали, а дури тогаш компаниите ќе се соочат и со намалување на обемот на нивната работа. Овие покачувања на цените се комплексни бидејќи освен увезените стоки и услуги, компаниите ќе имаат значително зголемување и на оперативните трошоци.

За жал, домашното производство не може целосно да ги задоволи потребите на домашниот пазар, па затоа замрзнување на цените на одредени производи сепак е неопходно за еден пократок период.

За жал, домашното производство не може целосно да ги задоволи потребите на домашниот пазар, па затоа, замрзнување на цените на одредени производи сепак е неопходно за еден пократок период. Исто така, треба да се контролира трошењето на Владата, односно треба да се работи во насока на намалување на буџетскиот дефицит со цел да не се предизвикува дополнително зголемување на цените. Треба да се има предвид дека пазарот во следниот период не смее да помине во ситуација да има огромен прилив на средства и тој аспект треба да се контролира. Во паралела со сите мерки што државните институции може да ги вметнат, компаниите сепак ќе треба да се помагаат преку субвенции, ослободување од даноци за да не се оштети нивниот капацитет и волумен на работа. Не можеме да си дозволиме уште еден долг период во кој компаниите ќе бидат повторно силно погодени бидејќи тие се столбот на нашата економија и општество. На долгорочен план ќе треба да се работи на зголемување на производствените капацитети, особено на обновливите извори за електрична енергија, со цел и извозот да се зголеми. Исто така, треба да се намали и јазот меѓу производството, кое покрива само 38% од тоа што нашата земја троши од електричната енергија.

 

                   Став од секторот                   

„Жито лукс“, дел од групацијата „Елбиско“

Светската здравствена криза е главната причина за поскапувањето на храната. Економски, оваа година постепено излегуваме од пандемијата. Но, поради подготвеноста на потрошувачите да трошат повеќе по ослободувањето на мерките, дојде до неусогласеност меѓу понудата и побарувачката, односно до зголемување на побарувачката, при што стопанството не можеше да ги задоволи сите потреби за кратко време. Дополнително, поради проблемот со недостиг на струја што е присутен низ цела Европа, цената на струјата што ја плаќаат индустриските капацитети за една година е зголемена за 100%. Поскапија и транспортните цени. Кај нас цената на пченицата, која влијае врз цената на лебот и брашното, за една година се зголеми за најмалку 40%. Во соседна Србија, според последните податоци, цената на житото годинава го достигна својот врв, што ги принуди производителите да ги зголемат цените. Вакви високи цени на пченицата последен пат беа забележани во август 2012 година, која беше година на екстремно високи суши.

Цената на енергијата, без разлика дали е струја, гас или нафта, има тренд на пораст во последните 4-5 месеци, а стабилизирањето на енергетскиот сектор сѐ уште е неизвесно. Тоа, дополнително, предизвика зголемување на цените на суровините што ги користиме за производство. Најголем дел од материјалите ги набавуваме на локално ниво, а нема доставувач кој годинава не ги зголемил цените барем еднаш, а во некои случаи и до четири пати. Дел од овие зголемувања ќе ги покриеме, вложувајќи напори за поефикасно работење, но остатокот, за жал, ќе се одрази преку нашата ценовна политика. Генерално, нè чека период со предизвици.

Ние како компанија, дел од зголемувањата на инпутните трошоци ќе се обидеме да ги покриеме правејќи напори да работиме на намалување на оперативните трошоци.

Стопанските субјекти анализираат како да се приспособат на состојбата што е последица на сегашните околности, кои веројатно ќе траат додека не се стабилизираат економските текови. Ние како компанија, дел од зголемувањата на инпутните трошоци ќе се обидеме да ги покриеме правејќи напори да работиме на намалување на оперативните трошоци. Дополнително, и државата има алатки со кои може да му помогне на стопанството. За нашата индустрија би можеле да се евалуираат можности како намалување на увозните трошоци за пченица или ослободување на дел од стоковните резерви.

 

                     Став од секторот                       

Виктор Петков, генерален менаџер и сопственик на „Випро“

Ковид-кризата можеби само ги исфрли и ги потенцира можните идни проблеми околу цените на основните артикли. Тука влегуваат климатските промени, порастот на вкупното население, енергетските проблеми, нерационалната хиперпродукција и загуби, недоволната синхронизација на сите инпути потребни за уредно производство, недостигот на специфична работна сила за одредени дејности, државните интервенции и контроли околу тоа, спиралата на цените што влијае и врз другите гранки... Преку овие белези многу економисти препознаваат елементи од можна наредна светска или регионална криза, која би била поголема доколку не припаѓате на одредена поголема економска групација што би можела да им помага на своите стопанства во нивелацијата и непреченото функционирање. За жал, освен придружно членство и ЦЕФТА, ние сѐ уште не сме во таа групација (мислам на нам најблиската кон која припаѓаме – ЕУ). Тоа значи дека сите последици ќе ги почувствуваме многу повеќе од земјите-членки.

Нашата компанија се приспособува во од – мора да ги следиме ценовните шокови и да ги вградиме во нашите калкулации за да имаме континуиран опстанок и развој. Тоа оди полека и тешко поради претходните договори и намалениот пласман како резултат на покачувањето на цените. Но, на годишна основа неминовно ќе мора да ги вградиме во нашите нови ревидирани цени, односно да ги следиме поскапувањата на влезните чинители. Доколку не го направиме тоа, постои опасност од неекономична продукција, која неминовно води кон намалување на производството и недостиг. Обратно од тоа би било да се имаат предвид тие работи и да се приспособиме со континуирано и квалитетно снабдување со потребните влезови за непречена продукција со што помалку шоковни амплитуди. Честопати успешното приспособување во вакви услови може да резултира дури и обратно, односно со зголемена побарувачка поради нарушувањата на пазарот. Доколку тоа продолжи на подолг рок, секако ќе биде значително потешко и неминовно ќе има сериозен пораст на цените на финалните производи.

Нашата компанија се приспособува во од – мора да ги следиме ценовните шокови и да ги вградиме во нашите калкулации за да имаме континуиран опстанок и развој.

Мерките што треба да се преземат се во рамките на микрониво (фирмата), медија (општината) и макрониво (државата). На микрониво ние преку навремено и квалитетно, вклучително и ценовно обезбедување на потребните суровини и репроматеријали, доаѓаме до пондерирани цени што ни овозможуваат да се приспособиме на новонастанатата ситуација со зголемени влезни цени. Слично е и со постојните резерви и нивниот пласман. На долга патека, сепак ќе дојде до синхронизација на влезните и излезните калкулации, и, секако, до продолжување со профитабилното работење како единствен услов за одржлив опстанок.

Што се однесува на медија и макроплан, општината и државата треба да преземат низа мерки за да се намалат вообичаените трошоци за фискални и парафискални давачки на ниво на општина. На повисоко ниво, потребно е да се вметнат економски мерки што би нѐ насочиле во правец кој е стратегиски важен за државата (на пример, кофинансирање во изградба на постројки за производство на обновлива енергија), контролирани цени за репроматеријали и суровини каде што е тоа можно, олеснување за евентуално проширување на капацитетите и сл. Доколку сето тоа се следи и успешно се влечат потребните потези, ќе се ублажат последиците во интерес на граѓаните, односно потрошувачите од РС Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...