Македонија

Азески во посета на „Филип Морис“: Иновативни производи без чад

15 Sep 2021

Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески, оствари работна средба со менаџментот на компанијата „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“.

Компанија која има стратешка цел за воведување иновативни решенија, вложувајќи во поздрава животна средина, како и во истражување и развој. Шест од најдобрите светски меѓународни 15 брендови, кои опфаќаат повеќе од 180 пазари, се на „Филип Морис“, вклучувајќи го и „Марлборо“, светски број еден. Но, тука не завршува нивната визија за пушачите. Во компанијата се посветени да направат нешто многу подраматично – производството на обични цигари да го заменат со производи без чад. Затоа, повеќе од 430 научници, инженери и техничари работат на развој на помалку штетни алтернативи на цигарите, во двата истражувачки капацитети во Швајцарија и во Сингапур. Тоа е најголемата промена во историјата на оваа компанија, како и на нивните потрошувачи, акционерите и на општеството во целина.

Но, за континуиран развој и за следење на најновите технологии и трендови од компаниите, потребна е соодветна деловна клима, за што надлежност имаат државните институции, во насока на поттик на нови странски вложувања во земјата. Стратегијата во регионот е веќе позната – отворен Балкан, без граници, со слободен проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе, иницијатива која е поддржаната и директно од Стопанската комора на Северна Македонија, која е целосно вклучена во создавањето амбиент за поголемо регионално поврзување и за економска соработка. На патната инфраструктура активно се работи. На ред се железницата и гасоводот. Сите треба да ја разбереме неопходноста од регионална соработка, затоа што само на тој начин Европа ќе нѐ препознае како партнери, истакна Азески на средбата.

Генералниот директор на „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“, Иван Костиќ, информираше за сегашните активности, но и за идните планови на компанијата во делот на помалку штетни алтернативи на цигарите.

Компанијата е добар пример за придонес во земјава, преку преземањето на „Тутунскиот комбинат“ во Прилеп и преку негово издигнување на едно повисоко професионално ниво. Регионалниот центар на компанијата се префрли од Атина во Скопје и со добар кадар и со големи инвестиции се изгради модерен центар во земјата. ‘ПМИ’ се менува како компанија и во соработката со Комората гледа можност за напредок. Сивата економија силно ја погодува тутунската индустрија и во таа насока потребни се засилени заеднички активности. Процесот на дигитализација, со кој ќе им се олесни функционирањето на компаниите на македонскиот пазар, мора да се забрза, а пандемијата во изминатиот период засилено го наметна тоа како приоритетно прашање. Преку Комората, како најголема бизнис-асоцијација, да се чуе гласот на бизнисот и само на тој начин да се дојде до заеднички решенија со Владата, истакна Костиќ.

Компанијата започна со работа во 2014 година како заедничко вложување меѓу „Филип Морис интернационал“ и „Тутунски комбинат“ – Прилеп, при што „ПМИ“ поседува 51 %, додека, пак, „ТКП“ држи 49 % од акциите на заедничкото вложување. „ПМТКП“ е подружница на „Филип Морис интернационал“ АД („ПМИ“), водечка меѓународна тутунска компанија со разновидна работна сила од околу 73.500 луѓе, кои потекнуваат од секој агол на светот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...