Угостителите и туристичките работници реагираат за рестриктивните мерки што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. Вчера се пожалија и трговците. Укажаа дека трговските центри се речиси празни, дека нивната посетеност во споредба со минатиот месец е намалена за 60 отсто, како и дека бележат пад на прометот за 40 проценти.
Бизнис секторот укажува дека мерките се преостри, дека се донесени без најави, но и без консултации со нивни претставници.
Според трговците, можеби треба да се размисли за нова мерка – посетителите во затворените молови да влегуваат со негативен брз тест, како во поголемите европски земји.
Пред два дена реагираше и Стопанската комора за туризам (СКТМ), предупредувајќи дека новите ковид-мерки ќе го усложнат патувањето и ќе го отежнат престојот на македонските граѓани во странство. Комората побара измена на условите за влез во државата – на македонските граѓани кои ќе бидат упатени во домашна изолација да им се дозволи во рок од 24 часа да извршат тестирање во домашна лабораторија и доколку имаат негативен резултат да бидат ослободени од самоизолација.
Стопанската комора на Северна Македонија, пак, достави седум предлог-мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор до кабинетите на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министрите за економија и за здравство, Крешник Бектеши и Венко Филипче. Комората минатата недела официјално побарала и работна средба со Битиќи, Бектеши и Филипче на која би станало збор за функционалноста на компаниите кои ги спроведуваат и почитуваат мерките, но и за други, дополнителни мерки, односно за проширување на актуелните.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.