Податоците денес се новата нафта во работењето. Сè што прави купувачот и сите податоци што тој ги дава се следат и анализираат, за на крајот да се добијат клучните перспективи во работењето на компаниите.
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Програмите за лојалност несомнено нудат огромен потенцијал за планирање и развој на различни процеси во компаниите следејќи ги навиките и потребите на потрошувачите. Според Елена Стојановска, експерт за заштита на личните податоци: Доколку развојот и функционирањето на програмите за лојалност ги разгледуваме од аспект на примена на Законот за заштита на личните податоци, тогаш може да се каже дека базата на лични податоци која се креира со воведувањето на програмите е посебна збирка на лични податоци. За таа збирка компаниите мора да имаат дефинирано правни основи за обработката на личните податоци, како и посебни технички мерки за заштита со кои ќе спречат неовластен пристап и користење на податоците.
Елена Стојановска, експерт за заштита на личните податоци
Новиот Закон за заштита на личните податоци е донесен во февруари 2020 година, а компаниите (контролори) треба се усогласат со него до крајот на август годинава. Новиот закон предвидува многубројни нови обврски за компаниите, но измените што во најголема мера се однесуваат на програмите за лојалност се: обврската за вршење процена на влијанието врз приватноста на потрошувачите (субјекти на лични податоци), обезбедување јасна, транспарентна и лесно достапна политика за приватност за програмата за лојалност и регулирање на начинот на вршење директен маркетинг.
Стојановска го потенцира тоа што е најважно во врска со обработката на личните податоци преку програмите за лојалност, а тоа е opt-in принципот, односно согласноста на субјектот како единствена правна основа за собирање и обработка на податоците.
Компаниите задолжително треба да обезбедат издвоена согласност за вршење директен маркетинг. Ова значи дека согласноста што ја даваме за да станеме лојален член не значи дека истовремено сме согласни да добиваме пораки со кои директно ни се рекламираат одредени производи. Личните податоци потребни за стекнување членство во програма за лојалност треба да се ограничени на мал обем (име, презиме, е-адреса или телефон), а доколку компанијата сака да врши профилирање за цели на директен маркетинг, може да му понуди опција на потрошувачот самиот да даде дополнителни податоци кои со посебната согласност ќе можат да бидат користени. Клучно е да се знае дека еднаш дадената согласност може да биде повлечена во секое време, а компаниите се должни да обезбедат ефикасен и лесен начин за тоа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.