Во текот на 2020 година, ветеринарните и инспекторите за храна спровеле вкупно 54.382 контроли, а како небезбедна, инспекторите и операторите уништиле приближно 238 тони на храна, информираше денеска Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, на настанот „Безбедна храна денес за безбедно утре” по повод 7-ми јуни – Светски ден на безбедност на храната.
Бабовски истакна дека македонските граѓани треба да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна иако, како што кажа, секогаш, за жал, се можни и постојат и одредени пропусти.
Како одговорна институција и во услови на пандемија, направивме максимални напори да ги заштитиме граѓаните, ги зајакнавме контролите уште од самиот почеток на пандемијата, истакна тој.
Дополни дека расте интересот на граѓаните за безбедност на храната, а преку одделението за заштита на храната во Агенцијата за храна и ветеринарство, од вкупно поднесените 173 претставки, 74 се однесуваат на безбедност на храната.
Од овој настан, истакна Бабовски, ја упатуваме клучната порака дека безбедноста на храната е одговорност на сите, на институциите, науката, бизнис операторите, но, и на самите потрошувачи и, како што кажа, таа има непосредни и долгорочни придобивки, не само за луѓето и нивното здравје, туку и за економијата во целина.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова, ги сподели очекувањата на потрошувачите.
Очекуваме да се унапреди законската рамка, стандардите да бидат што построги, потрошувачите да стекнат поголема доверба во храната, поголема едукација на потрошувачите со цел тие да научат како да ги избегнат ризиците поврзани со храна, добро спроведување на правилата за добра хигиенска пракса и контрола, и, во континуитет да се вршат инспекциските надзори, истакна Лончар Велкова.
Најголемите поплаки од граѓаните биле во однос на чувањето и декларацијата на производите, како и рокот за употреба.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.