Македонија

„Алкалоид“ пушти во употреба нови производствени капацитети – инвестиција вредна 11 милиони евра

09 Dec 2020

„Алкалоид“ АД Скопје пушти во употреба нови производствени капацитети, изведени во согласност со строгите барања за Добра производствена пракса, во кои беа вложени 11 милиони евра.

Три и пол милиони евра се наменети за целосно технолошко подготвување на Одделението за пакување цврсти форми, кое има површина од 2.000 квадратни метри, 5,2 милиони евра беа искористени за техничко-технолошко опремување, а 2,3 милиони евра чинеше изградбата на два нови ката, наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема. Тие имаат вкупна површина од 5.000 квадратни метри.

Целта на оваа инвестиција и на идните вложувања во овој оддел е да се зголемат производствените капацитети на цврсти фармацевтски форми за 50 отсто.

Осум месеци по започнувањето на оваа капитална инвестиција, пандемијата го парализираше светот. Работевме во вонредни услови, без да ги попречиме тековните производствени процеси. И покрај сите предизвици, горди сме што на прагот на годината во која го славиме нашиот 85-годишен јубилеј предаваме во употреба уште еден комплетиран инвестициски проект. По истиот курс ќе продолжиме и во иднина, со нови вложувања во истражување, развој, нови технологии, знаење и кадар и со освојување нови пазари. „Алкалоид“ ќе продолжи да се носи рамо до рамо и да биде конкурентна со големите светски фармацевтски системи, како со знаење, така и со капацитети, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...