InStore во разговор со Слободан Стојановски, сопственик на „Мило-пром груп"
Продавница во аманет
Не сите успешни приказни имаат среќен почеток. Постоењето на оваа продавница трогнува многу срца. Слободан ја наследува по смртта на неговиот татко, само 4 дена откако и официјално се регистрира фирмата во Централниот регистар на Македонија. Денес, тој успешно се снаоѓа со бизнисот што татко му му го оставил како аманет.
На само пет километри од центарот на Скопје, веднаш зад старата добропозната фабрика за стакло „Стаклара" е лоцирана продавницата „Мило-пром груп", што веќе неколку месеци успешно опстојува на пазарот. Историјата на продавницата почнува пред околу пет години, кога Слободан со неговото семејство го гради деловниот простор и почнува да го издава под наем на други трговци. Кога го изградивме деловниот простор со моето семејство немавме услови да отвориме сами фирма и да ја работиме, имајќи го предвид фактот дека јас и сестра ми бевме малолетни, а мајка ми и татко ми беа вработени. Затоа се одлучивме да го дадеме под наем на други трговци, кои скоро пет години успешно водеа продавници, скроени според потребите на локалното население, ни раскажа Слободан.
Функционирањето на „Мило-пром груп" под раководство на Слободан има тажен почеток. Според него, веднаш откако завршил договорот за наем на последниот закупец на нивниот деловен простор, татко му (Милош), кој во тоа време бил невработен, се одлучил да ја преземе работата во негови раце. Почнал да го преуредува просторот и да го адаптира според сопствените желби и според потребите на соседите, од кои голем дел ги познава и повеќе од 30 години, колку што живеел Милош во населбата. Но, на само ден пред празнувањето на минатата Нова година, а четири дена по отварањето на фирмата, Милош трагично загинува во домашна несреќа и продавницата ја остава во аманет на неговиот син. Тоа беше премногу тажен период за мене и за моето семејство. Татко ми почина неочекувано и сите работи што дотогаш ги водеше тој, како дома така и со продавницата, морав да ги преземам јас. Иако на почетокот многу се двоумев што да правам, сепак се одлучив да ја испочитувам желбата на татко ми и освен што ќе бидам „глава" на семејството, станав и сопственик на неговата продавница. Денес воопшто не се каам за таа моја одлука, истакна Слободан.
„Мило-пром груп" денес се простира на околу 60 квадратни метри од кои 30 се магацински простор, 20 продажен и 10 пилјара, каде што секојдневно се продава свежо овошје и зеленчук. Има вработени продавачки и една каса. Портфолиото на производи опфаќа над 1.000 најразлични производи, кои се менуваат според сезоната. Според Слободан, во продавницата најмногу се продаваат алкохолни и безалкохолни пијалаци, цигари и сувомесни производи.
Лојалната конкуренција е посакувана конкуренција
За конкуренцијата смета дека е добро што ја има, бидејќи само така се гради еден силен бренд. Особено доколку таа е лојална. На само стотина метри од неговата продавница, успешно функционира уште една продавница, а на оддалеченост од два километри има уште неколку десетици продавници и голем супермаркет „Тинекс". Се трудам редовно да ги следам цените. Иако потрошувачите сакаат квалитет, сепак огромно внимание посветуваат и на цените. Редовно спроведувам анализи на конкурентските цени, а ги следам и цените на „Тинекс" и се трудам во мојата продавница цените да бидат приближни на оние со „Тинекс". Сепак, набавните цени на дел од производите не ми го дозволуваат тоа, но правам баланс колку што можам.
Со повеќето од дистрибутерите има добар однос, а особено е задоволен од соработката со „Пекабеско", „Оз-ту компани", „Атлантик група", „Гранд експорт" итн. Сепак, ги повикува останатите дистрибутери на поотворена соработка, со цел нивните производи да се најдат и во вакви мали, локални продавници. Слободан истакнува дека се труди во продавницата да ги има сите производи што ќе ги побара локалното население, а ако има такви, доколку не соработува директно со овластениот дистрибутер на одреден производ, се обидува да ги снабди од некој магацин.
Се вчитува следна вест...