Малопродажба

Петар Лазаров: Локација и истражување – алатки за успешен бизнис

20 Apr 2015
Доброто познавање на локацијата и просторот на дуќанот ќе овозможи подобро да ја поставиме нашата стратегија на работење. Преку истражувањето, ги запознаваме нашите купувачи, пазарот, нашето окружување и бизнис-можности.
 
Автор: Петар Лазаров, „Македонија-експорт консалтинг"
 
Во минатиот број повеќе се посветивме на важноста и на значењето од постоење на правилна стратегија за работење. За жал, од малото истражување на терен, посетувајќи и разговарајќи со неколку сопственици на продавници, согледав дека никој немаше некоја издржана стратегија или специфичен концепт на работење. Затоа се потрудив да ви дадам не- колку аспекти кои треба да ги следите или да ги ревидирате и кои се најважни за одржување на вашиот бизнис. Преку тие неколку точки, можете да направите ваша моќна микростратегија.
 
Со цел да направите добра стратегија, видовме дека е најважно прво да почнете со анализа на моменталната состојба на вашето работење. Анализа на пазарот, конкуренцијата, купувачите, приходи-расходи, профит, локација, изглед на продавница, маркетинг и продажни активности, доставувачи и сето она што го сочинува вашиот бизнис.
 
Од моето истражување забележав дека опстанокот на продавниците генерално се должи на одличната позиција т.е. локација на дуќанот. Тоа се совпаѓа и со најновите истражувања, кои велат дека локацијата и близината до купувачите стануваат еден од најважните фактори за купувачите при изборот на маркет. Затоа, тоа е првиот фактор што ќе го разработиме, со цел подобро да ги сфатиме нивните значење и можноста од нив да го извлечеме максимумот. Доброто познавање на локацијата и просторот на дуќанот ќе ни овозможи подобро да ја поставиме нашата стратегија на работење, како од аспект на асортиман, позиција на производи и уредување, така и од аспект на развој на дополнителен приход од рекламирање на брендовите на доставувачите.
 
Анализирајте ја вашата моментална локација!
Размислете дали сте задоволни од бројот на
жители (и купувачи) што ги опслужувате, како
и од ефектот на конкуренцијата? Доколку не
сте задоволни, ви препорачувам, секако ако
условите ви дозволуваат, да побарате друга
подобра локација!
 
Локацијата е важна од аспект на дистанцата што купувачите треба да ја поминат за да дојдат до продавницата, но и од аспект на вкупната циркулација на минувачи. Во однос на првиот фактор, знаеме дека е важно да се има локација во погусто населено место. Генерално, најголем процент од вкупните купувачи живеат во блиска околина на дуќанот, додека, пак, другите купувачи се минувачи што еднаш или ретко минуваат од таму.
 
Познавање на вкупниот број потрошувачи и поделба на „постојани" и „минувачи" се од огромно значење за бизнисот. Вашиот бизнис се одржува поради вашите постојани купувачи. Тие ве одржуваат во живот и ви ги плаќаат сметките дома. Додека, пак, оние што само еднаш или многу ретко застануваат ни го прават дополнителниот приход и од нив зависи дали ние ќе заработиме повеќе или помалку. Ова се однесува за оние маалски продавници што се во близина на нашето живеалиште. Додека, пак, за оние што се на локација каде што е огромна циркулацијата на различни минувачи, т.е. на јавни места (автобуски станици, плоштади, прометни улици итн.) не важи ова правило. Кај нив бизнисот зависи од минувачите. Од тоа колку тие ќе успеат да го за- бележат дуќанот и да влезат во него (атрактивен изглед и промотивен материјал) и колку повеќе производи ќе успеат да им продадат (во продажната теорија, ова се вика „врзана и вкрстена про- дажба", која ќе ја разработиме во следните текстови кога ќе зборуваме за тактики за зголемување на продажбата)
 
Во следните 2 недели земете еден лист
и само забележувајте, дневно,колку
купувачи доаѓаат кај вас. Ако ги поделите
и според старосна (млади/средовечни/постари)
и полова структура, тоа ќе биде уште подобро. 
 
Дополнително, локацијата и просторот може да ги употребиме како медиум за рекла- мирање. На тој начин, може да генерираме дополнителен приход. Обележете ги најатрактивните делови од продавницата (внатре и надвор– особено ако сте лоцирани во минувачка зона) и направете некој модел за издавање на просторот. Понудете го на сите ваши доставувачи. Откако ја анализиравме локацијата, следно нешто што е најважно за вас е познавање на вашиот купувач. Ако подобро го запознаете него, неговите потреби, желби и интереси, многу полесно ќе најдете начин како да ги задоволите и задржите. Најдобар начин е да направите истражување преку прашалници (Слободно можете да го искористите примерокот во прилог на овој текст).
 

Истражувањето е моќна алатка за водење на секој бизнис. Тоа треба да се прави во кон- тинуитет. Најголем проблем е што малите бизниси мислат дека е скапо и дека тоа го прават само големите. Меѓутоа, тоа е заблуда. Истражувањето може и треба сите да го прават. Најлошо е тоа што нашето истражување го сведуваме на нашите најблиски, пријатели и соседи и многу често добиваме погрешни информации и донесуваме погрешни заклучоци. Треба малку да се едуцирате околу значењето и начините на истражување и да направите ваш систем кој ќе го имплементирате. Ако не направите ништо, тогаш можноста за слабеење на вашиот бизнис е поголема (овој текст и ви дава некои насоки како да си го олесните процесот).
 
Преку истражувањето, покрај тоа што ги запознаваме нашите купувачи, го за- познаваме пазарот, својата индустрија, ги запознаваме нашето окружување и бизнис-можностите. Но, најмногу, се запознаваме себеси.
 
На почеток, ова се најважните и основни фактори кои ви ја дефинираат успешноста на вашиот бизнис. Дајте си за задача и цел, до следниот текст, да ги соберете сите информации со овие алатки што ги добивте. Само со имплементирање на научените работи и техники може да се бориме со сè посилната конкуренција и да си го задржиме бизнисот.
 

ИСТРАЖУВАЊЕ:

 

Доколку не сте во можност да го напишете и надополните овој прашалник на компјутер, слободно копирајте го листот во најблиската копирница. Испечатете минимум 100 прашалници.

 

 
Почитувани купувачи, го спроведуваме овој прашалник со цел подобро даги запознаеме вашите потреби и желби, за да можеме навреме да реагираме и да им излеземе во пресрет на вашите барања.
 
Вашите одговори и коментари ќе ни бидат од огромно значење. Однапред ви благодариме!
 
ПРАШАЊА:
1. Пол           М   Ж
 
2. Возраст  до 18 г.   18-30   30-45   45+ 
 
3. Колку често купувате во продавницата
• 1 дневно
• 1 неделно
• Повеќепати неделно
• 1 месечно
• Прв пат
 
4. Место на живеење
• Блиску до маркетот
• Во пошироката близина
•На поминување сум 
 
5Кога купувам, најчесто мојата сметка не е поголема од:
   100 ден.   200 ден.   500 ден.   1.000 ден.
 
6. Каков/кој тип производи најчесто купувате од продавницата?
 
7. Што би нѐ советувале да подобриме во нашиот бизнис (производи, изглед, понуда, услуга итн.)?
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...