Малопродажба

Билјана Костов-Жежовска: Пред пекарницата

20 Jun 2014

Секцијата пекарница е еднакво важна како и останатите секции за кои пишував во изминатите броеви на InStore. Сведоци сме дека денес сè повеќе се посветува внимание оваа секција да биде присутна во супермаркетот и притоа лебот и белите печива да се печат на самото место.

Пишува: Билјана Костов-Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"

Пред да отидеме на главното, накратко само да се потсетиме на водечкото влијание на сетилото за мирис врз одлуките за купување на потрошувачите. Производите со пријатен или неодолив мирис се поставуваат тактички во супермаркетот со цел оние потрошувачи кои се движат во близина да не го прескокнат пазарењето. Такви примери се пекарниците и слаткарниците, цвеќарниците, парфимериите и други секции што „ги напаѓаат" сетилата на потрошувачите со пријатна арома на тазе печен леб или неодолив мирис на колачи. Саливацијата што ја добивате од овие радосни сензации влијае на веројатноста за импулсивно пазарење, односно на купување производи што не биле запишани на листата за пазарување на потрошувачот.

Многу често пекарниците се поставуваат на влезот во супермаркетите или, пак, на место во заднината со цел додека да се стигне до нив, да се прошета поголем дел од супермаркетот. Во првиот случај, иако потрошувачот немал во план да купи леб, сепак мирисот на свежо печен леб го привлекува да посегне по леб или по некој друг производ од оваа секција. Во вториот случај лебот, како еден од најпобаруваните продукти на продажното место, честопати се третира како „мамка", со тоа што додека ја одминуваат патеката до пекарницата потрошувачите посегнуваат по останати производи.

Лебот и белите печива во супермаркетите најчесто се поставени на самопослужувачки полици. Кога потрошувачот стои пред рафтот, особено е важно разновидните видови леб и бели печива да бидат добро подредени. Хаотичност во поглед на подреденоста на овој рафт е неприфатлива. Бидејќи станува збор за производи што не се фабрички спакувани во амбалажа, нивната добра подреденост треба да оддаде беспрекорно педантна и чиста слика во очите кај потрошувачот. А за да се постигне беспрекорна хигиена и редослед во оваа секција, потребна е постојана контрола од стана на персоналот во супермаркетот.

Факт е дека денес се нудат различни видови леб и бели печива. Составот и цената на овие продукти треба да бидат видливо истакнати во секое време бидејќи потрошувачот сам ги има на дофат. Со други зборови, информацијата за тоа каков е составот на еден леб и колку чини тој, треба да стои веднаш пред него.

За оваа цел, постојат различни механизми и додатоци со кои се означува секоја информација значајна за одреден продукт. Како што споменавме и во претходните текстови кога стануваше збор за другите секции, касетите или дисплеите за цени и информации и тука е препорачливо да се користат за прецизно означување на цената, грамажата/количеството и составот. На располагање се палета од фиксни броеви или називи или, пак, таблички за рачно испишување со маркер со т.н. „креда-ефект".

Освен додатоци за означување на цените на производите, постојат и ефекти со кои може дополнително кај цената да се истакне акција, промоција или бесплатна дегустација на производот. Исто така, сè позачестена е и примената на професионалните механизми што служат за означување на целата секција или за визуелно и естетско облагородување на просторот.

Да не заборавиме дека кога купувачите ќе се најдат во продажното место очекуваат јасни и атрактивни означувања што ќе им помогнат да го направат својот избор брзо и сигурно. Со други зборови, задоволството кај потрошувачите е многу поголемо доколку веднаш ја здогледаат бараната информација за оваа група на производи.

Од аспект на продавачот, софистицираните техники и материјали што се применуваат се осмислени да бидат флексибилни, модуларни и дискретни. Најсовремените материјали се смислени на тој начин што можат едноставно да се лоцираат или да се дислоцираат, со што се постигнува флексибилност и минимална искористеност на човечкиот фактор.

 За компанијата:

„Маркето Солутионс" е специјализирана компанија за опрема на секаков вид на продажни места, од мали продавници до големи супермаркети. Основната цел на компанијата е да го подобри квалитетот на секојдневното пазарење со користење на најсовремена технологија и опрема за димензионирање и организација на продажните места.

Контакт:

ДОО „Маркето Солутионс"

Адреса: Сервисна зона Југ, реон 40, Скопје

Телефон: 02/2777-507; 070/306-656

Е-пошта: biljana@marketo.com.mk

Веб-сајт: www.marketo.com.mk



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...