Малопродажба

Билјана Костов Жежовска: Визуелниот мерчендајзинг и петте сетила на потрошувачот

16 Aug 2013
„Лицето" продава
 
Визуелниот мерчендајзинг и петте сетила на потрошувачот
 
Доколку во супермаркетите постои правилно менаџирање на просторот, полиците, презентација на производите, презентација на акции и промоции, како и правилно означување на цените и информациите врзани за производот, пазарењето станува сè поголемо задоволство за потрошувачот.
Пишува: М-р Билјана Костов Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"

 

Визуелниот мерендајзинг (Visual Merchandising) е неопходна дисциплина што се состои од серија на практични алатки наменети да влијаат врз купувачката одлука на потрошувачот. Со други зборови, визуелниот мерчендајзинг подразбира правилна презентација на производот и продажното место за тие да бидат атрактивни за потрошувачот. Доколку во супермаркетите постои правилно менаџирање на просторот, полиците, презентација на производите, презентација на акции и промоции, како и правилно означување на цените и информациите врзани за производот, пазарењето станува сè поголемо задоволство за потрошувачот.
 

Ќе се сложам со фактот дека визуелниот мерчендајзинг е крајна фаза во процесот на подготовка на еден нов супермаркет или во преуредување на веќе постоечки супермаркет. Сепак, искуството вели дека визуелниот мерчендајзинг е стратешка дисциплина за која е потребно сериозно планирање и анализа. Тоа значи дека пред да се почне со каков било потфат, пред сè, потребна е анализа на демографската структура на потрошувачите. Кои се нашите потрошувачи кои секојдневно ќе пазарат во овој супермаркет? Која е просечната старосна група? Каков е нивниот начин на живот? Колкави се нивните примања? итн. Исто така, битно е земањето предвид на конкуренцијата што се наоѓа во близина. Кој е нашиот конкурент и што нуди тој? Одговорот на овие прашања ќе му помогнат на трговецот да ја одбере правилната стратегија, како и стилот на супермаркетот.

Кога веќе е време да се размислува за визуелниот мерчендајзинг мора да се мисли на петте сетила што ги поседува потрошувачот, а тоа се вид, слух, вкус, мирис и допир.

Вид

Многупати реков дека визуелниот мерчендајзинг почнува од влезот на супермаркетот. Првиот впечаток е секогаш она што мора да се запамети, па затоа ќе се потрудам да го објаснам впечатокот на потрошувачот доколку наиде на влез во супермаркет што е излепен со рачно испишани хартии или со избледени постери што веќе се извиткале или влез со лошо осветлување, па тука би ставила и влез со празни стакла или sидови. Без дилема, впечатокот е сиромашен. Не само на влезот туку и во супермаркетот знаците, таблите, обележувачите и постерите треба да бидат правилно поставени со визуелен ефект што ќе влијае врз вниманието на потрошувачот. Да претпоставиме дека одреден производ треба да биде забележан, бидејќи е на акција. Доколку тој не биде правилно обележан со атрактивни знаци и боја, тоа нема да има никаков ефект врз потрошувачот.

Слух
Музиката е исто така битна алатка за визуелниот мерчендајзинг. Во принцип, многу супермаркети користат релаксирана музика што психолошки го забавува темпото на пазарење и потрошувачот подолго се задржува во супермаркетот. Од друга страна, слушањето радио при пазарење може да предизвика тензии при пазарењето во зависност од информациите што се пласираат во времето кога пазари потрошувачот.

Вкус
Дегустацијата на храна во супермаркетот има две страни: прво, да се вкусат нови производи, и второ, да им се овозможи на потрошувачите пријатна атмосфера со што би се задржале подолго. Замислете дека во екстремно жешки денови на влезот од супермаркетот имате можност да бидете почестени со ладна вода или со пијалак. Храната и пијалаците сигурно се задоволства што имаат значително влијание врз луѓето додека пазарат.

Мирис
Аромата исто така може да влијае позитивно или негативно врз мотивацијата за пазарување. Во светот денес се користат ароми што го зголемуваат уживањето кај потрошувачите, сè со цел да се задржат подолго во супермаркетот. На пример, мирисот на свежо овошје или цвеќе има позитивно влијание во процесот на пазарење.

Допир
Допирот е една од најбитните алатки на кои кај нас навистина најмалку се обрнува внимание. Најчесто, во супермаркетите секциите за козметика, домаќинство, играчки и слично се ограничени. Односно, потрошувачот не може да го доживее производот, бидејќи е во кутија или во витрина. На ваквите места персоналот не е секогаш присутен да му помогне на потрошувачот во изборот, па така честопати потрошувачот се откажува. Најчесто, овие производи се заштитени од кражба и затоа не се изложени во вистинска форма. Денес се користат софистицирани технологии што овозможуваат двете страни да бидат задоволни. Од една страна, производот да биде заштитен, а од друга, да биде изложен за допир од потрошувачот.
За крај, визуелниот мерчендајзинг е битен фактор за успешен малопродажен бизнис. Верувале или не, и најмалиот визуелен ефект може позитивно да влијае врз потрошувачот за тој да остане и да пазари во супермаркетот.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...