Воведничар: Верица Мартиновска, InStore – Македонија
FMCG самитот го спремаме нецели пет месеци.
Првично ги осмислуваме темите кои треба да бидат актуелни, интересни, мотивирачки, иновативни, а сепак реални и применливи. Теми кои ќе ги поттикнат присутните да излезат од комфорната зона и да воведат нешто ново во своето работење, да бидат чекор пред другите.
Потоа, ги бараме вистинските предавачи, предавачи кои имаат што повеќе искуство и знаење и кои сакаат тоа да го споделат со другите. Тоа значи и да одвојат време за да се подготват, да направат презентација и да дојдат во Скопје, оваа година дури и од Русија.
Откога ќе ја дефинираме програмата, ги контактираме и фирмите кои ја препознаваат важноста на настанот, за нивна поддршка и спонзорирање на самитот, затоа што без нив самитот не би постоел. Оваа година имаше фирми кои и самите се „пријавија" да бидат спонзори на самитот, што ни е само уште една потврда дека сме на вистинскиот пат и дека е оправдана комуникацијата „Трговски настан на годината".
Ако не ги споменувам техничките работи и нивната организација (бина, озвучување, осветлување, брендирање...), останува „само уште една" работа – да се поканат професионалците од фирмите да присуствуваат на настанот.
И тука се крие најголемиот предизвик. Да се издржи стресот додека сите размислуваат, сакаат, ама не можат да одвојат еден ден, ја виделе најавата, ама не го запомниле датумот, го виделе мејлот, ама не го прочитале. Па, ајде „forward" повторно и повторно .
Гледано од аспект на човек што менаџира своја фирма, знам што значи еден ден отсуство на вработен и знам што значи инвестирање во едукација и во посета на настани. Јас силно верувам дека едукацијата и нетворкингот се единствениот прав пат за развој на луѓето од одредена професија и за развој на фирмата. Затоа и InStore како медиум има цврста определба да информира и да едуцира. Затоа и секоја година одново се нафаќаме на организација на FMCG самитот. Верувам дека на сите ни треба барем еден ден во годината во кој ќе се инспирираме, и формално и неформално ќе се дружиме и ќе разменуваме идеи и мислења. Да ја подигнеме културата на FMCG секторот на едно повисоко ниво, за сите да добиеме (а не да изгубиме!) еден ден.
Еден ден во кој ќе се видите со колеги, познаници, конкуренција, соработници... Еден ден во кој ќе чуете десет предавачи, на десет актуелни теми... Еден ден во кој ќе се одалечите од секојдневните обврски и ќе ја видите големата слика. Сите заедно ќе се присетиме зошто го работиме она што го работиме.
Зар сите овие причини не се доволни за да одвоите еден ден?
Се гледаме на 17. мај.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.