Актуелно

Компаниите како „инфлуенсери“ на општествените промени

02 May 2024

Дигиталната ера донесе со себе нови канали на комуникација, а со нив и нови занимања. Едно од нив ми е особено интересно затоа што излезе од приватните профили на социјалните мрежи каде што внимателно го слушаат и следат доволно голем број луѓе, па со огромна брзина стана медиум за себе, вткајувајќи се во маркетинг и ПР-стратегиите на компаниите. А тајната на неговиот успех лежи во два клучни збора - доверба и влијание. Се разбира, станува збор за „инфлуенсер“.

Пишува: Катарина Ерцеговац, специјалист за корпоративни комуникации и настани, „Делез“ - Србија

Иако англицизмот „инфлуенсер“ влезе во нашиот говорен јазик како именка поврзана со интересот за социјалните мрежи, тој првично го означува оној што врши влијание, кој ги инспирира и поттикнува постапките на другите. А каква врска има тоа со компаниите?

Веќе е нашироко признаено дека успехот на една компанија повеќе не се мери само со биланс на состојбата, туку со тоа дали таа работи одговорно. Зголеменото загадување на животната средина и на целата планета нè вознемири и нè охрабри да станеме поодржливи. Сфаќањето колкав придонес можат да дадат компаниите во решавањето на проблемите од значење за општеството е добрата страна на сите претходни глобални, а не толку убави настани. Ова разбирање ги промени и приоритетите на деловните субјекти, од една страна, и очекувањата на потрошувачите, од друга. Компаниите кои веќе го имаа овој вид активност вткаена во сржта на нивниот бизнис уште повеќе се вклучија во овие области, а оние што заостанаа многу брзо мораа да се приспособат на новите барања на општеството. Едно стана сигурно - брендовите кои сакаат да останат релевантни, покрај потребите на потрошувачите, денес треба да одговорат и на потребите на заедницата.

Дали општествено одговорните компании на иднината се „следбеници“ или „инфлуенсери“ на општествените промени?

Од друга страна, тој период на многубројни општествени предизвици, на кои сме сведоци, нè потсети и на фактот дека со заедничко дејствување најефикасно и најуспешно може да се постигнат вистински, суштински промени. Сепак, важно е да се разбере дека во синџирот на заедничко дејствување еден од актерите треба да биде иницијатор, двигател, оној што ги инспирира и поттикнува постапките на другите. Затоа сметам дека треба да одиме чекор подалеку од дефиницијата за општествено одговорен бизнис како одговор на потребите на заедницата и да го поставиме прашањето дали компаниите можат да ја играат оваа улога? Дали можат да ги следат или да ги креираат трендовите во оваа област? Да учествуваат во решавањето на проблемите кога ќе се појават или да бидат иницијатори на промени? Преведено на јазикот на младите - дали општествено одговорните компании на иднината се „следбеници“ или „инфлуенсери“ на општествените промени?

Сметам дека водечките компании веќе го знаат одговорот и се движат во таа насока. Поаѓајќи од препознавањето на просторот за подобрување на различни области од значење за зачувување здрава планета и луѓе, па сè до повикување на заедничка акција. За овие иницијативи навистина да направат промена, мора да имаат и одредено „influens“ врз општеството. Ако се вратиме на почетокот и двата клучни збора кои ја дефинираат моќта на „influensig“ - довербата и влијанието, ќе разбереме дека станува збор за два причинско-последични поими каде што моќта на вториот (влијание) зависи од моќта на првиот (доверба). Затоа би рекла дека создавањето однос на доверба со потрошувачите, со искрен пристап заснован на грижа и хуманост, е предуслов за општествено одговорните компании како „инфлуенсери“ на општествените промени.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...