Актуелно

Тема на InStore: Инвестициска година полна со предизвици

21 Feb 2024

Македонија нуди поволни услови за инвестирање, со едноставни процедури за основање бизнис, обезбедување градежни дозволи, регистрирање имот и плаќање даноци. Но, дали инвестициската клима во Македонија е на посакуваното ниво, особено за домашните инвеститори? Што може да се очекува годинава во поглед на инвестирањето?

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Минатата 2023 година ќе ја паметиме по многу нешта, но во поглед на економскиот план, може да ја опишеме како навистина турбулентна. Се случија нови геополитички судири, во Израел имаме нов конфликт кој е поврзан со дестабилизација на Блискиот Исток, кој е поврзан со енергентите, односно со нафтата. Конфликтот во Украина сè уште трае, сè погласно е незадоволството на земјоделците од ЕУ, а голем притисок создава и недостигот на работната сила.

Македонија, пак, се соочи со висока инфлација, со која сè уште се справуваме, a недостигаат и капиталните инвестиции. Поради инфлацијата, ценовниот шок е пренесен од храната и енергијата на преостанатите производи. Oчигледно, нè очекува година полна со предизвици.

Каква е македонската инвестициска клима?

Во првите три квартали од 2023 година вкупните директни инвестиции изнесувале 352 милиони евра, додека во истиот период во 2022 година директните инвестиции биле во вкупен износ од 505 милиони евра.

За тој период во 2023 година, речиси половина или 167 милиони евра се инвестирани од страна на Европската Унија, додека од земјите членки и кандидати за членство во ЕУ, најмногу странски директни инвестиции се вложени од Турција, Германија, Унгарија и Холандија.

Најголем дел од директните инвестиции е во форма на реинвестирана добивка што изнесува 253 милиони евра, за истиот период. Според дејноста, најмногу директни инвестиции се вложени во секторите градежништво и услужни дејности, во износ од по 108 милиони евра.

Според Марија Башеска, економист во „Фајнанс тинк“, Македонија нуди поволни услови за инвестирање, со едноставни процедури за основање бизнис, обезбедување градежни дозволи, регистрирање имот и плаќање даноци.

Според последните пресметки за индексот Дуинг бизнис од Светската банка објавени во 2020 година, Македонија е рангирана 17. според условите за основање и водење бизнис. Сепак, треба да се обележи дека Дуинг бизнис оценува какви се состојбите во законите и правилата, а многу малку или воопшто не се осврнува на нивното спроведување. Македонија има генерален проблем со ефикасноста и непристрасноста во спроведувањето на законите. Сепак, во делот на странските инвестиции, ефикасноста е повисока, со тоа што институцијата надлежна за инвестициите во зоните, Дирекцијата за ТИРЗ, има поголем оперативен капацитет споредено со другите институции, додава Башеска.

Извршниот директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Дурим Зекири, истакнува дека има многу фактори што влијаат врз климата за инвестиции, било тоа домашни или странски, а за жал, често гледаме дека од владата и институциите тие фактори не се ни разгледуваат, а уште помалку да се земаат предвид. Тој смета дека треба се зајакнат домашните компании за да можат да конкурираат на силниот пазар на Европа.  

Не може да убедиме никого да инвестира кога во секој момент владата, за да ги пополни дупките во буџетот, може да донесе некој ретроактивен закон со кој ќе се даночат успешните компании, како што се случи во 2023 година кога компаниите платија „солидарен“ данок за година за која веќе се исплатени сите обврски кон државата. Или, пак, зошто да инвестираат во Северна Македонија, кога стапката на придонесите на платите е највисока во регионот? Со евентуалното интегрирање во ЕУ, ќе се реформатира и концептот на странските инвеститори, особено во ТИРЗ, што значи дека можеби нема да бидеме многу атрактивна земја за странските инвестиции. Од друга страна, на домашните компании не им даваме никаква предност, а токму тие ја реинвестираат добивката во нашата земја и креираат економска перспектива за граѓаните, изјави тој за InStore.

На ова размислување се надоврзува и проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за инвестиции и развој и вонреден професор по економија на Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип. Тој додава дека проблем се бавните процедури за издавање градежни дозволи, недоволно развиената инфраструктура и деловната непредвидливост.

Тој истакнува: Клучниот фактор за инвестициите се правната држава, владеењето на правото и сигурноста во институциите. Сите ние знаеме дека токму тие области се клучниот предизвик во нашата земја и тоа е една од главните причини за релативно бавната динамика на пораст на инвестициите во приватниот сектор.

Сето ова ни дава за право да заклучиме дека инвестициската клима во Македонија е сè уште далеку од посакуваното ниво, особено за домашните инвеститори.

Макроекономската стабилност и предвидливост можат значително да влијаат врз одлуката за инвестирање. Според неодамнешна студија од „Фајнанс тинк“, најголем дел од компаниите, особено малите и средните, ја истакнале непредвидливоста во потезите на владата како една пречка за водење бизнис која ѝ наштетува и на инвестициската клима. Да споменам еден неодамнешен пример: Законот за солидарен данок што беше донесен во јули 2023 година предизвика неизвесност кај поголемите компании, од кои дел донеле одлуки за инвестирање во претходните години. Непредвидливоста доаѓа како резултат на неговото ретроактивно дејство и неможноста за адекватно и времено планирање, истакна Башеска.

Помошта од државата – предизвик или можност

Државната помош понудена преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) обезбедува одредени поволности за инвестирање. Такви се повратот на инвестициските трошоци во нови машини и опрема, ослободувањето од плаќање данок на добивка и данок на личен доход во првите 10 години за корисниците на ТИРЗ, како и ослободување од надоместоци за уредување градежно земјиште. Државната помош и условите за инвестирање се клучните мотиви за странските инвеститори.

Башеска ни откри дека преку мерките и активностите на Развојната банка, на Фондот за иновации, ДТИРЗ, како и поддршката според Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во изминатите 3 години е доделена поддршка од 550 милиони евра, и тоа ги опфаќа и странските и домашните инвеститори. Дополнително, според најновиот пакет на антикризни мерки, за поддршка на компаниите во 2024 година се предвидени 492 милиони евра. Оттука, поддршката за последните 4 години надминува 1 милијарда евра.

Но, според Лазаров, структурата на домашните инвестиции покажува дека многу помал дел од нив се во форма на машини и опрема, а многу поголем дел се во други форми на основни средства.

Треба да го поставиме прашањето дали државата доволно ги стимулира овие форми на инвестиции кои де факто се основа за трансфер на нови технологии, поголема продуктивност и конкурентност на земјата. Од друга страна, странските инвеститори во земјата адресираат сè поголем број административни бариери, нефункционалности во системот и слабости на институциите што секако има влијание врз намалување на атрактивноста на земјата за нови инвеститори, но истовремено на некој начин ги демотивира и постојните инвеститори за повторно инвестирање во земјата, додава Лазаров.

Зекири, исто така, смета дека на економски план не постигнавме многу бидејќи институционалните капацитети се многу слаби. Поради тоа, имаме високо ниво на корупција, нелојална конкуренција и висока стапка на сива економија.

Башеска можеби со право го акцентира проблемот со државната помош во немањето релевантни податоци од нивниот учинок.

Проблемот се појавува што не постојат редовни оцени за ефективноста од државната помош, односно дали таа произведува аутпут во поголема вредност од вредноста на државната помош. И според најновиот извештај на Европската комисија, сѐ уште не се оценети ефектите од државната помош во поглед на нејзината ефективност. Ова укажува дека е потребно да се зголеми транспарентноста околу критериумите за доделување државна помош и ажурирање на регистарот на компании што добиле поддршка од државата, објасни таа.

Актуелен предизвик што никако не треба да го занемариме е недостигот на работна сила, што секако е една од причините за забавување на инвестициите во следниот период. Ако пред повеќе од една деценија клучен мотив беше и нискиот трошок за трудот, кој кога ќе се спореди со продуктивноста што работната сила ја испорачува овде во однос на земјите од Западна Европа сѐ уште обезбедуваше одредена компаративна предност, денес повеќе не е така. Се забележува значителен пораст на трошоците за трудот, делумно водено од политиките на владата, а делумно од значителниот пад на невработеноста и притисокот што се појави на пазарот на труд во однос на квалификуваната работна сила.

Фокусот на инвестирање

Покрај инвестирањето во машини и опрема, проширувањето на производството и во работната сила, Зекири се осврнува и на инвестирањето во помалку развиените региони во Македонија. Според него, доколку се инвестира во нив, статистички компаниите имаат пониски давачки што се однесува на работна сила или други дозволи за градење итн.

Второ, но не помалку битно е инвестирањето во инфраструктурата: Според последните статистики, во 2023 Албанија направи пресврт што се однесува на трговскиот дефицит кој го имаше со Македонија, бидејќи токму тие инвестирале во инфраструктура со што станаа поагилни како економија. Засега само со Косово имаме позитивен трговски биланс, но според тоа што гледаме колку тие инвестираат во инфраструктура, сметаме дека нема за долго да остане овој статус бидејќи јазот што беше порано меѓу нашите економии полека, но сигурно се намалува, додава тој.

Какви се очекувањата за годинава во поглед на инвестирањето?

Дурим Зекири, извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија

Институциите се многу важен фактор во целокупната слика на економијата, особено кога станува збор за инвестиции. Треба да се има предвид дека во 2024 ќе имаме избори и сѐ додека да се формира владата, ќе имаме застој на работата на институциите. Како последица на тоа, компаниите ќе наидат на дополнителни проблеми бидејќи и така слабиот сервис на јавните институции ќе недостига и ќе им ја отежни работата.

 

 

Дарко Лазаров, проректор за инвестиции и развој и вонреден професор по економија во Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип

Ако ја земеме генерално економската состојба во земјата и очекувањата за 2024 година врз база на состојбите во регионот и глобалните услови, може да констатираме дека и оваа година ќе се соочуваме со сериозни предизвици кои ќе ги забавуваат инвестициите на приватниот сектор. Да не ги заборавиме и претстојните избори, кои секако дополнително ќе ја зголемат политичката неизвесност и ќе предизвикаат одредени застои во економските активности.

 

Марија Башеска, економист во „Фајнанс тинк“

Забавениот пoраст на германската економија и другите економии во ЕУ може да придонесе кон намалена економска активност, а со тоа и кон намалени директни инвестиции во Македонија. Очекувам дека инвестициите од странство оваа и следните години ќе бидат повеќе од структурен карактер, имајќи предвид дека пазарот се соочува со недостиг на квалификувана работна сила, а од друга страна, други потенцијали од инвестирањето овде не се доисцрпени. Оттука, веројатно ќе видиме придвижување во две насоки: првата е реинвестирање на добивката од постојните инвеститори со поголема застапеност во СДИ отколку свеж странски капитал; втората е новите компании што ќе влезат на пазарот да бидат помали во обем на работната сила, капитално-интензивни и технолошки ориентирани, а она што ќе го побаруваат како работна сила да се однесува на конкретни повисоки профили и занимања.

Во однос на политичкиот контекст, можна е одредена неизвесност во поглед на изборите, но покрај тоа, не се очекува да има позначајни пречки во спроведувањето на директните инвестиции во 2024 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...