Ивана Вукиќ, менаџер за корпоративни комуникациии и за односи со јавноста, „Пепсико“ – Западен Балкан
Во време на растечка посветеност на општествената одговорност, корпорациите почнаа да го дефинираат својот успех на малку поинаков начин – надвор од финансиските параметри. Имено, усвојувањето одржливи практики не е само корисно за планетата, туку е и „паметна“ деловна стратегија која е во согласност со верувањата на потрошувачите, без разлика дали се консумент на производ или корисник на услуга. Оваа промена доведе до нов бран на корпоративни стратегии кои се фокусираат на холистичка одржливост, земајќи ги предвид не само профитот, туку и благосостојбата на вработените, пошироката заедница и планетата како целина.
Ајде да го замислиме бизнисот како градина на која ѝ треба соодветна грижа за постојано да цвета. Оваа градина не симболизира само збир од интересни бои или задоволство што го чувствуваме кога гледаме дека вложувањето на нашите ресурси „вродило со плод“, туку е метафора за огледалото на навиките на секој што придонесува за таа градина да стане бујна. Можеби ова не е метафора, но еве зошто може да биде важно.
За денешните генерации е исклучително важно компанијата во која работат да биде одговорна кон сите целни групи.
Луѓе: еден од клучните фактори за успехот на секоја градина, како и на бизнисот, се луѓето – нивната мотивација, енергија, желба за учење, здравје. Тие сакаат да бидат дел од секоја мала или голема успешна приказна кога чувствуваат дека прават нешто со цел и кога профитот не е единствениот водечки принцип на организацијата во која работат. Овој вид организациска култура ќе обезбеди привлекување на другите да бидат дел од компанијата, особено затоа што за денешните генерации им е исклучително важно компанијата за која работат да биде одговорна кон сите целни групи. Поставуваат сè повеќе прашања и ќе сакаат да го знаат секој детаљ од растењето на оваа наша градина.
Лојалност: Верувам дека некои од нас го доживеале чувството дека треба долго време за да се стекне довербата, но брзо може да се изгуби. Така е и со лојалноста на потрошувачите. Нивната доверба почнува да се гради од темелите, кога ја негуваме почвата која подоцна ќе ги даде најубавите плодови. Какви се состојките што ги користиме, дали нашиот фокус е на квалитетот или квантитетот. Ако потрошувачот нè праша како е создадено тоа што го држи во рацете, што ќе му кажеме? Дали би биле горди на тоа?
Пораст на профитот: Одржливоста не е краткорочен трошок, туку долгорочна инвестиција – затоа трпението е нејзиниот главен сојузник. Не се работи само за добротворни цели, за додадената вредност што ја даваме на заедницата, туку и за бизнисот. Ако сакаме да добиеме квалитетен производ, треба да инвестираме во него во секој сегмент од развојот. Можеби нема да ги почувствуваме резултатите во даден момент, но ако на почетокот поставиме цели кои го вклучуваат овој деловен сегмент, ќе можеме да ги измериме резултатите и да видиме напредок.
Регулаторна рамка: законската рамка сè повеќе се развива и на тој начин интензивно ги насочува компаниите кон тоа одржливиот развој да не биде избор, туку нешто што треба да биде и е незаменлив дел од деловната стратегија. Со проактивно дејствување во оваа област, со навремено планирање, компанијата нема да ги почувствува последиците од овие промени, а долгорочно ќе ги зачува сите свои ресурси – луѓе, финансии и време.
Експертите за комуникација, како и експертите кои се занимаваат со одржлив развој, се соочуваат со предизвици на два фронта: внатрешен (да се убеди бизнисот дека водење бизнис со цел е составен дел од успехот) и надворешен (да им се понуди на потрошувачите тоа што ќе ги задржи лојални и тоа што е во согласност со нивните верувања... и сето тоа ќе го направи со добра намера). Затоа што, на крајот на краиштата, сите ние сме потрошувачи. Каков производ би сакале да држиме во рацете?
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.