Крајната вредност на паметните полици не лежи во уредите, нивните блескави екрани и опциите за бесконтактна продажба што овој систем ги нуди, туку се гледа во нивната приспособлива инфраструктура
Приреди: Редакцијата на InStore
Поврзувањето на синџирот на снабдување со залихите во продавниците веќе подолго време претставува проблем за трговците. Развојот на повеќеканалната продажба овозможи вклучувањето на паметната технологија во синџирот за снабдување да биде клучен чекор за организација, имајќи ги предвид континуираниот пораст на очекувањата од страна на потрошувачите.
Технологијата на паметни полици се појави на пазарот споредно и сè уште не е широко прифатена. Меѓутоа, кога правилно ќе се примени, оваа технологија може да претставува важен чекор за постигнување долгорочна дигитална трансформација.
Таа почнува со податоците и специјализираните хардвери, во соработка со синџирот на снабдување на трговецот.
Што се паметни полици?
Терминот паметни полици се однесува на поврзување и вмрежување на полиците во малопродажните објекти со технологија која им овозможува да детектира кога некој производ е тргнат од полицата или е купен. На овој начин компанијата може многу полесно да следи и да ги дополнува залихите по потреба.
Концептот на паметни полици се развива со години. Еден пример е експериментот од 2003 година направен од еден популарен производител на бричеви и двајца трговци – еден во Велика Британија, а другиот во САД. Експериментот подразбира следење на залихите на полиците со помош на компјутеризиран систем. Идејата била да се следат залихите на стоката на полиците подолг период и праќање сигнал до вработените за недостиг на производот или кражба. Меѓутоа, резултатите од овие рани тестови беа мешани, заговорниците на приватноста изразија загриженост и тестовите незабележливо се прекинати, неколку месеци по нивниот почеток.
Привикнувањето на голем број потрошувачи на овој вид автоматизација доведе до посетено враќање на паметните полици на пазарот како можност за развој на многу компании, при што овој пат компаниите се насочуваат кон cloud базите за складирање на податоците за максимално да ја зголемат ефикасноста на системот. Еден од клучните иноватори во овој сектор е „Амазон“, кој во 2018 година го лансира системот за продажба Amazon Go, кој подразбира потрошувачите да можат да купат производ така што ќе го земат од полиците. Потрошувачите, во овој случај, не мора да чекаат да го платат производот бидејќи вкупната сума ќе се надомести од нивната сметка по излегувањето од продавницата. Овој систем, кој во моментов се применува на локации во Америка, му користи на „Амазон“ во синџирот на снабдување, но нуди и можност за складирање податоци од платформата Amazon Web Services.
Со користење на вмрежената технологија може да им се помогне на компаниите во подобро управување со залихите и снаоѓање на пазарот – како во продавниците така и во синџирот на снабдување
Кои предности ги нудат паметните полици за трговците?
„Амазон“ не е единствениот што покажа интерес за оваа технологија. Тука се и многу други компании кои, како дел од генералниот пораст на интересот за „паметен супермаркет“, вложуваат во оваа област. Паметните супермаркети користат алатки како што се паметни колички за купување за автоматски да следат што купуваат потрошувачите и во согласност со тоа им нудат целни препораки за производот. Така, „Микрософт“ соработува со компанијата „Кругер“ во рамките на иницијативата чија цел е вмрежување на полиците во продавницата.
Освен што им помага на доставувачите, оваа технологија, во комбинација со бесконтактните продажни системи, како оние што овозможуваат купување без одење на каса, може во целост да го смени потрошувачкото искуство. Под спонзорство на компанијата „Дел технолоџис“ и „Интел“, ИДЦ во 2020 година објави бела книга во која се препорачува користење на компјутерски вид и вештачка интелигенција за имплементација на бесконтактниот систем за продажба.
Исто така, паметните полици може да помогнат во ограничување на физичкото работење потребно за рачно ажурирање на цените на производите, што е уште една од ставките на која работат „Микрософт“ и „Кругер“. Нивниот систем, заснован на Microsoft Azure cloud, користи нискоенергетски ЛЦД-екрани за прикажување на цените и целните промоции.
Паметните полици не се користат само во продавниците и во супермаркетите. Сè повеќе компании се свртуваат кон оваа технологија за на подоверлив начин да ги следат нивоата на залихите во своите складишта и со тоа да го сведат недостигот или вишокот на стока на минимум.
На кој начин паметните полици ја користат технологијата „интернет на нештата“?
Еден од битните фактори во имплементацијата на паметните полици е токму технологијата IoT (Internet of Things, интернет на нештата). Овие полици во своето работење се потпираат на различни видови вмрежување на уредите, вклучувајќи ги паметните ваги, кои може да одредат кога некој производ е отстранет од полиците или кога треба да се замени. Во некои понови верзии на оваа технологија продавачите пробаа да стават камери на полиците за да го персонализираат купувачкото искуство на потрошувачите.
Ваквите пристапи може да придонесат за потрошувачите да го искусат купувањето и на друг начин, така што компанијата би ја прикажувала достапноста на рафтовите со помош на дигитални ознаки и преку мобилните апликации.
Како може трговците да ги следат залихите со помош на системот RFID?
Еден од традиционалните елементи користени во областа на паметните полици е и RFID, односно идентификација со помош на радиофреквенција, која на трговците и потрошувачите може да им покаже во која фаза од снабдувањето и производството е одреден производ. Иако е користена и претходно како следбеник на бар-кодовите и присутна е на пазарот подолго време, можноста за индивидуализација што оваа технологија ја нуди ја прави погодна алатка за доставувачите, кога е во прашање имплементацијата на паметните полици.
Трговците во секторот на модата, каде што трендовите многу брзо се менуваат, ги искористија погодностите на оваа технологија за да го намалат количеството на стока потребна на лагер, што им помогна во подобрувањето на својата вертикална интеграција и ја произведуваат само стоката што се очекува дека ќе се продаде.
Системот RFID е една од алатките што трговците ги користат во рамките на поширока стратегија чија цел е собирање информации за успехот на одредени производи.
Информациите добиени со помош на овој систем се надополнуваат со оние на менаџерот на продавницата за тоа зошто одредени производи не поминуваат добро во одреден период, како и со оние продавачи обучени да комуницираат со купувачите и потоа да ја пренесат повратната информација од купувачите на производителот.
Исто така, распространето е мислењето дека ознаките RFID може да помогнат во спречување на фрлањето храна, така што би му сугерирале на производителот доколку има прекумерно производство и би промовирале подобра усогласеност со понудата и побарувачката.
Што е потребно за воведување паметни полици?
Крајната вредност на паметните полици не лежи во уредите, нивните блескави екрани и опциите за бесконтактна продажба што се нудат со овој систем, туку се огледа во нивната приспособлива инфраструктура, која може да се менува во согласност со потребите не поединечни продавници или малопродажни синџири. Овие потреби многу се разликуваат од една до друга компанија, но дигиталната трансформација заснована на cloud може да доведе до промени во начинот на работење на трговецот.
Со барањето и со спроведувањето на ефикасната стратегија за дигитална трансформација и земајќи ја предвид ефикасноста на стратегијата на долг рок, трговците придонесуваат за осовременување на продажбата и подобрување на генералната инфраструктура на својата компанија. Попатно кажано, може да помогне и во намалување на количеството отпад и недостигот на залихи во малопродажбата.
Придобивки за трговците и крајните потрошувачи:
- Автоматизирано наместо рачно следење на залихите;
- Нема човечки грешки во предвидувањето на потребните залихи;
- Намалување на прехранбениот отпад, на пример, со динамичното приспособување на цените или целните промоции во реално време;
- Ефикасно користење на вработените со помош на автоматизирано следење на залихите на полиците;
- Зголемена продажба како резултат на избегнување на out-of-stock ситуации, благодарение на системот за предупредување;
- Намалување на отпадот на два начина: од една страна, со дополнување на полиците, што е засновано на побарувачката и податоците или, од друга страна, во случај со вишок залихи, со динамично приспособување на цените и промоциите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.