Актуелно

Еуромонитор: Топ-10 потрошувачки трендови за 2022 (прв дел)

02 Mar 2022

Потрошувачите ги преземаат уздите и го трасираат патот напред врз основа на сопствените страсти и вредности

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Секоја година „Еуромонитор интернационал“ ги идентификува новите трендови за кои се очекува дека ќе бидат двигатели на индустријата. Овие трендови овозможуваат преглед на промената на потрошувачките вредности, истражуваат како се менува однесувањето на потрошувачите и предизвикуваат нарушувања во бизнис-активностите на глобално ниво.

Кои сме и што сме во 2022 година?

Во последните две години промената беше единствената константа. Радикалните промени во животниот стил ги мотивираа потрошувачите да донесуваат намерни, внимателни и амбициозни одлуки. Сега, светот е на пат кон закрепнување. Потрошувачите ги реализираат плановите, ризикуваат и го искористуваат моментот. Пристапот и акцијата се движечки сили што ги обединуваат првите 10 глобални потрошувачки трендови во 2022 година. Отпорноста и приспособливоста беа на тест во 2021 година, принудувајќи ги потрошувачите да се откажат од контролата и да ја прифатат амбивалентноста. Годинава потрошувачите ги преземаат уздите и го трасираат патот напред врз основа на сопствените страсти и вредности.

  1. ПЛАНЕРИ СО РЕЗЕРВА – прекините на синџирот на снабдување водат до следните најдобри опции

Соочени со предизвици во набавката на вообичаените или посакувани производи и услуги, планерите со резерва бараат начини да купат слични артикли или да најдат креативни решенија за да добијат алтернативи. Прекините во синџирот на снабдување ги принудуваат бизнисите да се насочат и да обезбедат нови решенија за купувачите.

Креативни решенија или алтернативи

Поради ограничените ресурси, потрошувачите се борат да ги обезбедат производите што ги користат. Социјалните дружења и дискреционото трошење полека се враќаат, па затоа потрошувачите сакаат да купат нова облека, да го реновираат домот или едноставно да уживаат во кафето во движење. Сепак, ефектите од ковид-19, особено нарушените синџири на снабдување и недостигот на персонал, го зголемуваат предизвикот.

Планерите со резерва се понапред од толпата. Тие ја преземаат контролата и ја користат технологијата за да се најдат во првиот ред кога се загрозени резервите. За да обезбедат испораки, одредени потрошувачи ги користат услугите за претплата или за групно купување во заедницата. Кога ќе бидат спречени, тие ја бараат следната најдобра опција и во одредени случаи ги одложуваат набавките или ги менуваат навиките за купување. Две крајности влијаат врз однесувањето при купување на планерите со резерва – премиум плаќање или префрлување на поисплатливи опции (купување од втора рака или изнајмување).

Реосмислување на синџирот на снабдување

Достапноста на производите носи профит, а прекинот на снабдувањето може да ја ослаби лојалноста на купувачите. Компаниите мора да бидат способни да ги обезбедат потребните материјали за производство и да испорачаат исклучителна услуга. Бизнисите треба да ги искористат можностите кога ќе се појави прекин во снабдувањето. Изнајмувањето или обновените производи им даваат на потрошувачите дополнителни опции и пристап до алтернативи. Планерите со резерва веројатно ќе платат повеќе за први да пристапат до посакуваните производи. Спроведувањето ексклузивни или претпродажни акции може да ги привлече овие потрошувачи и да доведе до зголемени приходи. Мобилните апликации што нудат дигитални листи на чекање им овозможуваат на потрошувачите да го резервираат своето место и им помагаат на бизнисите да го контролираат сообраќајот.

За да се надмине недостигот, компаниите треба да инвестираат во локални извори и во автоматизација, а во меѓувреме, за компензација, цените можеби ќе треба да се зголемат. Поделбата на трошоците со други играчи за да се набават суровини на големо може да биде опција за да се обезбеди континуирано снабдување.

Изгледи

До крајот на 2022 година синџирите на снабдување треба да почнат да се стабилизираат и пристапот до производите да се врати на нивото пред ковид-19. Сепак, новите навики за купување ќе диктираат како планерите со резерва ќе ги откриваат и избираат производите. Локализмот и оптимизацијата ќе станат норма. Компаниите и дистрибутерите треба да користат податоци за да ја подобрат видливоста на синџирот на снабдување, да ги усовршат операциите и да ги преиспитаат инвестициите.

  1. КЛИМАТСКИ АКТИВИСТИ – за свет со ниска содржина на јаглерод

Зелениот активизам и стремежот за свет со ниска содржина на јаглерод се тука да останат. Поради ескалацијата на загриженоста за климатската вонредна состојба, потрошувачите очекуваат брендовите да ги засилат мерките во таа насока. За да ги придобијат климатските активисти, компаниите треба да понудат производи што се повнимателни во однос на нивниот јаглероден отпечаток. Транспарентното означување на јаглерод неутрални производи гради доверба и им овозможува на потрошувачите да направат подобро информиран избор.

Обврска за нето-нула

Климатските активисти се продолжение на минатогодишните застапници за реизградба (втора шанса за подобра иднина), при што ковид-19 е катализатор во транзицијата кон нето-нулта економија. Потрошувачите стануваат свесни за нивниот индивидуален придонес во климатските промени. Екоанксиозноста ги поттикнува еколошкиот активизам и одлуките за купување.

Новиот климатски активист прави поодржливи избори, бара акција и транспарентност од брендовите. Веќе не постои јаз меѓу свесноста за климатските промени и намерата да се дејствува. Меѓу многубројните други активности, потрошувачите што се загрижени за климатските промени ја намалуваат употребата на пластика, го контролираат отпадот од храна и го рециклираат.

Планетата е на врв на агендата

Бизнисите можат да го искористат растечкиот интерес за јаглеродна неутралност. Компаниите ги приспособуваат портфолијата за да ја задоволат побарувачката на потрошувачите за производи со помал планетарен и еколошки отпечаток. Во 2021 година 39% од компаниите посочија дека планираат да инвестираат во иновации со ниска содржина на јаглерод и развој и лансирање на климатско погодни производи.

Достапноста останува пречка за одржливите производи да станат мејнстрим. Во 2021 година 43% од FMCG-професионалците изјавија дека недостигот на подготвеност на потрошувачите да платат повеќе за овие производи е значајна бариера, која ги попречува иницијативите за одржливост на бизнисот. Трошоците што ги создаваат одржливите иновации, редизајнот на производите, флуктуациите во синџирот на снабдување и сертификатите  резултираат со зголемување на цените, што е голем предизвик.

Изгледи

Дигиталните иновации го преобликуваат начинот на кој трговците, производителите и потрошувачите преминуваат во нова ера на еколошка транспарентност. Технолошките алатки, како што се дигиталните ознаки на производите и мобилните апликации за следење, им помагаат на потрошувачите да ги следат етичките декларации, нивниот јаглероден отпечаток и навиките за рециклирање. Особено милениумците и генерацијата Z чувствуваат дека можат да направат разлика преку нивниот избор. Оваа најголема потрошувачка група во иднина ќе користи алатки за да обезбеди минимално влијание врз климата.

  1. ДИГИТАЛНИ СЕНИОРИ – од отпор до поддршка

Постарите потрошувачи беа принудени да се пренасочат на интернет кога светот се затвори. Сега, запознаени и задоволни од придобивките на технологијата, дигиталните сениори купуваат и користат услуги преку овој канал. Бизнисите имаат можност да го приспособат дигиталното искуство за да ги таргетираат и да ги задоволат потребите на оваа проширена онлајн-публика.

Овластени старци

Глобалното население на возраст од 60+ ќе се зголеми за 65% до 2040 година, достигнувајќи над 2 милијарди луѓе. Оваа релативно богата група потрошувачи стекна повеќе искуство и самодоверба во користењето на онлајн-услугите и усвојува сè повеќе технолошки решенија што помагаат во секојдневниот живот.

Покрај прелистувањето и купувањето онлајн, дигиталните сениори прифаќаат и виртуелни решенија за дружење, здравствени прегледи, финансии и учење. „Тик-ток“ е една од платформите што ја користат овие потрошувачи, непосредно инспирирани од нивните внуци (дигитални домородци). Повеќе од 60% од потрошувачите на возраст над 60 години посетувале веб-страници за социјално вмрежување најмалку еднаш неделно, а 21% играле видеоигри најмалку еднаш во неделата.

Едноставност за постарата група

Луѓето на возраст над 60 години се група со високи приходи, кои сочинуваат речиси една четвртина од потрошувачите со највисоки примања. Од таа причина, тие се важна цел за бизнисите. Оптимизацијата на мобилните апликации, социјалните мрежи и веб-страниците за дигиталните сениори е од клучно значење за да се искористи нивната потрошувачка моќ.

Повеќе од 65% од потрошувачите на возраст над 60 години бараат поедноставен живот. Бизнисите што успешно се грижат за оваа група треба да развијат едноставни уреди за употреба и да ги поедностават постојните технологии. Компаниите можат, на пример, да понудат обуки и поддршка за да помогнат во едукацијата на овие потрошувачи. За постарите да усвојат едно дигитално решение, тоа мора да биде едноставно. Ако производот/услугата е збунувачки за користење, дигиталните сениори ќе се преселат кај конкурентите.

Изгледи

Пандемијата ги отвори умовите на повозрасните за придобивките од дигиталниот свет. Едноставната технологија за употреба и беспрекорните решенија, во комбинација со комуникацијата лице в лице, ја дефинираат иднината за дигиталното вклучување на постарите.

  1. ФИНАНСИСКИ ЕНТУЗИЈАСТИ – демократизирано управување со парите

За да ја зајакнат финансиската сигурност, потрошувачите стекнуваат доверба во инвестирањето и стануваат паметни штедачи. Финансиските ентузијасти ја имаат контролата над сопствените пари и користат услуги за да ги следат нивните трансакции. Финансиската писменост повеќе не е ограничена на „Волстрит“. Компаниите треба да обезбедат алатки и решенија што се лесни за употреба, за да направат секој потрошувач да се чувствува финансиски овластен.

Подобра финансиска иднина

Пандемијата донесе нестабилност на пазарот на труд и ризик за финансиската сигурност. Неизвесноста, нестабилноста и карантинот ги предизвикаа потрошувачите да бидат претпазливи штедачи – да трошат помалку и да заштедат повеќе. Потрошувачите почнаа да користат апликации за да направат паметни финансиски потези.

Тие што имаа дискрециски приходи станаа финансиски ентузијасти, зголемувајќи ја финансиската писменост и наоѓајќи алтернативни текови на приходите (инвестирање на берзата, претворање на хобито во бизнис). На глобално ниво, 15 проценти од расположливиот приход на домаќинствата беа заштедени во 2019 година, во споредба со 17 проценти во 2020 година. Во истиот период, глобалните потрошувачки трошоци се намалија за 4%. Зголемената сума на заштеда поради времето поминато дома, паралелно со намалените можности за трошење, ги натера потрошувачите да ја подобрат својата финансиска состојба.

Можности за опслужување на тие што немаат банкарска сметка

„Банкарската“ популација низ развиените и земјите во развој продолжува да се зголемува, овозможувајќи им на потрошувачите пристап до алатките за управување со пари. Бизнисите капитализираат од оваа новооткриена финансиска слобода и реагираат со ресурси што на потрошувачите им даваат поголема контрола и доверба. Се појавија бројни платформи за тргување на мало, погодни за финансиските ентузијасти да инвестираат пари на берзата.

Финтек-стартапите обезбедуваат дигитални услуги со пониски провизии и повисоки каматни стапки за тие што немаат банкарски сметки. Компаниите, исто така, капитализираат и од порастот на криптовалутите како алтернативен начин на плаќање.

Изгледи

Апликациите за управување со парите, кои се клиентоцентрични, едукативни и едноставни, имаат корист во ерата на финансиската демократизација. Овие бизниси градат лојалност во време кога довербата во финансиските институции се намалува. Трговците и брендовите треба да соработуваат со корпорациите за финансиски услуги за да ги олеснат алтернативните форми на плаќање, како што се криптовалутите.

  1. ЦЕЛОСНИ ПРЕОБРАЗУВАЧИ – страста и целта поттикнуваат акција

Пандемијата ги поттикна потрошувачите да го направат „големото освежување во животот“, што резултира со драстични лични промени и колективно рестартирање на вредностите, начинот на живот и целите. Бизнисите треба да иновираат производи, услуги и искуства што одговараат на овој момент, кој се случува еднаш во една генерација.

Нов начин на живот

Кризите може да ги натераат луѓето да ги анализираат и да ги променат сопствените вредности. Во изминатата година потрошувачите направија „попис на животот“ и активно се обидуваат да исцртаат нов пат напред. Денес потрошувачите чувствуваат поголема благодарност за рамнотежата меѓу работата и животот. Тие ја менуваат кариерата или целосно ја напуштаат за да ја откријат или да ја остварат својата цел.

Промената ќе остане доминантен тренд што ги карактеризира промените во животниот стил на краток рок. Активностите и производите што позитивно влијаат врз менталното и физичкото здравје, како што се посвојувањето миленичиња или можноста за патување додека се работи од далечина, влијаат врз одлуките за купување.

Поддршка на личниот развој

Пазарот на работни места низ целиот свет доживува невиден промет. Одредени потрошувачи избраа или беа принудени да ја напуштат постојната работа, што поттикна на „Линкдин“ да се бараат нови работни места.

Работниците гравитираат меѓу владините придобивки, здравствените ризици и враќањето во нормала, како и меѓу пошироките лични вредности. Вработените бараат кариери што одговараат на нивниот живот надвор од канцеларијата. Компаниите имплементираа работни места на нови простори – канцеларии на далечина, за да се одржат нивоата на продуктивност, што трајно доведе до нови начини како, кога и каде може да се работи.

Изгледи

Потрошувачите ќе продолжат да се движат низ турбуленциите на пандемијата. Компаниите кои се грижат за „големото освежување во животот“ се гледаат како партнери, помагајќи им на потрошувачите да се приспособат на новиот начин на живот. Бизнисите треба да го приспособат маркетингот за да ги признаат и поддржат одлуките на потрошувачите да преземат акција. Потрошувачите ќе претпочитаат брендови што се соодветни на моментот. За да ја поттикнат лојалноста, компаниите треба да понудат политики и производи што обезбедуваат вредност и го поддржуваат личниот развој.

(Продолжува)



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...