Актуелно

Верица Мартиновска: The show must go on!

18 окт 2021

Воведничар: Верица Мартиновска,  InStore – Македонија

Лани, кога почна пандемијата, ние веќе го спремавме 6-тиот FMCG Summit, кој традиционално требаше да се одржи на почетокот од мај 2020 година. Дел од говорниците и спонзорите веќе ни беа договорени. На првите знаци дека нешто се случува, не изреагиравме сметајќи дека не е нешто сериозно. Со првиот локдаун, на 16 март, сфативме дека мора да го одложиме самитот, не затоа што до мај немаше сѐ да биде вратено во нормала, туку затоа што немавме услови за организација во месеците што му претходеа. Толку бевме оптимисти.

Не знаејќи колку ќе трае пандемијата, а надевајќи се на најдоброто, имавме резервирано неколку датуми во хотелот „Александар палас“. Првиот на почеток од јуни, вториот во септември, третиот на почетокот од декември. Ни на крај на памет не ни паѓаше дека ќе треба да организираме онлајн-самит. Дури кога видовме дека ПЛМА е одложен за 1 до 3 декември, го поместивме малку порано самитот, за да не се поклопиме, знаејќи дека има доста македонски фирми што го посетуваат саемот во Амстердам. На крај, ПЛМА не се одржа минатата година, а ние првпат организиравме самит онлајн.

Расчистете си го работниот календар за 28 октомври и дозволете си барем виртуелно да бидете заедно со колегите и да проследите десетина инспиративни предавања.

Оваа година од старт го закажавме како онлајн-самит, очекувајќи нови, строги протоколи наесен, што и се случи. Спремни сме со одлични говорници, поддржани од компании-спонзори кои веќе традиционално го поддржуваат FMCG-самитот, но и од некои што првпат ни се приклучуваат, што особено нѐ радува. Првпат имаме повеќе КА-ти како спонзори на самитот, со што конечно се приближуваме до сликата од другите држави, каде што сите КА-ти секогаш се присутни на самитите.

Иако онлајн, изданијата си имаат и свои предности, јас лично одвај чекам да се сретнеме на самит во живо, да си помуабетиме, да се сликаме заедно, да се смееме, да учиме заедно. Затоа, искрено се надевам дека ова ќе биде последен онлајн-самит и дека следниот пат ќе се собереме сите во живо, како во старите добри времиња.

А сега, расчистете си го работниот календар за 28 октомври и дозволете си барем виртуелно да бидете заедно со колегите и да проследите десетина инспиративни предавања.

The show must go on!  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...