Во 2020 година се реализирани 178 милиони евра кон домашните е-трговци (од кои 11 милиони евра се со странски картички), додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 76 милиони евра
Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Значителни суми пари почнаа да вложуваат големите компании во развојот на онлајн-трговијата, во време кога глобалната пандемија покажа колку овој сектор, всушност, е силен и за колку кратко време се разви. И покрај сe уште присутниот скептицизам на нашите простори за купувањето преку интернет, некои веќе го означија „стартот“ на трката по дел од бизнисот на кој му се предвидува блескава иднина.
Таков пример е инвестицијата од 100 милиони евра на српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ, кој со неговата „Делта холдинг“ влезе во сосема нов бизнис – онлајн-трговијата, односно лансирање регионална платформа за купување преку интернет. Најава за поголеми вложувања во купувањето преку интернет дојде и од Озгур Торт, главен извршен директор на турската групација „Мигрос“, на настанот за преземањето на „Рамстор“ – Македонија (кој до неодамна беше на „Мигрос“) од компанијата „Сити плаза“ на Ајдован Адемовски.
Донесовме одлука електронската трговија да се развива уште повеќе во следниот период. Уверен сум дека г-лобалниот тренд во малопродажбата ќе се преслика и тука и малопродажбата ќе цели кон електронска трг-овија, рече Торт во своето обраќање. „Мигрос“ во Турција има повеќе од 500 центри за електронска трговија.
За 135 отсто порасна прометот кај домашните е-трговци во 2020 година
И Македонците, притиснати од околностите, се навикнуваат да купуваат преку интернет. Пандемијата ги смени навиките не само за плаќањето сметки преку интернет туку и за секојдневното пазарење на основните намирници. Според податоците што ги добивме од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а кои се темелат на последните објавени податоци за платежна статистика од Народната банка, порастот на вредноста на реализирани онлајн- трансакции кон домашни интернет-продажни места изнесува 135% во 2020 споредено со 2019 година. Во 2020 година се реализирани 178 милиони евра кон домашните е-трговци (од кои 11 милиони евра се со странски картички или 6%), додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 76 милиони евра. Што се однесува до вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон странски е-трговци, таа бележи пад од 38% во 2020 споредено со 2019 година или во апсолутен износ реализирани се 62 милиони евра во 2020, наспроти 100 милиони евра во 2019 година.
Најголемо зголемување на онлајн-купување има кај храната или кај производите за секојдневна употреба.
Секако, ова е очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања, па падот во најголема мера може да се каже дека се должи на авиобилети, хотелски сместувања и сл. Иако податоците за порастот кон домашните е-трг-овци се охрабрувачки, треба да се напоменат и слабостите во однос на известувањето за е-трг-овијата и недостатокот на достапни податоци - така вкупните реализирани онлајн-трансакции не се однесуваат само на малопродажба, односно во нив се вклучени и плаќање на сметки и други трошоци. За да можеме да видиме пореална слика за е-трг-овијата, треба да имаме податоци за вкупната малопродажба во земјата и подетални податоци за е-трговијата за да кажеме колкав дел од малопродажбата е онлајн, колку уделот се зголемил за време на пандемијата, односно кај нас сe уште отсуствува стандардизиран начин за мерење и известување кој е присутен во речиси сите земји, велат од Асоцијацијата.
Бројот на новоотворени онлајн-продавници во Македонија бележи пораст од 43% во 2020 година. Во текот на 2020 година се отвориле 439 нови виртуелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2020 изнесува 1.459. Главното прашање е што по завршувањето на кризата, дали е-купувачите ќе продолжат со исто темпо. Во прашалникот што го спроведе Асоцијацијата на 2.800 е-купувачи, 37% од нив се изјасниле дека по започнување на пандемијата на Ковид-19 го зголемиле обемот на онлајн-купување, а 76% ќе продолжат со исто темпо да купуваат онлајн и потоа. Главна мотивација за онлајн-купување се пониската цена и бесплатната достава, а дополнителни причини се заштедата на време, потоа флексибилност да купуваат кога било, од каде било и поголема безбедност за здравјето.
Сите сознанија од спроведената анализа претставуваат основа за предлог-препораките за забрзување на порастот на е-трговијата во Република Северна Македонија, кои се дел од извештајот. Главно препораките се насочени кон едукација, кревање на свеста, зајакнување на дигиталните вештини, олеснување на административните процедури, активности за адресирање на сивата еконо-мија, воведување стимулации и олеснувања за е-трговците, зголемување на безготовинските плаќања и слично, вели д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Најголемо зголемување на онлајн-купувањето има кај храна или производи за секојдневна употреба. Значајно се променети и навиките за плаќање сметки он-лајн за електрична енергија, вода и телекомуникациски услуги. Како бариери за развој на е-трговијата, е-трговците на прво место ги сметаат ниското ниво на свесност на купувачите за онлајн купување (79%) и недовербата во онлајн-купувањето (79%). Извештаите и од регионот покажуваат дека онлајн-продажбата на супермаркетите порасна најмалку двојно во 2020 година. На пример, во Грција порастот е за 262 отсто во споредба со претходната годината, односно на 163 милиони евра во 2020. Уделот на супермаркетите во вкупната онлајн-продажба во Грција лани се зголеми на 1,8 % наспроти 0,4% една година претходно. Во Србија, прометот преку онлајн-купување е удвоен промет од 33 милијарди динари во 2020 година наспроти 17 милијарди динари во 2019 година.
Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија
Генерално гледано, би рекла, не само кога зборуваме за е-трговијата, туку и воопшто за дигиталната трансформација, токму поради неподготвеноста и слабостите што ги имаме во системот, како ниско ниво на дигитални вештини, бавна адаптација кон дигитални солуции и сл., не успеавме да ги капитализираме можностите повеќе. Ковид -19 ги „истурка” постојните слабости на виделина и сега клучно е да се работи на овие слабости со забрзано темпо со цел да се забрза дигиталната трансформација на нашето општество.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.