Работење

Филип Лунески: Препознавање на новата нормалност

29 јул 2020

Што е тоа ново во нашата реалност и уште поважно, што е нормално во овој свет кој одново го запознаваме?

Автор: Филип Лунески

Нова нормалност (new normal) – ова е терминот кој се наметна како нов комерцијален „токен“ последниве неколку месеци откако почна пандемијата на Ковид-19. Меѓутоа, што всушност претставува таа нова нормалност, што е тоа ново во нашата реалност и уште поважно, што е нормално во овој свет кој одново го запознаваме? Се разбира, во овој текст ќе се осврнеме на комерцијалниот сегмент во рамките на брзата потрошувачка, и на импликациите постковид-19, иако оваа тема има многу поширока слика која треба да се согледа.

Последната деценија ја обележаа многу промени во малопродажбата, од генерациската промена на потрошувачите, преку низа технолошки промени, до консолидација на пазарот, што може да се види и на македонската сцена. Сето ова претставуваше континуиран сериозен притисок врз трговците поради новите трошоци за одржување на бизнисот, како и притисокот да се остане релевантен во новите канали на продажба. Со доаѓањето на пандемијата овие предизвици и притисоци за просечните трговци станаа значително поголеми. Затоа, доста е извесно да бидеме сведоци на нови укрупнувања на пазарот, во корист на поголемите синџири кои релативно полесно можат да се справат со, пред сè, финансиски предизвици. Меѓутоа, она што ја карактеризира промената во случајот кога се соочивме со глобална пандемија е фактот што сите интересни страни во сферата на трговијата се речиси еднакво под влијание и веќе претрпуваат колосални промени во своите улоги на пазарната сцена, па оттаму и конструкцијата за нова нормалност. Да погледнеме накратко некои од нив.

Безбедноста на своите потрошувачи останува приоритет број еден насекаде во светот, и овој аспект веќе стана терен за демонстрирање (конструктивна) компаративна предност. Така веќе може да видиме доста иновативни решенија во разни земји од светот кои се насочени кон зачувување и унапредување на безбедноста на потрошувачите кога тие се наоѓаат во куповна мисија. Еден од најнапредните методи е т.н. робот-дезинфикатор, кој беше претставен од „Делез“ во Белгија, а се работи за справа која ја дезинфицира секоја количка пред таа да биде преземена од нов потрошувач во маркетот. Нивните официјални лица дадоа изјави дека локалното население каде што овие справи се поставени реагирало со воодушевување и тоа се одразило врз бројот на потрошувачи, а во нивните анкети нотирале дека се појавил голем број од нив што порано не доаѓале во нивните продавници од други причини.  Фактот дека таму чувствуваат поголема безбедност ги натерало да го пренасочат своето секојдневно купување во маркетите каде што знаат дека безбедноста е на највисоко ниво. Исто така, неколку други трговци во европските земји посегнаа по различни креативни начини како да обезбедат адекватно дистанцирање во своите локали, па можат да се видат примери како поставување семафор пред влезовите кој сигнализира кога е безбедно следниот потрошувач да влезе во продавницата. Понатаму, креативни маркирања и гласовни команди во објектот кои им помагаат на потрошувачите да ја држат пропишаната социјална дистанца. Сите овие напори се за големо поздравување и треба да служат како инспирација за другите трговци бидејќи сè додека пандемијата трае, безбедноста треба да биде бескомпромисен приоритет.

Најпрецизен одговор за новата нормалност ќе добијат оние компании што ќе одлучат тимски да ја решаваат задачата, преку заеднички бизнис-планови со своите партнери на пазарот.

Иако е неблагодарно да се зборува за победници во оваа ситуација, сепак, од комерцијална перспектива, компаниите и трговците што успеаја да го согледаат целокупниот синџир на снабдување и да направат адекватни потенцијални сценарија, како и спремност за соочување со истите, со причина можат да се наречат заслужени победници. Демонстрацијата на агилност во своите оперативни модели е рецептот за успех во ситуација кога постои голема непредвидливост и промена во пазарната сцена од ден на ден. Останува прашањето колку останатите трговци ќе ги следат овие успешни практики и каква ќе биде синергијата меѓу компаниите, дистрибутерите и малопродажбата. Според мене, ако нешто конечно треба да се земе како сигнал за неопходност на постоење на заеднички бизнис-планови (Joint Business Plans), тоа е оваа ситуација кога секој од партиципиентите во пазарната сцена ќе сфати дека не се работи за добивање на битките, тука за добивање на војната. А војна се добива со долгорочна стратегија, адекватни ресурси и стратешки партнерства. Интернационалните компании како „Унилевер“, „Хајнц“, „Кока кола“ и многу други имаат долгогодишна практика на стратешки партнерства со своите дистрибутерски партнери и малопродажбата, заеднички да ја дефинираат стратегијата и своите бизнис-планови за заемен успех на пазарот. Кога имате такви релации со партнерите, тогаш и сериозни кризни ситуации како пандемијата се можност за меѓусебна поддршка и со тоа избегнување на посериозни штети за сопствениот бизнис.

Новата нормалност изнедри уште еден многу важен податок, а тоа е балансот меѓу физичката и онлајн-продавница. За важноста на е-трговијата пишував во минатиот број, затоа нема да се повторувам, меѓутоа, овој пат сакам да потенцирам дека воведувањето онлајн-услуги не треба никако да значи занемарување на традиционалната верзија на продавниците. Напротив, како и во останатите делови на светот, така и кај нас, физичката посета на објектите ќе биде доминантен дел од трговијата, така што интеграцијата на е-трговијата треба единствено да се согледа како синхронизација на двата сегменти, и нивна комплементарност. Тоа значи нивелирање на понудите, синергија во промоциите и маркетинг-иницијативите, точност и прецизност во информациите за производите и за крај, креирање на понудите во согласност со потребите и очекувањата на потрошувачите. За таа цел, потребна е јасна дистинкција - кои се ешалоните на потрошувачи што се определуваат за електронски трансакции, а кои се оние што остануваат посветени на физичка посета, како и заедничкиот именител помеѓу двете групи.

Секако, најголемата промена се забележува кај потрошувачите и консументите.

Човечката психологија е сериозно променета со тоа што луѓето се далеку посвесни за некои аспекти од животот кои пред пандемијата не беа во радарот на просечниот човек. Безбедноста за себе и своите најблиски е на првото место. Понатаму, импулсивната реакција на производи и промоции е на минимално ниво. Исто така, експериментирање со нови производи и брендови сè поретко се забележува, напротив, во многу европски земји индикаторите покажуваат пораст на продажбата на брендовите кои традиционално одржуваат квалитет и конзистентност во комуникацијата со своите потрошувачи - тоа се производите од доверба. Сите овие параметри доведоа до значајна промена на потрошувачката кошница. Со тоа, компаниите имаат нова задача, а тоа е да ја идентификуваат новата нормалност во рационализацијата на потрошувачите и консументите, односно да ги препознаат новите двигатели што влијаат врз донесувањето одлука во објектот.

Едно е сигурно, оваа задача нема моментален одговор, напротив, одговорот ќе мора да се бара во континуитет, сè додека не сме сигурни дека кризата е целосно готова, а новата нормалност нема да биде подложна на нови промени. И за крај, најпрецизен одговор ќе добијат само оние компании што ќе одлучат тимски да ја решаваат задачата, преку заеднички бизнис-планови со своите партнери на пазарот.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Глобални синџири: Одржливост во секој поглед

17 јун 2020

Филип Лунески: Креативни решенија на клучни позиции

17 јун 2020

Што може да научиме од кризата со коронавирусот?

17 јун 2020

Е-продажба: Како до квалитетна содржина?

17 јун 2020

Гордана Кадоиќ: Лидерство во време на криза

17 јун 2020

Антонио Зрилиќ: Сет за преживување на коронавирусот

17 јун 2020
Вчитува уште новости...