Работење

Наталија Пекиќ: Културата во семејните компании

21 Apr 2017
Културата како бренд
 
Секоја семејна компанија е посебна и единствена, поинаква од другите токму поради семејната култура и нормите, кои семејството (не)свесно ги инкорпорира во работењето
 
Автор: м-р Наталија Пекиќ, консултант за семејни компании, надворешен предавач на Економскиот факултет во Осиек, natalija.pekic@gmail.com
 
Еден од поголемите предизвици на семејните компании е мудрото управување со вредностите што поминуваат од генерација на генерација, кои треба да бидат темел на одржливата корпоративна култура.
 
Семејната култура станува сè посилна и поодржлива со текот на времето – таа станува сè повидлива за луѓето кои се во и надвор од претпријатието. Вообичаено, таа е длабоко поврзана со погледот на светот на основачот и со неговата семејна култура. Тоа ја прави силна и за деловниот успех.
 
Културата на компанијата е многу повеќе од чувство – таа директно влијае на клучните одлуки во претпријатието. Во услови кога конкуренцијата е сè посилна, ценовните војни се сè поинтензивни, а влијанието на технологијата е магатренд што не смее да се игнорира, нашиот бизнис мора да инвестира во нова конкурентска предност.  Веројатно културата на организацијата не би ни паднала на памет како прва конкурентска предност, но неодамнешните истражувања покажуваат дека постои позитивна корелација меѓу супериорните финансиски перформанси и супериорната корпоративна култура.
 
Во 80-тите и во 90-тите години на минатиот век, семејните компании се доживуваа како здодевни, старомодни и со недостиг од иновации. Тие беа повеќе фокусирани кон долгорочното размислување и кон континуитетот, водеа повеќе сметка за сопствените вработени, инвестираа во долготраен однос со доставувачите и беа добро поврзани со локалната заедница. Со тој одржлив пристап кон профитабилноста, семејните компании создаваа одржлива вредност, најпрвин за себе, а потоа и за партнерите и за општеството во целина. Традиционалниот пристап кон капитализмот е под засилена критика низ целиот свет. Пораката е јасна – создавањето долгорочни вредности е многу подобар деловен концепт отколку максимизацијата на профитот, факт што глобалната економска криза дополнително го потврди.
 
Одговорноста на менаџерите на семејните компании, без разлика дали тие се од семејството или не, е да управуваат со културата во компанијата – да ја зачуваат и да ја всадат во визијата на претпријатието. Вредностите, верувањата и амбициите на семејството кое стои зад семејниот бизнис се движечката сила на културата за одржливост. Корпоративната култура на семејната компанија е производ на непрекината интеракција меѓу семејството и бизнисот. Експлицитно или имплицитно, (не)намерно, семејните вредности се пренесуваат од генерација на генерација и се вградуваат во културата и во вредностите на менаџментот на компанијата.
 
Како што силната култура може да биде дополнителен импулс за семејната компанија, таа може да биде и сопирачка за промените и за порастот. Свесноста за тие влијанија, како и способноста да се приспособи компаниската култура кон влијанијата на промените, се критични фактори за пораст и за опстанок на семејната компанија.
 
 
Што всушност значат поимите „култура на претпријатието", „семејна вредност" и „клучни деловни вредности"?
 
1.Додека дефиницијата за културата во различни претпријатија може да варира, ќе се потрудам да истакнам три основни рамки. Пасивната рамка вели дека културата е начинот на кој ги правиме работите околу себе. Научната рамка вели дека станува збор за (не)формални и ненапишани, но силни норми, кои се изведени од заедничките вредности на семејството и влијаат на однесувањето. Активната рамка најчесто е и најпрактична – културата е резултат на тоа што посебна група луѓе мислат, а како резултат на тоа, настанува вредноста која за таа група е највредна. Уверувањата влијаат на тоа како таа група соработува меѓусебно, со другите и со светот околу неа. Многумина сметаат дека токму активната дефиниција е најсоодветна за семејното претпријатие.
Семејните компании често ги водат членовите на семејството, кои се водени од вредностите што се втемелени во секојдневните операции. Тоа што сакам да го истакнам е дека културата е конкурентска предност, која е индивидуална како што е и семејната компанија. Културата мора да биде негувана и да се развива со текот на времето, но и да ги рефлектира промените во индустријата и внатрешно да се приспособува.
 
2.Семејните вредности се основните вредности, верувањата и амбициите на членовите на семејството, кои се инволвирани во работата. Вредностите одредуваат како ќе се одвиваат работите во семејството (на пример, преземањето одговорност и односот кон одговорноста), а се содржани и во бизнис-етиката. Како семејните вредности влијаат на културата на компанијата?
Семејно-деловните вредности се матрица, која е комплексен систем од претприемнички вредности (работи, заработувај, штеди), специфични вредности за семејниот бизнис (управување, лојалност на вработените), елементи што се карактеристични само за семејното управување (најпрвин работи во некоја друга компанија, па потоа може да дојдеш во семејната компанија) и етичките стандарди (чесна бизнис-практика, грижа за заедницата).
 
 
 
3.Клучните бизнис-вредности, кои се одредени од културата и од однесувањето, се развиваат во организацијата, а се втемелени на семејните вредности, стратегијата, идентитетот, брендот, управувачката структура, очекувањата од другите...
 
Умешноста семејните вредности да се преведат во клучни бизнис-вредности за семејното претпријатие е морален компас, кој ја води компаниската активност. Вредностите мора да бидат врежани во менаџментот на компанијата, да се верува во нив и да се живеат. Корпоративната култура, која се темели на семејните вредности и норми, е важен елемент за генерирање на единствена конкурентска предност, односно пат кон брендирање на производот, услугата и на претпријатието во целина.
 
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...