Трендовите во логистиката веќе оставија трага по која ќе живеат и ќе работат следните генерации. Познавањето на тие трендови е многу важно за сите што се заинтересирани за развој на овој сектор.
Приреди: Светлана Виденов, svetlana@instore.rs
Логистиката отсекогаш била една од најважните индустриски гранки во секоја држава. Таа опфаќа производство и дистрибуција на голем број производи, вклучувајќи храна, облека, медицински прибор итн. Како резултат на тоа, логистиката непрестајно бара нови технологии за да може што подобро да функционира.
Компаниите во оваа индустриска гранка се соочија со многу предизвици во последните неколку години – од воведување нови правила до приспособување кон промените и потрошувачките навики. Во услови кога економијата станува сè поглобална, се забрзува порастот на побарувачката на логистички услуги, а компаниите се обидуваат да го олеснат тргувањето и да бидат во предност во однос на конкуренцијата. Со оглед на тоа што сè повеќе компании се приклучуваат кон овој сектор, станува особено важно да се следат трендовите и иновациите што ја обликуваат иднината на логистиката.
Трендовите во логистиката укажуваат на тоа дека оваа индустрија доживува значајни промени годинава, што влијае врз компаниите низ целиот свет. Како и секоја друга индустрија, и логистиката во текот на пандемијата се соочи со голем број предизвици.
Клучни иновации во логистиката
Трендовите во логистиката веќе оставија трага по која ќе живеат и ќе работат следните генерации. Познавањето на тие трендови е многу важно за сите што се заинтересирани за развој на овој сектор. Во продолжените се најважните шест иновации што ќе ја обележат логистиката во 2022 година.
1. Развој на автономни возила
Автономните возила се еден од клучните трендови во логистиката. Логистичките компании, како што се ДХЛ и УПС, континуирано инвестираат во истражување и развој на автономни возила за достава. На овие инвестиции тие гледаат како на намалување на нивните трошоци во иднина и зголемување на ефикасноста со автоматизација на услугите за достава. Дел од логистичките компании веќе можат да ги користат овие возила за сопствени услуги за достава.
Со сè поголемиот број компании на пазарот што нудат висококвалитетни услуги за транспорт, многу е тешко да се остане во чекор со конкуренцијата. Сепак, автономните возила носат големи промени, овозможувајќи едноставна испорака на стоки низ целиот свет, без грижа за недостигот на возачи.
2. 3Д-печатење и производство по потреба
3Д-печатењето е нов тренд во логистиката. Со помош на 3Д-печатачи, компаниите може да го променат моделот на работа од масовно во производство по потреба. Тоа овозможува подобро приспособување на производите кон потрошувачите и намалување на трошоците за производи што потрошувачите не сакаат да ги купат. Освен тоа, производителите ќе можат да произведуваат делови што се приспособени на потребите на сите потрошувачи. На тој начин дополнително ќе се намали отпадот и ќе се зголеми ефикасноста при производството.
3Д-печатачите денес се користат во сите фази на процесите во синџирите на снабдување. Може да се најдат и во складиштата, каде што произведуваат модели или резервни делови по потреба. Нивната употреба се прошири и во дистрибутивните центри, во кои се користат за пакување на нарачките, пред да бидат испратени до купувачите низ целиот свет по морски или по воздушен пат.
Во услови кога економијата станува сè поглобална, се забрзува порастот на побарувачката на логистички услуги, а компаниите се обидуваат да го олеснат тргувањето и да бидат во предност во однос на конкуренцијата.
3. Апликации засновани на вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција (ВИ) се користи за многу апликации во секторот управување со товарен сообраќај. Користењето софтвери за анализа на податоци, базирани на вештачка интелигенција, го прави мошне ефикасно управувањето со товарни возила. Интелигенцијата претставена од машини и софтвери, исто така, може да помогне и за оптимизација на маршрутите врз основа на податоците за временските услови и сообраќајот. Тој тип софтвери ќе им дадат предност на компаниите во однос на конкуренцијата бидејќи ќе им овозможат поефикасно да ги планираат промените во побарувачката и производството.
ВИ може да придонесе и за попрецизна прогноза за статусот на возилата, што помага во водењето евиденција за горивата и закажувањето контроли. Иако вештачката интелигенција веќе се користи во секторот за управување со товарни возила, може и понатаму да се развива. Со континуираните иновации и развој, ВИ ќе стане неизоставен дел од управувањето со која било флота.
4. Усвојување на облак-технологијата
Технологиите засновани на облак-системи за чување податоци стануваат сè попопуларни во логистиката. За логистичките компании, овие технологии може да бидат од голема корист за подобрување на деловните процеси. Дел од предностите на работењето во облак-технологија се едноставната приспособливост и зголемената сигурност на овие системи, како и намалувањето на трошоците. Меѓу другите предности се и намалената потреба за одржување на хардверот и зголемената безбедност на податоците со помош на енкрипција.
Овие нови технологии може да им помогнат на шпедитерите да ги намалат оперативните трошоци, да ја зголемат ефикасноста и да го унапредат работењето. Поради зголемената популарност, од облак-технологијата се очекува да има извонредно големо значење во следните пет години.
5. Испорака до последната милја
Сè повеќе компании се стремат да ги испорачуваат своите производи до последната милја. Голем број претприемачи го пренасочуваат фокусот на испорака на стоки на локално ниво, за на купувачите да им овозможат персонализирано искуство. Тоа се одразува и врз логистиката, со оглед на тоа што овие промени ќе влијаат врз начинот на работа во иднина.
„Испорака до последната милја“ е концепт што се користи за да се опише последната фаза на испораката на стоки – кога тие од магацините и од дистрибутивните центри стигнуваат до крајниот купувач. Овој тренд стана актуелен во последните неколку години затоа што е поевтин и поповолен од користењето курирски служби.
6. Воведување блокчејн-технологија
Блокчејн-технологијата е релативно нов концепт во логистиката. Таа е децентрализирана база која ги бележи сите трансакции и им овозможува на корисниците да ја завршат својата работа без посредство на друга личност. Потенцијалот на оваа технологија е во нејзината способност да ја намали можноста за фалсификување, со тоа што речиси оневозможува некој да ги менува податоците во базата без системот да го детектира тоа.
Со користењето блокчејн-технологија за управување со системот на снабдување компаниите може да го подобрат следењето на резервите на секое ниво. Тоа можат да го постигнат со навремено ажурирање на времето на испраќање и испораката на стоките до купувачите. Оваа транспарентност им овозможува на компаниите да им понудат информации на потрошувачите во реално време.
Блокчејн-технологијата нуди нови решенија како логистичките операции да бидат поефикасни, побезбедни и потранспарентни од кога било досега. Потенцијалната употреба на блокчејн-технологијата вклучува и следење на прехранбените артикли или статусот на пратката. Оваа технологија има потенцијал да управува со глобалната трговска документација и да им ја олесни работата на царинските служби.
Заклучок
Логистиката е дел од една глобална и сложена индустрија. Таа е столбот на секоја економија и во следните неколку години се очекува да има сè поголемо значење. Иднината на бизнисот зависи од трендовите што доаѓаат. Вистинската стратегија може да им помогне на компаниите да напредуваат, додека погрешната ќе води до стагнација.
Текстот е објавен на стр. 40 во Мапа на дистрибутери
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.