Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Целта е сè и сè е цел

20 Aug 2019

Ако знаеме каде одиме и зошто, тогаш можеме да управуваме со патувањето. Ако притоа наидеме на препрека која не можеме да ја отстраниме, тогаш го менуваме начинот на патување. Не се откажуваме од целта, само наоѓаме друг начин за да стигнеме до неа

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“

Го знаете тоа кога ќе тргнете некаде, па ќе ве сретне комшивката која ја нарекувате „видеонадзор“ или со друг погрден назив што сочно го опишува нејзиниот начин на живот – никогаш ништо да не испушти од вид.

Па вие убаво се поздравувате, а таа нешто ќе промрмори во знак на поздрав, но јасно и со нескриено љубопитство ќе ве праша: А каде одиш?

И тоа навистина ја интересира, кое е вашето конечно одредиште. Која е вашата цел. И тоа, не само локациски, туку следното прашање е: А, зошто?

Ја интересира каде одите и зошто одите. Не се занимава многу со тоа како ќе стигнете таму, ќе смисли таа некој соодветен развој на случувањата.

Од друга страна, ќе смисли и развој во врска со вашата конечна дестинација и причината за патувањето, па според тоа ќе си направи процена за вас. Кога велам „ќе процени“, мислам на приказна што ѝ е најлогична, и ако е расположена (а главно е), ќе има и драматични моменти, на пример, случајна романса или некое предапокалиптично случување. Бидејќи, што е приказна без драма?

Што од комшивката „видеонадзор“ може да научи секој менаџер? Жената е фокусирана на цел и на причини. Сoсeма доволно за успех.

Мораме да знаеме каде одиме и зошто одиме таму. Каков резултат очекуваме. И ние, како и комшивката, во недостиг на материјални докази, мора да смислиме како ќе изгледа посакуваниот резултат.

Добро, нема сега да смислувате бајки и некој нереален развој на настаните, но многу е важно да се замисли/процени/визуализира тој иден очекуван успех.

Ако знаеме каде одиме и зошто, тогаш можеме да управуваме со патувањето. Ако притоа наидеме на пречка која не можеме да ја отстраниме, тогаш го менуваме начинот на патување. Не се откажуваме од целта, само наоѓаме друг начин за да стигнеме до неа.

Што од комшивката „видеонадзор“ може да научи секој менаџер? Жената е фокусирана на цел и на причини. Сoсeма доволно за успех.

Како кога ќе тргнете на долгоочекуваниот летен одмор и наидувате на застој на патот.

Секогаш имате две опции: да останете и да чекате во бескрајно долга колона на +30 степени или да се свртите и да побарате алтернативен правец. На никој не му паѓа на памет да се врати дома и да се откаже бидејќи од поставена цел – не се откажува. Особено ако целта е море, тогаш се оди преку ридови и планини, на магаре, каде што човечка нога не стапнала. Но не се откажува.

Така некако и во бизнисот. Поточно, не така некако – туку баш така.

Ако поставивте цел оваа година вашиот бизнис да порасне за 50 отсто, логично е да имате 101 пречка. Дали ќе се откажете на првата, на втората, на стотата?

Секако дека не. Можете да застанете и да размислите како понатаму. Да го решите проблемот сега или да го заобиколите, а да го продолжите патот кон целта? Дали барате алтернативни правци и опции?

Можни се и едното и другото, само не е можно да се откажете.

Од целите не се откажува. Никогаш. Никако.

Ако се откажете, тогаш вашиот „видеонадзор“ ве застанува и ве прашува: А што, ти се врати? Па ајде објасни ѝ зошто.

Ако знаеме каде одиме и зошто, тогаш можеме да управуваме со патувањето. Ако наидеме на пречка која не можеме да ја отстраниме, тогаш го менуваме начинот на патување.

Ако се откажете од целта, поради некоја пречка, тогаш треба на вашите луѓе да им објасните зошто се откажувате. Треба да си го вратите авторитетот на водач и да ја поправите разнишаната доверба.

И повторно да ги наведете да ве следат кон некоја нова цел. Која нема да ја прифатат како нешто што се мора и што ќе се случи. Ќе ја прифатат колку да им поминува времето.

Од целите не се откажува. Никогаш. Никако.

Ова веројатно ви звучи премногу драматично и како да претерувам. Не тешете се.

Изберете страна, дали сте тој што се откажува или тој што оди напред. Напред со својот непобедлив тим.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...