Регионално

Илија Барбариќ: Со дигитална транзиција до иновации

08 Nov 2023

Амбицијата и љубовта кон работата што ја работите се најголемите двигатели за позитивни резултати бидејќи на тој начин се отвораат нови идеи, проекти и хоризонти.

Илија Барбариќ, директор на продажба во „Унион фудс“

Разговараше: Индира Делиќ, indira.delic@altermedia.ba

Кариерата на Илија Барбариќ во продажба и во маркетинг почнала пред 20 години, од кои на позицијата директор на продажба во „Унион фудс“ е веќе 15 години. Во интервјуто за InStore – БиХ, тој вели дека се поставува прашањето што воопшто значи да си искусен во денешниот свет и на променливиот пазар?

Искуството ни помага да избегнеме одредени грешки во стабилно и предвидливо опкружување. Но, тоа сè помалку вреди, така што мислам дека новите вештини во менаџментот би требало да бидат ставот, константното учење и усовршување, како и приспособливоста на променливите околности. Благодарен сум што преку соработката со многу реномирани компании и низ многуте проекти низ кои поминав имав можност да учам и да се развивам, вели Барбариќ на почетокот од разговорот.

Кажете ни нешто повеќе за брендовите што ги застапува „Унион фудс“...

Основната дејност на компанијата е дистрибуција на производи за широка потрошувачка и во моментов сме еден од водечките дистрибутери на пазарот на БиХ. Врвните брендови што ги дистрибуираме се нашиот голем нематеријален имот, така што може да се пофалиме со голема палета на значајни брендови што „Унион фудс“ ги дистрибуира на босанско-херцеговскиот пазар. Најголемиот дел од нашиот асортиман е сочинет од артикли на реномирани производители и брендови, како што се „Зот“ (Monte, Jogobella, Zottarella, Zottis), Kinder со свежата линија на снекови, млечните производи Happy Cow, нудлите Indomie, тост-лебовите на „Дон Дон“, флипсот Flipko, колачите Sunday на „Колид С тим“ и многу други.

Долгорочниот опстанок на денешниот пазар е можен само со најдобрите производи и со најсилните брендови, а соработката со познатите брендови е плод на долготрајна квалитетна работа и анализа, што ни овозможи да станеме ексклузивен дистрибутер за наведените производи. Горди сме што „Унион фудс“ често се истакнува како позитивен пример и за другите дистрибутери на споменатите брендови на други пазари. Соработката со силни мултинационални компании и брендови ни овозможи да се стекнеме со многу нови знаења и искуства.

Морам да нагласам дека се гордеам и со успешното лансирање на неколку брендови од сопствено производство, како што се програмата Alu King (алуминиумски фолии, послужавници и овали, проѕирни фолии и хартија за печење); La Bomba (крем-намази и чоколада), Hercegovina Produkt (вина, ликери и овошни ракии), PAQ (ПВЦ-прибор и чаши за еднократна употреба). Сите овие брендови бараат висок степен на флексибилност, отвореност за постојани промени, приспособлива организација и во нив постојано се инвестира.

Колку македонскиот бренд колачи Sunday е прифатен на босанско-херцеговскиот пазар и каков е неговиот понатамошен потенцијал?

Овој бренд го дистрибуираме повеќе од 10 години и годинава очекуваме да постигнеме рекордни резултати. Пазарот на готови колачи во БиХ е во пораст, иако овој сегмент на суви и т.н традиционални колачи (баклави, тулумби, урмашици) зазема околу 30% од вкупниот пазар на колачи во земјава. Мора да нагласам дека пазарот е доста предизвикувачки и фрагментиран, бидејќи имаме многу домашни производители, но купувачите го препознаа брендот Sunday и моментално сме еден од лидерите на пазарот во тој сегмент. Како еден од најголемите производители на традиционални колачи во Европа, „Колид С тим“ успеа да ги исполни критериумите за висок квалитет и барањата за стандардизација, кои важат за некои од најтешките пазари во светот, што е исклучително важно за нас и препознаено од потрошувачите на БиХ. Тоа што би сакал да го истакнам е, дека брендот Sunday постојано работи на подобрување и се стреми да понуди нешто ново и поразлично од тоа што постои на пазарот, како во однос на новите производи, така и во однос на пакувањето и амбалажата, така што не се плашиме за иднината на овој бренд на пазарот во БиХ.

Вложувате и во бројни дигитални и маркетиншки кампањи. Колку, според Вас, е важен тој принцип на работа за понатамошен развој на бизнисот?

Преку соработката со силни светски компании и со светски брендови, уште одамна ги препознавме значењето и предноста од вложувањето во маркетинг. Во изминатите 20-ина години значително се променија каналите на начините на огласување. Дигиталната транзиција отвори огромни можности за иновации во секој поглед. Од таа причина, во соработка со нашите партнери, веќе неколку години константно го зголемуваме уделот за социјални и дигитални маркетиншки активности во нашиот вкупен буџет.

„Унион фудс“ продолжува да инвестира во нови производствени капацитети во Босна и Херцеговина, така што до крајот на годинава планираме да отвориме најмодерна фабрика за производство на тортиљи и тортиља-чипс во Орашје.

Босанско-херцеговскиот пазар е специфичен, за кој се неопходни посебни деловни планови и пристап на посебен начин. Какво е Вашето искуство по ова прашање?

Да, точно. Пазарот во БиХ е доста специфичен и непредвидлив, така што секое долгорочно планирање е исклучително тешко. Исто така, глобалната пандемија и актуелната војна во Украина доведоа до драматични притисоци врз синџирите на снабдување, кои се одразија врз цените на сите стоки и услуги, а со тоа и врз можноста за квалитетни долгорочни планови. Од друга страна, навиките на потрошувачите во Босна и Херцеговина прилично се разликуваат во различни региони, што бара навистина детален и посебен пристап во планирањето, при што треба да се земат предвид голем број фактори.

Од кои мотиви се водите во работата и кои се Вашите совети што најчесто ги споделувате со членовите на тимот?

Амбицијата и љубовта кон работата што ја работите се најголемите двигатели за позитивни резултати бидејќи на тој начин се отвораат нови идеи, проекти и хоризонти. Лично, ме мотивираат напредокот и можноста да создавам и да градам позитивно опкружување, ме мотивираат луѓето со кои работам и соработувам, од кои можам да учам и дополнително професионално да се развивам. Тоа што е специфично за „Унион фудс“ е единствената организациска култура и темелните вредности, во чие средиште е човекот. Мило ми е што имам можност да бидам на чело на еден тим во кој сите сме фокусирани и определени кон заеднички успех, бидејќи успехот не го создаваат компаниите, туку луѓето. Многу сум им благодарен на сите поранешни и сегашни колеги, кои со знаењето и работата ја направија компанијата подобра и поуспешна.

Исто така, имам извонредно позитивен став и кон конкурентските компании бидејќи сметам дека секој облик на здрава конкуренција е стимуланс за напредок, не само за нашиот тим, туку и за општеството во целина. На тој начин континуирано се унапредува нашата работа, квалитетот на услугите и производите, од што произлегуваат зајакнати односи со клиентите и со потрошувачите.

Кои се Вашите планови и цели до крајот на годинава?

Пред сè, се надевам дека ќе продолжат позитивните резултати и трендови што ги имавме во 2022 година и во првиот дел од 2023 година. Во изминатите неколку години работиме во време на неизвесност, а годинава е исто така доста предизвикувачка бидејќи доаѓа по ковид-кризата, во време на големата инфлација и во период на војната во Европа, која потресе многу економски и социјални структури. И покрај сè, „Унион фудс“ продолжува да инвестира во нови производствени капацитети во Босна и Херцеговина, така што до крајот на годинава планираме да отвориме најмодерна фабрика за производство на тортиљи и тортиља-чипс во Орашје. Станува збор за една од најголемите инвестиции во производствени капацитети во земјава, а во план е производството да почне кон крајот на годинава или почетокот на 2024 година. Тоа ќе биде најголемата ваква фабрика во регионот. Освен босанско-херцеговскиот, наши главни целни пазари се и другите пазари во регионот. Воведувањето нови производи на кој било пазар е процес што бара многу, но вложениот труд често се исплаќа многу брзо.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...