Регионално

Александра Павлески: Средина во која нема граници

27 Sep 2023

Клучот за успехот е што во секоја ситуација се трудам да го споделам тоа што го знам, но и да научам уште повеќе.

Александра Павлески, Category Manager во „Хајнекен“ – Германија

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Најголемиот успех за нашата соговорничка Александра Павлески, која од претходниот месец е Category Manager во „Хајнекен“ – Германија, е што досега на секоја нова позиција доаѓала со минимално предзнаење, а заминувала со огромно искуство. Според мене, клучот за успехот е што во секоја ситуација се трудам да го споделам тоа што го знам, но и да научам уште повеќе, истакнува таа, споделувајќи ја нејзината професионална приказна.

Биографски податоци

Возраст: 34 години.

Образование: Додипломски студии за бизнис-администрација и магистерски студии за ПР и маркетинг-комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ).

Кариера:

  • Promotor, „Кликер маркетинг“ (од 2008 до 2010 година);
  • Online Marketing Assistant, „Колектива“ (од 2010 до 2011 година);
  • „Пивара Скопје“ (од 2011 година):

Retail business developer (од 2011 до 2012 година);

Horeca business developer (од 2012 до 2014 година);

Horeca Team Leader (од 2014 до 2017 година);

Trade Marketing Officer (од 2017 до 2018 година);

Trade Marketing Channel Manager (од 2018 до 2020 година).

  • Business Development Manager Off Trade,  „Хајнекен“ – Германија (од 2020 до 2023 година).

Моментална функција: Category Manager, „Хајнекен“ – Германија (од август 2023 година).

Хоби: Прошетки со семејството, одбојка, музика.

Брачна состојба: Мажена, две деца.

Исполнување на детскиот сон

Како мала, Александра многу сакала да гледа реклами и, како што вели, омилени ѝ биле божиќните реклами на Coca-Cola: Кога ќе ме прашаа што сакам да бидам кога ќе пораснам, велев дека сакам да правам реклами за Coca-Cola (се смее). Донекаде си го исполнив детскиот сон! Не стигнав да правам реклами, но додека работев во маркетинг-тимот на „Пивара Скопје“, имав чест да бидам дел од таа магија.

Таа признава дека на почетокот од кариерата потајно посакувала интернационален успех, но не размислувала сериозно за меѓународна кариера сè до пред неколку години, кога со сопругот одлучиле иднината на семејството да ја градат надвор од Македонија. И двајцата интензивно почнавме со подготовки – учење јазик, доквалификации... Знаевме дека нема да биде лесно, но бевме решени да направиме сѐ што е во наша моќ.

Иако кариерата на Александра почнува како маркетинг-асистент во „Колектива“, таа го истакнува првото работно искуство како промотер на терен за „Кликер маркетинг“. Се сеќава на повикот од сестра ѝ, која во тоа време била шеф на маркет „Тинекс“, за да ја праша дали сака за викенд да работи на промоција за Colgate. Прифатив без двоумење. Не прашав ни за услови... Добив шанса да им олеснам на моите родители кои правеа натчовечки напори да ми го овозможат студирањето. И оттука почна сѐ! Чувството да бидеш во првите редови за промоција на одреден производ и да видиш како различните тактики и механизми влијаат врз одлуката на купувачите беше одлично. А моментот кога твојата презентација ќе биде заклучена со продажба беше бесценет! Наскоро изградивме толку успешен и динамичен тим, што нѐ бараа на промоции за сѐ повеќе брендови, се сеќава таа.

Александра работела на промоции во текот на средното образование, додека била на факултет, па дури и паралелно додека работела во „Колектива“. Преку промоциите почнала и соработката со „Пивара Скопје“. Кога се отворила позиција за унапредувач на продажба, колегите со кои дотогаш соработувала ја советувале да аплицира: Да се работи за една од најголемите компании во Македонија беше голем престиж. Уште тогаш процесот на регрутација беше многу селективен. Се сеќавам дека имав неколку интервјуа, тестирање за логика и менаџмент.

Почнала како унапредувач на продажба најпрвин во малопродажбата, а набрзо преминала во тимот задолжен за хорека-секторот. Признава дека патот не бил лесен бидејќи била една од неколкуте девојки во продажниот тим. На следната позиција напредував многу брзо. Станав тим-лидер иако сè уште бев најнова и најмлада во тимот, па имав голем предизвик да се докажам на новата позиција. За среќа, имав можност да работам со одличен тим и со колеги што беа секогаш тука да го споделат своето искуство. Најпрвин позицијата тим-лидер ја работев како замена на мојот претпоставен, кој беше ангажиран на привремена задача, но беше секогаш достапен за совети и прашања. Тоа ми помогна транзицијата да биде полесна, се сеќава Александра. Тој период бил многу динамичен за целата компанија и се чувствува горда за сите предизвици што ги надминале како тим. И денес ја следам кариерата на моите колеги од таа екипа и се гордеам затоа што знам дека во секој успех има еден мал дел знаење и искуство од тоа време. Понатаму кариерата ме водеше кон маркетинг и работев на неколку позиции во тимот за трејд-маркетинг...

Надвор од комфорната зона

Со оглед на тоа што „Пивара Скопје“ е во заедничка сопственост меѓу „Кока-Кола ХБЦ“ и „Хајнекен“, во моментот кога Александра решила да ја продолжи кариерата надвор од Македонија, одлучила да направи сѐ што може за да остане и понатаму со брендовите што ги сака.

Имав едно интервју за „Кока-Кола“ во Австрија и едно за „Хајнекен“ во Германија. Позицијата во Австрија бараше поголемо познавање на германскиот јазик и на австрискиот пазар, а позицијата во Германија одговараше одлично за моето дотогашно знаење и искуство. Многу брзо добив второ интервју и требаше да патувам за Берлин точно во моментот кога почнаа рестрикциите поради ковид. Набрзо потоа и компанијата ги стопира сите процеси за регрутација. Меѓу првото и второто интервју поминаа повеќе од 7 месеци, раскажува таа. Кога почнале да се намалуваат рестрикциите и бил објавен оглас за истата позиција, директно ги контактирала да си го побара одложеното интервју. Би рекла дека пресудно за да ја добијам позицијата беше мојата упорност.

Понудата била одлична и Александра воопшто не се двоумела да ја прифати. Првите два месеца, додека да најдат стан за целото семејство во Берлин, работела од Македонија. Во моментов таа транзитира на нова позиција: Category Manager. Како што објаснува, досега работела на унапредување на продажбата и подобро позиционирање на производите на германскиот пазар – работна позиција што е дел од продажниот тим, но не вклучува директна продажба, туку развој на стратегии за нејзино унапредување. На новата позиција ќе работам на растење на категоријата пиво во големите маркети. Станува збор за создавање стратешки партнерства со главните купувачи и долгорочна соработка.

Навидум е лесно да им продаваш пиво на Германци, но со оглед на конкуренцијата и комплицираниот синџир на дистрибуција, тоа е вистинска уметност.

Таа признава дека преселбата во Германија со две мали деца била огромен предизвик, но е импресионирана како децата се справиле со новиот дом, новата средина и новиот јазик. Тоа ми беше голема инспирација да продолжам кога стануваше тешко. Целиот потфат првпат да се преселиш од родната земја во метропола како Берлин, со две мали деца, сред зима и сред корона, беше огромен предизвик. Имав голема поддршка од семејството, а најмногу од мојот сопруг, кој најпрвин тргна сам и организира сѐ што требаше за да му се придружиме, истакнува Александра.

Сепак, ризикот се исплател. Најдрагоцено искуство од сегашната компанија е што чувствува дека се наоѓа во средина во која се цени и вреднува нејзиниот потенцијал. Компанијата се труди да поттикне претприемнички дух кај вработените, ги мотивира да го направат тоа што чувствуваат дека е најдобро за компанијата. Ова е средина во која од грешките се учи, а успесите се слават заеднички. Средина во која чувствувам дека нема граници за тоа што можам да го научам и да го постигнам...

Според Александра, германскиот пазар е сосема различен од македонскиот, но и од многу други пазари. За разлика од македонскиот, кој е многу фрагментиран во малопродажбата, на германскиот постојат неколку големи синџири маркети и мал милион производители на пиво. Навидум е лесно да им продаваш пиво на Германци, но со оглед на конкуренцијата и комплицираниот синџир на дистрибуција, тоа е вистинска уметност.

За професионализмот, животот и за успехот

Во неколкуте месеци пред второто интервју за „Хајнекен“, Александра сметала дека е најважно да ги усоврши техничките способности, па завршила неколку курсеви по Excel и PowerBi, кои ѝ биле од голема корист. Но, тоа што беше пресудно за мојот успех беа всушност меките вештини. Отворениот и смирен начин на комуникација на позиција што на некој начин е мост меѓу неколку сектори. Се разбира, голем предизвик беше тоа да се долови со мојот основен германски јазик, но имав среќа што колегите исклучително ги ценеа моите напори и наместо бариера, тоа беше клучот што ми отвори многу врати.

Според неа, можностите треба да се искористат кога човек е подготвен за нив. Но, не по секоја цена. Има моменти кога на човек му треба и стабилност. На колегите што сакаат кариера надвор од родната земја им препорачувам да донесат одлука, а потоа да направат и план како да ја исполнат целта. И да бидат упорни докрај, истакнува таа, и заклучува дека ако сега некој ја праша што сака да биде кога ќе порасне, одговорот е: Би посакала да бидам јас :).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...