Регионално

Бојан Симоновски: Упорноста и ризикот се исплаќаат

25 мај 2023

За една личност успешно да работи и да напредува во кариерата, треба да има развиени комуникациски вештини, способност да работи во тим и да размислува „надвор од кутијата“.

Бојан Симоновски, сениор планер за одржување и инженерство во „Амазон“

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Младиот скопјанец Бојан Симоновски отсекогаш имал цел да ја развива професионалната кариера надвор од Македонија и да биде дел од најголемите светски компании. Неговиот стремеж кон постојан професионален и личен развој резултира со работа во гигантот за електронска трговија „Амазон“. Моментално е на позицијата сениор планер за одржување и инженерство (Senior Reliability Maintenance Engineering Planner) како експерт за предметни прашања (SME – Subject Matter Expert) за системот за менаџмент на одржување (APM – Asset Performance Management). Како главни задолженија би ги издвоил имплементацијата на APM-системот во регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка) и Индија, имплементација на стандардно одржување за напредни технологии – роботика, како и тим-лидер за пилар во Европа, објаснува тој на почетокот од разговорот.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 17 мај 1992 година, Скопје.

Образование: Диплома од Машински факултет, Скопје.

Моментална функција: Сениор планер за одржување и инженерство, Central RME (Reliability Maintenance Engineering), „Амазон“ – ЕУ, Луксембург (од април 2021 година).

Кариера:

  • Планер за безбедносно инженерство за доверливост во „Амазон“ – Велика Британија (од 2019 до 2021 година);
  • Планер за одржување во „Пивара Скопје“/„Кока-Кола ХБЦ“ (од 2017 до 2019 година);
  • Техничар за одржување во „Џонсон Мети“ (од 2016 до 2017 година).

Хоби: Патувања, спорт, дружење со семејството и со пријателите.

Брачна состојба: Оженет.

Стекнување нови искуства

Од детската желба кога ќе порасне да стане пилот, преку студиите на Машинскиот факултет во Скопје, нашиот соговорник Бојан ја почнува професионалната кариера во 2016 година како техничар за одржување во „Џонсон Мети“. Според него, иако ова работно искуство било кратко (една година), сепак било многу важно. Таму добив реална слика како функционира една работна средина и корпорација, кои се очекувањата и одговорностите од еден вработен во ваква компанија. Тоа време го паметам по тоа што е период во кој ги зголемив својата зрелост и самодоверба, како и по можноста да истражувам потенцијални опции за напредок во кариерата.

Неговиот професионален пат продолжува во „Пивара Скопје“, дел од „Кока-Кола ХБЦ“, како планер за одржување. Ова искуство кај Бојан оставило најсилен печат по стекнатите пријателства меѓу колегите, кои, како што вели, траат и денес. Од професионален аспект, тој период го памети како време на интензивно и континуирано учење во различни области преку водење најразлични проекти, комуникација со надворешни и внатрешни компании итн.

Понудата за работа во „Амазон“ пристигна по многубројни неуспешни апликации и интервјуа за големи компании, во еден период кога мојата кариера беше во стагнација.

Следува првиот работен ангажман надвор од Македонија и едно ново, многу важно поглавје во кариерата на Бојан во Ковентри, Велика Британија. На нашето прашање како дојде до моментот да добие понуда за работа во глобалниот гигант за електронска трговија, тој одговори: Понудата за работа во „Амазон“ пристигна по многубројни неуспешни апликации и интервјуа за големи компании, во еден период кога мојата кариера беше во стагнација. Во тој период научив дека упорноста секогаш се исплаќа и никогаш не треба да се откажуваме од целите.

Тој во ниту еден момент не се двоумел и веднаш ја прифатил понудата од „Амазон“: Излезе дека тоа беше вистинската одлука за мојата кариера. По речиси две години на позицијата планер за безбедносно инженерство за доверливост, од април 2021 година продолжува на повисока позиција, како сениор. Тој, како што ни објасни, е експерт за предметни прашања за системот за менаџмент на одржување и е задолжен за имплементацијата на APM-системот во регионот МЕНА и Индија, имплементација на стандардно одржување за напредни технологии – роботика, како и тим-лидер за пилар во Европа.

За професионализмот, за животот и за успехот

Според Бојан, секогаш постојат предизвици кога се почнува живот во нова држава, но преселувањето во Велика Британија за него било едно преубаво искуство, кое го памети по стекнувањето нови пријателства од целиот свет, по средината во која се пронашол и по убавините на државата.

На нашето прашање дали почувствувал одредени тешки моменти на почетокот, тој признава дека сепак имало еден краток период на приспособување: Носталгија за дома секогаш има и, се разбира, најмногу ми недостигаа семејството и пријателите.

Во разговорот Бојан ни откри дека меѓу Македонија и Велика Британија постојат големи сличности во добриот социјален живот и во забавите, додека главните предности на Обединетото Кралство се тоа што нуди многу повеќе можности за развој на професионален план и дигитализиран систем.

Упорноста секогаш се исплаќа и никогаш не треба да се откажуваме од целите.

За една личност успешно да работи и да напредува во кариерата, според Бојан, треба да има развиени комуникациски вештини, способност да работи во тим и да размислува „надвор од кутијата“. Иако тој смета дека во голема мера ги поседува тие квалитети, сепак мисли дека секогаш може подобро.

Очекувањата од мојата работа и професионален пат се целосно исполнети, но сметам дека секогаш постои простор за напредок. На колегите на кои ќе им се укаже слична можност да добијат работа надвор од родната земја би сакал да им порачам да ја прифатат секоја можност што ќе им се укаже, без многу размислување, нагласува тој.

На крајот од разговорот го прашавме дали во одреден момент помислил дека донел погрешна одлука во кариерата, на што Бојан одговори негативно, затоа што секоја одлука придонела да стигне таму каде што е сега. За најголем успех во кариерата го смета тоа што е дел од една од најголемите компании во светот и има можност континуирано да учи и да напредува. Упорноста и подготвеноста за преземање ризик се клучот за успех, заклучува тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...