Локално

Сафет Емрули: Не треба да има проблем со Грција за трговските марки „македонска/о/и“

19 Mar 2019

Постапките за признавање право на трговска марка, на ознака на потекло на производот и географска ознака се регулирани со закон и се усогласени со сите релевантни меѓународни договори. Јасно е дека само носителот на трговската марка може да го повлече називот „македонски“ 

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Македонските бизнисмени не ги загрижи информацијата што стигна од Министерството за економија на Грција - дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки се регистрирани 19 грчки и ниту една македонска трговска марка со терминот „Македонија“ или „македонско“, а од нашата држава нема ниту едно барање за регистрација. Ниту Заводот за заштита на индустриска сопственост уште не добил насоки затоа што се чека да се формира Комисија која ќе го разгледува ова прашање. Комисијата треба да биде на ниво на бизнисмени/компании од двете земји, со идеја тие да се договараат околу користењето на терминот на своите производи. Д-р Сафет Емрули, директор на Заводот, вели дека регулативата е јасна и не се очекува проблем што би го засегнал бизнисот. 

По потпишувањето на Договорот во Преспа во јавноста се појави дилема околу прашањето како ќе оди регистрацијата на трговските марки што го содржат терминот „Македонија“ и „македонско/а/и“. Дали вие како институција надлежна за работите околу стекнување и заштита на правата од индустриска сопственост добивте некакви насоки околу новините за регистрација на овој термин?

Заводот ја спроведува управната постапка за стекнување на правата на патенти, трговски марки, индустриски дизајн и географски називи (ознаки на потекло на производот и географски ознаки) и ги води регистрите на правата на патенти, трговски марки, индустриски дизајн и географски називи.

Постапките за признавање право на трговска марка, на ознака на потекло на производот и географска ознака се регулирани со Законот за индустриска сопственост („Службен весник на Република Македонија“, бр.21/09, 24/11, 12/14, 41/14, 152/15, 53/16 и 83/18) и се усогласени со сите релевантни меѓународни договори од областа на трговските марки и географски називи кон кои пристапила Република Македонија:

- Сингапурски договор за право на трговска марка,

- Мадридски договор за меѓународна регистрација на трговски марки,

- Протокол на Мадридскиот договор за меѓународна регистрација на трговски марки,

- Лисабонски договор за меѓународна регистрација на ознаки на потекло на производот и географски ознаки.

Што се однесува на прашањето дали Заводот има добиено некакви насоки околу новините за регистрација на овој термин, сè уште немаме такви насоки со оглед на тоа што сè уште не е формирана комисијата која ќе го разгледа ова прашање.

Комисијата треба да се формира во текот на оваа година. Дали очекувате покана, како стручни лица, да учествувате во нејзината работа со своја експертиза?

Да, како надлежна институција очекуваме да бидеме вклучени во овој процес, со што и ние ќе дадеме придонес преку нашите стручни лица во делот на трговските марки и во делот на индустриската сопственост.

Од грчка страна дојде информација дека по потпишувањето на Договорот не е регистрирана ниту една македонска трговска ознака со термините „Македонија“ и „македонско“, во период кога во Грција се регистрирани 19 такви. Што покажуваат податоците на Заводот за индустриска сопственост, дали е ова точно?

Од октомври 2018 година до денес се поднесени вкупно 5 трговски марки што ја содржат кратенката МК, една трговска марка со кратенка МАК, три трговски марки што го содржат зборот МАКЕДОНИЈА и една трговска марка што го содржи зборот МАКЕДОНСКИ.

Само „МАКЕДОНСКИ АЈВАР“ е меѓународно заштитен

Македонските компании преку Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол имаат меѓународно регистрирано (за територијата на други држави) 344 трговски марки (од кои 8 постапки се во тек). Само 5 од македонските меѓународно регистрирани трговски марки  го содржат името МАКЕДОНИЈА. Од нив, само „МАКЕДОНСКИ АЈВАР“ ја содржи придавката македонски.

Колку трговски марки претходно регистрирани во Македонија го содржат зборот „Македонија“ или неговата англиска верзија?

За територијата на Република Македонија од вкупно 14.556 трговски марки на македонски субјекти (правни и физички лица), 79 регистрирани трговски марки го содржат зборот МАКЕДОНИЈА и 77 трговски марки ја содржат англиската верзија: MACEDONIA. Кратенката МК е содржана во вкупно 93 трговски марки, кратенката МАК во 35 трговски марки, а придавката МАКЕДОНСКИ ја содржат 12 регистрирани трговски марки.

Македонските компании преку Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол имаат меѓународно регистрирано (за територијата на други држави) 344 трговски марки, (од кои 8 постапки се во тек). Само пет од македонските меѓународно регистрирани трговски марки  го содржат името МАКЕДОНИЈА.

Дали македонските бизнисмени веќе се обраќаат до Заводот со прашања околу иднината на нивните трговски ознаки? Има ли интерес кај нив?

Во врска со ова прашање, досега во ДЗИС, македонските бизнисмени не се обратиле до Заводот, а воедно не пројавиле иницијатива околу ова прашање. Очекуваме во наредниот период, кога веќе ова прашање ќе биде актуелно и кога ќе добиеме насоки од страна на надлежните органи, бизнисмените да покажат интерес.

Воедно, сметаме дека правата на трговски марки стекнати врз основа на Законот за индустриска сопственост ќе останат во важност сè додека за тоа се заинтересирани носителите на правата.

Колку вкупно ознаки на потекло се заштитени во Македонија и кои од нив имаат географска ознака „македонски“?

Согласно член 226 од Законот за индустриската сопственост, географскиот назив се  штити со  ознака на  потеклото на  производот и географска ознака; со географски назив се одбележуваат производите кои ги произведуваат физички или правни лица на определено географско подрачје. Во Република Македонија се заштитени вкупно 53 ознаки на потекло, односно географски ознаки, за производите: ајвар, сирење, вино, вода, ориз, мед, чај, грав, бисер, од кои само 1 (една) географска ознака: МАКЕДОНСКИ АЈВАР ја содржи придавката МАКЕДОНСКИ.

Меѓународно регистрирани македонски географски ознаки согласно Лисабонскиот договор за меѓународна регистрација на ознаки на потекло и географски ознаки има вкупно 5 (пет): МАКЕДОНСКИ АЈВАР, КРИВОПАЛАНЕЧКИ МЕД, ДИСАН, КОЧАНСКИ ОРИЗ и ОХРИДСКИ БИСЕР.

Дилемата што се појавува во јавноста дека Грците го „приграбуваат“ терминот „македонска/о/и“ е поради регулативата околу можностите за заштита на трговските марки. Имено, „Македонија“ во Грција е регион, а трговска марка од регион може да се заштити. На пример, грчка винарница може да заштити „македонско вино“. Во нашиот случај, Македонија е државата. Поради тоа што може да се штити само потекло од регион, наша компанија би можела да заштити трговска марка, на пример, „неготинско вино“ или „тиквешко вино“, но не и „македонско вино“.

Заводот минатата година прослави 25 години од основањето. Каков е интересот на стопанствениците и каква е свеста на нашите компании за значењето на индустриската сопственост? Зошто е добро за нив нивниот производ да биде заштитен?

Заводот во рамките на активностите за прославата на 25-годишнината спроведе кампања за промоција и подигање на свеста на населението за улогата и значењето на правата од индустриска сопственост. Во рамките на кампањата беа посетени седум града, и тоа: Штип, Струмица, Битола, Охрид, Струга, Тетово и Скопје, при што беа организирани семинари за бизнис-заедниците на градови во соработка со општините и беа поставувани штандови на најфреквентните места на кои нашите вработени делеа промотивен материјал, а и одговараа на прашања на заинтересираните граѓани.

Инаку, сметаме дека свеста на стопанствениците не е на потребно ниво за улогата и значењето на правата од индустриска сопственост, поради што и претходно беа организирани промотивни активности.

Со заштита на право од индустриска сопственост, производителите или давателите на услуги самите се штитат да не им се злоупотребуваат идеите и производите и да не им се наруши угледот на самите компании.

Која е процедурата за заштита на индустриска сопственост и колку тоа би ја чинело една компанија?

Постапката започнува со поднесување Барање за признавање на правата од индустриска сопственост во Заводот и по спроведената постапка согласно Законот за индустриска сопственост се добива решение за признавање на правото кое служи како доказ дека тоа право е негово сопственичко право и со истото може да располага. Што се однесува до цените, сè уште кај нас трошоците и таксите на постапката се многу мали и како пример ќе наведам дека за трговска марка тие трошоци и такси изнесуваат помалку од 6.000 денари за десетгодишно важење и одржување на трговската марка.

Дали се соочувате со случаи на копирање на постојна трговска марка? Какви проблеми притоа се појавуваат?

Заводот ја спроведува постапката за регистрација на трговските марки, додека спроведувањето на правото е во надлежност на други институции, како што се Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за внатрешни работи.

Во постапката за регистрацијата, секој што смета дека со регистрирањето на друга трговска марка се повредуваат негови права, односно смета дека е слична или идентична трговската марка со неговата трговска марка, може да поднесе приговор до Заводот и по спроведена постапка Заводот одлучува дали таа трговска марка е слична или идентична.

Дали како Завод за годинава планирате активности за да ги запознаете граѓаните и фирмите за правата од индустриска сопственост?

Државниот завод за индустриска сопственост постојано прави напори да ја олесни и унапреди заштитата од оваа област, како и да го подигне нивото на познавањата на јавноста за значењето и придобивките како од заштитата така и од спроведувањето на правата од индустриска сопственост. Вака работејќи, Заводот даде голем придонес во промовирањето на заштитата на индустриската сопственост во државата и надвор од неа, со што пак го олесни патот кон вклучувањето во светската машинерија за заштита на индустриска сопственост.

Со истиот ритам ДЗИС ќе продолжи и понатаму со промоцијата на правата од индустриска сопственост кај малите и средни претпријатија, како и кај студенти и  ученици. Во рамките на кампањите ќе се организираат семинари со претставниците на малите и средни претпријатија, по универзитетите и средни училишта, како и по градовите преку директни контакти со граѓаните, со што вработените на Заводот ќе ги објаснуваат правата од индустриска сопственост и ќе одговараат на прашањата на граѓаните.

Веќе една деценија сте и член на Европската патентна организација. Како сте задоволни од она што досега го постигна Заводот на полето на својата работа и кои се плановите за во иднина?

Од полноправното членство, па до денес, ДЗИС има потпишано два билатерални договори за соработка со Европскиот патентен завод. Самата соработка со Европскиот патентен завод се одвива на три основни столба кои се однесуваа на јакнење на капацитетите на ДЗИС преку семинари, обуки и работилници, подигање на нивото на размена на податоци помеѓу двата завода, како и подготовка на материјали за обука и промоција на патентите и иновациите. Од завршените проекти со ЕПЗ би ги напоменале Федералниот европски патентен регистар, со што ДЗИС ги направи достапни своите податоци за патенти во оваа алатка за пребарување, Espacenet new и Машинско преведување, кој го олеснува пристапот до европските патентни информации преку обезбедување хармонизирана услуга за пребарување на патентите и исто така овозможува пребарување и на македонски јазик. Моментално сме во исчекување да се достави, до земјите-членки, од страна на ЕПА, нов предлог-документ за продолжување на соработката на ЕПЗ со нејзините земји-членки.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...