Анализи

ИГД: 5 начини на кои се менува малопродажбата под влијание на вирусот корона

08 Apr 2020

Со оглед на тоа што трговците очекуваат побарувачката да продолжи да се зголемува, иако со намалено темпо во споредба со последните неколку недели, ИГД ги анализира промените што се случуваат во новонастанатите услови, кои би можеле да влијаат и на малопродажбата во иднина.

Автор: Џон Рајт, раководител за анализа на малопродажбата, ИГД

  1. Рационализација на асортиманот: избор наспроти ефикасност

Поголемиот дел од малопродажните трговци преземаат некаква форма на рационализација на асортиманот, особено во категориите со голема побарувачка. Тука се вклучени хартиените хигиенски производи, средствата за чистење и дезинфекција, како и сувите производи – конзервиран зеленчук, тестенини и ориз. Тоа им овозможува на трговците и на доставувачите да се фокусираат на категориите со голем обрт, постојано да ги имаат производите што се неопходни за купувачите и да го поедностават надополнувањето во продавницата.

За некои брендови и производи со „долга опашка“ (long-tail – стратегија да се продаваат помали количества производи што тешко се наоѓаат на пазарот на повеќе купувачи, наместо да се продаваат големи количества од популарните производи), тоа веројатно ќе значи привремено губење на просторот на полица. Поголемиот дел од трговците сега се фокусираат на поголеми димензии на пакувањата, што може да биде предизвик и за е-трговијата.

По кризата со вирусот корона, ќе биде интересно да видиме дали тоа и понатаму ќе влијае врз малопродажбата, која размислува за изборот на потрошувачот, но и за балансот со оперативната ефикасност. За поголемиот дел од супермаркетите, изборот на потрошувачот е двигател за развојот на асортиманот, додека за дисконтерите, особено за „Алди“ и за „Лидл“, приоритет е оперативната ефикасност.

Тој пристап нема да биде на штета на трговците, иако можеби некои од нив претходно негодуваа за намалување на асортиманот. Сепак, „тврдите“ податоци за продажбата од следните неколку месеци, најверојатно ќе ги убедат дека не треба да го додаваат во асортиманот секој нов производ што ќе се појави на пазарот.

  1. Помалку промоции: зголемување на вредноста на други начини

Голем број од трговците го намалуваат бројот на промоции во продавниците и ги намалуваат т.н. мулти-бај промоции („купи две“, „купи три“), за што големо влијание има повторно – ефикасноста. Тоа им овозможува на трговците и на доставувачите да ги зајакнат ресурсите на клучните категории и да го искористат промотивниот простор во продавницата како дополнителен за производите со голема побарувачка.

Како и во случајот со рационализација на асортиманот, трговците ќе имаат можност да го проценат влијанието од помалиот број промоции во продавниците, особено за категориите што не се бараат масовно во услови на пандемија на вирусот корона.

Предизвикот на овој пристап за трговците е да продолжат да покажуваат вредност за своите купувачи. Во сегашната состојба во која е трговијата, забележуваме дека некои малопродажни трговци воведуваат поголеми формати на пакувањата, кои претходно можеа почесто да се најдат во големопродажните и угостителските формати. По кризата, очекуваме дека промоциите ќе останат важен двигател, но обемот и видот на понудите, веројатно ќе се промени.

  1. Затворање на услугите за храна: проверка на идната насока на движење

Услугите за храна и свежо подготвени опции „храна за носење“ се затворени кај поголемиот дел од трговците што ги нудат. Главната причина за тоа е да се спречи проширувањето на вирусот корона, но исто така е резултат и на намалувањето на бројот на потрошувачи што ги користат овие услуги, а тоа се најчесто вработените, кои сега веќе работат од дома. Тоа повторно ѝ оди во прилог на ефикасноста на продавниците, овозможувајќи им на трговците да го распределат персоналот на друго место.

Пандемијата ја оживува комплексноста на услугите за храна во рамките на малопродажната трговија. Инвестирањето во оваа област е клучен тренд веќе неколку години наназад, кој очекувавме дека ќе продолжи да се развива. Сепак, дали кризата може да биде кочница на овој развој? За некои трговци тоа ќе значи пауза и можност за преиспитување на стратегиите во оваа област. Наместо да работат на интерни решенија, партнерството со трети страни ќе биде сè почеста опција.

  1. Нова сила во продавницата: приспособени модели на купување

Трговците и доставувачите што пријавиле квартални резултати, размислуваат и дискутираат за влијанието на пандемијата врз нивната продажба. Се забележува пораст на продажбата во сегментите храна, лекови, средства за чистење, додека продажбата на луксузните и неесенцијалните производи е намалена.

Категориите, како што се пакувана храна, „храна за носење“, (полу)готова храна, пијалаци, производи за нега и убавина и сл., се соочуваат со голем предизвик, предизвикан од промената на побарувачката. Останува да видиме дали ќе се одржи подготвеноста на купувачите да готват од нула, откако ефектите од пандемијата ќе се намалат. Сепак, не се исклучува и потенцијалот потрошувачите повторно да се вратат на овие категории, откако кризата ќе помине.

  1. Интегрирање на продавниците: важноста на „брикс & мортар“ за повеќеканалната побарувачка

Побарувачката на прехранбени производи преку интернет се зголемува како резултат на пандемијата од вирусот корона. Трговците на мало на глобално ниво, сметаат дека е тешко да се држи чекор со зголемувањето на нарачките. Многумина воведоа иновативни идеи за тоа како можат да ги искористат продавниците за да ја задоволат зголемената побарувачка.

Малопродажните трговци кои оперираат со големи формати почнаа да издвојуваат посебен простор во продавниците за подигнување на нарачките што се состојат од често купувани производи. На тој начин тие обезбедуваат достапност на основните производи, а истовремено ја подобруваат и ефикасноста при нивно преземање. Освен тоа, голем број од трговците ги користат постојните, но склучуваат и нови партнерства со трети страни за организација на логистиката и реализација на сите нарачки.

За авторот: Џон Рајт му се придружи на тимот на ИГД во јули 2012 година и ја води програмата за истражување во Европа. Редовно ги посетува пазарите низ регионот, следејќи ги најновите формати, приватните трговски марки, маркетингот и дигиталните стратегии. Исто така, тој ги води и истражувањата на ИГД за иднината на малопродажбата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...