Анализи

„ЛЗ ритеалитикс“: „Едека“, „Реве“ и „Шварц“ се на тронот

09 Jan 2020

Во анализата е даден преглед на 30-те најдобри трговски синџири на германскиот пазар според „ЛЗ ритеалитикс“. Освен првата тројка – „Едека“, „Реве“ и „Шварц“, на листата во првите десет се и: „Алди“, „Амазон“, „Метро“, „Лекерланд“, dm, „Росман“ и „Глобус“.

Приреди: Марко Храстар, marko.hrastar@instore.si

Веќе некое време „Едека“ е трговски синџир број 1 на германскиот пазар, со пазарен удел од повеќе од една петтина. Седиштето на компанијата, која е основана во 1898 година во Берлин, денес е во Хамбург. Во неа работат 370.000 луѓе, а приходите минатата година достигнале до речиси 60 милијарди евра. „Едека“ работи преку различни продажни канали – од дисконти, мали продавници и хипермаркети, па сè до „кеш & кери“ објекти.

На втората позиција е групацијата „Реве“, која следната година се очекува да ѝ се приближи на „Едека“, со оглед на тоа што на почетокот од јули годинава успешно беше затворено преземањето на седмопласираниот трговец на големо „Лекерланд“. Со аквизицијата, „Реве“ го зголеми прометот за околу 8 милијарди евра. Првпат во историјата на компанијата, вкупниот приход на „Реве“ надмина 60 милијарди евра. Сепак, ако од таа сума се одземе работењето во странство, тоа е доволно „само“ за второ место на матичниот пазар.

Зад петиците на „Реве“ е групацијата „Шварц“, чии приходи заостануваат зад второпласираниот трговец за 45 милиони евра. Најголем промет на групацијата ѝ донесува работењето на дисконтниот синџир „Лидл“, кој придонесува со нешто помалку од 62% во вкупната продажба, додека остатокот е од „Кауфланд“.

Би требало да споменеме дека и во Германија, како и на глобално ниво, онлајн-гигантот „Амазон“ доживува многу брз пораст и го достигна петтото место на листата со најголеми трговци на германскиот пазар. Сепак, и понатаму на четвртото место силно е закотвен „Алди“ со двете крила – „Алди зид“ и „Алди норд“.

Методологија на „ЛЗ ритеалитикс“

„ЛЗ ритеалитикс“ работи со податоци за екстерната бруто-продажба (gross external sales) на трговските компании, без оглед на тоа дали станува збор за компании со централно управување, кооперативи, франшизни системи или компании со мешана (приватна и државна) сопственост. Овој метод овозможува да се избегне двојната пресметка на продажбата, што би довело до неточни пресметки на пазарните удели. Благодарение на стандардизираната екстерна бруто-продажба, „ЛЗ ритеалитикс“ може да понуди и компаративни податоци за порастот на продажбата.

Продажбата (малопродажбата на платформата на „ЛЗ ритеалитикс“) секогаш подразбира бруто-продажба на стоките (прехранбени и непрехранбени производи), исклучувајќи ја продажбата на горивата, приходите од туризмот, финансиските и другите услуги што не се директно поврзани со продажбата на стоките. Исто така, не е вклучена ниту продажбата на рестораните, под услов да се генерира надвор од продажното место.

Големопродажбата се зема предвид само доколку е надвор од зоната на „ЛЗ ритеалитикс“ – услужни станици, хотелиерство и занаетчиска размена, но не и трговски синџири. Во спектарот на „ЛЗ ритеалитикс“ се трговските компании кои првенствено работат со стоки за широка потрошувачка и имаат висок степен на организација. Во рамката не се вклучени бензински станици, киосци, мали продавници, ресторани... Во предвид е земен и „Амазон“ – Германија, под претпоставка дека компанијата игра сè позначајна улога во трговијата со храна во земјата.

Доколку финансиската година на одредена компанија завршува во првата половина од календарската година (од 1 јануари, заклучно до 30 јуни), тогаш тие резултати се префрлаат во претходната календарска година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...