Анализи

Шпанија: „Алди“ продолжува со плановите за ширење на продажната мрежа

25 Oct 2024

„Алди“ Шпанија продолжува со амбициозните планови за проширување, со цел да отвори уште 20 продавници до крајот на 2024 година, и покрај тоа што ги намали своите првични цели. Студијата за приватни  трговски марки на шпанскиот FMCG пазар укажува на зголемената важност на приватните трговски марки. „Алди“ и „Лидл“ одат по различни патишта во промовирањето на асортиманот на нивните трговски марки.

Пишува: Себастијан Ренак, меѓународен ритејл аналитичар

„Алди“ – Шпанија  постави амбициозни планови за проширување за остатокот од годината, со цел да ја прошири својата сегашна мрежа од 450 објекти со уште 20 продавници. Доколку ја постигне оваа цел, „Алди“ ќе ја заврши 2024 година со 470 локации, што претставува зголемување за 35 продавници во однос на почетокот на годината. Овој ревидиран план, сепак, го одразува намалувањето на првичната цел за отворање на 50 нови продавници во 2024 година. Историски гледано, „Алди“ - Шпанија често концентрира значителен дел од своите годишни отварања на продавници во последниот квартал, а тој тренд може да се повтори оваа година. И покрај ревидирањето на своите планови, „Алди“ е пред „Лидл“, кој додаде 10 нови продавници од почетокот на својата фискална година во март 2024 година и планира да отвори уште пет во текот на октомври.

 Шпанскиот пазар на намирници останува предизвикувачко опкружување за двата германски дисконтери, при што домашниот лидер „Меркадона“ ја задржува својата доминантна позиција. Според податоците на „Кантар Вордлпанел“, до септември 2024 година, пазарниот удел на „Меркадона“ достигна 26,5%, што претставува зголемување од 0,9 процентни поени во однос на почетокот на годината. Пазарниот удел на Лидл во истиот период остана стабилен на 6,4%. Редовните извештаи на „Кантар“ го исклучуваат „Алди“, бидејќи неговиот пазарен удел остана статичен на ниски 1,5% за 2023 година, по скромниот пораст од 0,1 процентен поен претходната година.

                

Се чини дека продорот на „Алди“ на пазарот достигна едноцифрено ниво. Во април 2023 година, компанијата пријави 6,9 милиони купувачи во нејзините 400 продавници, а тој број се зголеми само маргинално на повеќе од седум милиони до јануари 2024 година, и покрај проширувањето на мрежата на 435 објекти. Ова сугерира дека растот преку отворање на нови продавници може да биде ограничен, освен ако не е придружен со посилна привлечност на потрошувачите.

 За да ја зголемат конкурентноста, „Алди“ и „Лидл“ се фокусираат на промовирање на сопствени приватни трговски марки. „Алди“ особено ги истакна конкурентните цени на своите брендови. Според Студијата за приватни брендови во Шпанија 2024 година („Естидио собре Марка проприа ен Шпања“ 2024“), нарачана од „Алди“, обемот на купувања на производи од приватни брендови се зголеми за 3,4% на годишно ниво до јули 2024 година, што е значително зголемување во однос на  1,9% забележани во претходната година. Во моментов, 51% од обемот на купување во FMCG во Шпанија (со исклучок на свежите производи) е составен од малопродажни брендови. Студијата исто така откри дека 85% од шпанските потрошувачи редовно ги споредуваат цените помеѓу приватните трговски марки и националните брендови.

 „Алди“ стратешки го искористи овој тренд со нагласување на неговата ценовна конкурентност. Според студијата „Циркана“, цитирана од „Алди“, цените во „Алди“ во мај 2024 година биле 14% пониски од просекот во секторот. Со натамошното зајакнување на своите ценовни предности, „Алди“ на крајот на септември објави дека цените на месото паднале за 8,4% во споредба со претходната година, овозможувајќи им на купувачите да заштедат околу 130 евра преку трајно намалување на цените на повеќе од 600 производи. Податоците од „Кантар вордлпанел“ покажуваат дека „Алди“ придонел со околу 7,3% во вкупниот раст на обемот на приватните етикети во Шпанија во последните две години.

 Во меѓувреме,„Лидл“ презеде чекори за диференцирање на своит производит од приватнатните трговски марки, фокусирајќи се на транспарентноста на здравјето и исхраната. „Лидл“ неодамна објави дека ќе го воведат системот „Нутри скор“ на сите нивни производи од приватните трговски марки до 2026 година, при што 50% од нивните брендови веќе ја носат оваа ознака.

 

Себастијан Ренак е основач на „Алетос ритеил адвајсори“, меѓународен аналитичар и поранешен меѓународен дописник на Lebensmittel Zeitung (LZ), водечки економски неделник за FMCG–секторот.  Има големо практично искуство во индустријата како поранешен член на оперативните тимови на „Шварц груп“ и „Метро груп“ во Полска, Украина и Русија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...