Анализи

Глобалните малопродажни перформанси бележат мало закрепнување

07 Aug 2024

Над 53% од професионалците во малопродажбата изјавија дека ескалацијата на промотивните иницијативи ќе биде стратешки приоритет во следните 12 месеци, додека 68% изјавија дека во тој период приоритет ќе им биде и намалувањето на оперативните трошоци.

Пишува: Рабија Јасмин, виш консултант во „Еуромонитор интернационал“

Во текот на 2023 година глобалната малопродажба забележа благо закрепнување, растејќи од 1% во постојани услови (т.е. по отстранувањето на ефектите од инфлацијата). Со континуираните предизвици во глобалниот геополитички пејзаж и макроекономските фактори кои водат до забавување на порастот на реалниот БДП од 3,4% во 2022 година на 3,1% во 2023 година, а со глобалната стапка на инфлација која се одржува на 7%, вкупните трошоци во малопродажбата продолжија под негативно влијание од потрошувачките чувства. Најпогодена беше офлајн-продажбата, но порастот на малопродажбата беше одржан од континуираниот пораст на е-трговијата.

Иако дојде до враќање во трговските центри и заживување на туризмот на многу пазари, дискреционото малопродажно трошење меѓу потрошувачите остана придушено. Ова беше особено видливо во перформансите на трговците на мало кои продаваат непрехранбени производи. Понатаму, со оглед на поголемото придвижување кон повеќеканалните стратегии, е-трговијата продолжи да ја краде продажбата од офлајн-малопродажбата, зголемувајќи ја пенетрацијата на 22%. Со пораст од 5% во текот на 2023 година, каналот продолжи да го надминува порастот на офлајн-малопродажбата. Совладувањето на растечките трошоци и зголемените расходи остана предизвик број еден за трговците, додека потрошувачите продолжија да ги менуваат навиките за купување, поттикнати од загриженоста за достапност. Овие случувања ги наведоа трговците да ги преиспитаат своите операции, синџири на снабдување, логистика и понуди на производи. Истражувањето на новите деловни модели се појави како природен одговор на намалувањето на трошоците, а прифаќањето на технологии како што се вештачката интелигенција и автоматизацијата стана водечка стратегија.

                      

Дигитализацијата и кризата на трошоците за живот најмногу влијаеја врз стратегиите на трговците во 2023 година

Забележано е дека кризата на трошоците за живот има најзначајно влијание врз малопродажбата во текот на 2023 година, при што повеќе од 86% од професионалците во малопродажната индустрија изјавија дека токму таа влијаела врз нивниот бизнис, според истражувањето Voice of the Industry: Retail Survey, на „Еуромонитор“. Ова доведе до имплементација на засилени промотивни стратегии кои вклучуваат попусти, промоции и програми за лојалност кај одредени трговци. Над 53% од професионалците во малопродажбата изјавија дека ескалацијата на промотивните иницијативи ќе биде стратешки приоритет во следните 12 месеци, додека 68% изјавија дека во тој период приоритет ќе им биде и намалувањето на оперативните трошоци.

Важно е да се напомене дека дигитализацијата продолжи да има големо влијание и врз трговците, при што 86% од професионалците во малопродажбата изјавија дека порастот на е-трговијата и технолошките иновации влијаеле врз нивните бизниси во текот на 2023 година. Како резултат на тоа, речиси 56% од малопродажните професионалци изјавија дека зголемувањето на приходите преку онлајн-каналите ќе биде стратешки приоритет во наредните месеци. Сосема очекувано, повеќе од 47% посочија дека нивните бизниси инвестирале во развивање повеќеканална стратегија во 2023 година, а 41% изјавиле дека инвестирале во нови технологии. Како што трговците им даваа приоритет на овие аспекти, новите канали за малопродажба, како што се социјалните медиуми и преносот во живо, станаа многу релевантни за нив за да ги подобрат своите услуги во е-трговијата и за ангажманот на потрошувачите во текот на 2023 година. Што е уште поважно, со свеста за цените и технолошкиот напредок кои имаат водечка улога во малопродажбата, постои и растечка низа на технолошки малопродажни решенија чија цел е да им помогнат на потрошувачите да заштедат пари.

Достапноста и вредноста беа главен приоритет за потрошувачите, што предизвика промена на каналот во малопродажбата

Во текот на 2023 година трговците закрепнаа со стапка на пораст од 0,4%, по пад од 2% на продажбата во текот на 2022 година. Додека супермаркетите и хипермаркетите доживеаја пад на продажбата во текот на 2022 и 2023 година, забележано е пошироко придвижување на каналите, при што заеднички за сите се цените и потрошувачката водена од вредноста. Продажбата во супермаркетите, кои се и понатаму најголемиот канал, закрепнува за 0,6% во текот на 2023 година. Меѓутоа, хипермаркетите продолжија да бележат пад. Не само што уделот од нивната продажба преку е-трговија продолжи да расте, туку и потрошувачите се префрлија во дисконти и магацински продажби во потрага за вредноста. Дисконтите се одговорни за 57% пораст на апсолутната вредност на глобалната малопродажба на намирници во текот на 2023 година.

                

Забавување на продажбата е забележано во сите региони освен во Азиско-Пацифичкиот дел и Латинска Америка, кои бележат пораст од 3%, односно 2%. Додека Блискиот Исток и Африка забележаа скромен пораст од 1%, а Европа забележа пад од 2%. Види графикон 2.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...