Анализи

Еуромонитор: Пораст на продажбата во РС Македонија

13 Apr 2023

Козјото млеко бележи динамичен пораст на продажбата и тоа во голема мера се должи на влијанието на трендот на здравје и благосостојба.

Извор: „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com

Според податоците на „Еуромонитор интернационал“, млечните производи за пиење регистрираат позитивен пораст на волуменската продажба во 2022 година. Побарувачката остана стабилна и силна и покрај влијанието на високата инфлација врз поединечните цени. Кравјото млеко останува доминантна категорија на млечни производи за пиење во Македонија. Тоа се смета за една од основните животни намирници, што обезбеди постојана побарувачка во текот на пандемијата на ковид-19 и во периодот на висока инфлација што следуваше. Во меѓувреме, козјото млеко бележи динамичен пораст на продажбата и тоа во голема мера се должи на влијанието на трендот на здравје и благосостојба – голем дел од потрошувачите сметаат дека ова млеко е поздраво поради неговата пониска содржина на лактоза. Сепак, треба да се забележи дека продажбата на козјо млеко останува занемарлива во споредба со кравјото, па оттука и поумерените и поодржливи стапки на пораст забележани кај кравјото млеко се главната причина за позитивниот пораст забележан кај млечните производи за пиење севкупно во текот на 2022 година.

Алтернативите без лактоза добиваат интензитет

Млечните производи без лактоза стануваат сè попопуларни во Македонија бидејќи поширока група потрошувачи стануваат позагрижени за потенцијалното влијание на лактозните производи врз иритацијата и лошото функционирање на дигестивниот систем. Иако релативно малку луѓе во земјата се дијагностицирани како чувствителни или нетолерантни на лактоза, кај консументите постои зголемена перцепција за тоа дека овој дисахарид е инхерентно нездрава супстанција. Како резултат на зголемената свест кај потрошувачите за придобивките од консумацијата на таков вид производи, голем дел од играчите во млечната индустрија соодветно го прошируваат портфолиото. Дополнително, многу консументи се префрлуваат на козјо млеко, кое содржи пониско ниво на лактоза, додека некои отидоа дотаму што се одлучија за млечни производи од растително потекло. Сепак, категоријата млечни алтернативи сè уште е релативно неразвиена во Македонија.

* Извештајот на „Еуромонитор“ е од септември 2022 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...