Анализи

ИПСОС: Расте стравот од глобална инфлација

07 Oct 2022

Мнозинството од испитаниците веќе беа подготвени во април да се откажат од „ексклузивната“ потрошувачка и поголемите набавки и да ја рационализираат потрошувачката.

Автор: Дејан Радосављевиќ, „Ипсос“

Последниот квартал од 2021 година беше обележан со олабавување на рестриктивните антиковид-мерки во повеќето земји во светот и очигледно, враќање во нормала. Сепак, неочекувано за некои, и очекувано за повеќето економисти и пазарџии, намалувањето на пандемијата беше придружено со зголемување на трошоците за производство, а следствено и за животот, како директна последица на долгорочни нарушувања во синџирот на снабдување и воопшто на пазарот на суровини и репроматеријали предизвикани од пандемијата.

Веќе во декември „Ипсос“ забележа значително зголемување на инфлаторните очекувања кај потрошувачите и купувачите во светот, што многу јасно се одрази врз перцепцијата за зголемените животни трошоци, особено во оние области кои се исклучително важни за просечниот купувач: транспортни трошоци, трошоци за храна и пијалаци, домување... Иако разликите меѓу земјите се очигледни (и очекувани), а во корелација со развојот на економијата и пазарот, јасно е дека дури и кај жителите на најразвиените економии стравот од инфлација расте.

А потоа, на крајот од февруари, работите уште повеќе се искомплицираа со вооружениот конфликт меѓу Русија и Украина и инфлацискиот бран, како последица на конфликтот, но и на нарушувања на глобалниот пазар предизвикани од воведените меѓународни санкции на Русија, продолжи да расте неконтролирано. Така, од блага загриженост на крајот на 2021 година, веќе во првите месеци од 2022 година, стравот од инфлација прерасна во глобална загриженост кај потрошувачите низ светот. Повеќе на графикон 1.

 

Инфлацијата, како глобална загриженост, „спиеше“ речиси цела деценија, додека други грижи го мачеа светското население, а потоа на почетокот на 2022 година се разбуди во најлоша форма. И што е најважно, овој тренд на растечка загриженост продолжи и во следните месеци.

Во овие околности, економскиот оптимизам кај потрошувачите повторно опаѓа (дури и ако почна значително да закрепнува по завршувањето на ковид-кризата), а инфлаторните очекувања се сè поизразени, дури и кај потрошувачите од најразвиените пазари.

Кој е типичниот одговор на потрошувачите во овие околности? Очекувано! Рационализација на потрошувачката. Мнозинството од испитаниците веќе беа подготвени во април да се откажат од повеќе „ексклузивна“ потрошувачка и поголеми набавки, а интересно е што со сличен тип на размислување се среќаваме и кај вработените, при разгледување на можноста за наоѓање подобро платена работа или размислување за можност да се побара зголемување на платата, во многу мал број случаи се разгледуваат опциите.

Кога проблемот дополнително ќе се анализира, наидуваме на низа дополнителни податоци и информации кои уште поблиску го одредуваат потенцијалниот „одговор“ на потрошувачите на претстојниот период на „рационализација“ на потрошувачката.

Поголемиот дел од потрошувачите во САД (повеќе од 80%) планираат да преземат одредена мерка за рационализација на потрошувачката, а најголемиот број од нив во принцип би се насочиле кон популарни промотивни продажби, додека дури една третина планираат генерално да ја намалат потрошувачката. Интересно е тоа што повеќе од една четвртина од потрошувачите „излез“ од „инфлаторната криза“ би барале во купувањето приватни трговски марки. Многу слични податоци се добиваат кога од типичните клиенти се бара да го анализираат своето однесување во претходниот период, а во однос на вообичаеното празнично купување (графикон 2).

Сè на сè, неколку клучни промени во однесувањето се карактеристични за купувачите во САД, во период на сè поинтензивен пораст на инфлацијата:

1. Намалување на потрошувачката (рационализација);

2. Свртување кон (дисконтните) продажни синџири кои нудат поповолни цени;

3. Купување на промоции и попусти;

4. Свртување кон приватни трговски марки.

Слични наоди доби и „Ипсос“ кај потрошувачите во Велика Британија, каде што уште еден податок е многу индикативен. Имено, дури 18% од потрошувачите решиле да го сменат типичниот извор на снабдување и да го заменат со подостапен (графикон 3). Во исто време, податоците од американскиот пазар јасно покажуваат дека потрошувачите недвосмислено ги препознаваат трговците на мало и производителите кои вложуваат дополнителен напор да го контролираат, колку што е можно повеќе, нивото на нивните цени, што секако го зајакнува нивниот имиџ, но и создава дополнителна позитивна емотивна асоцијација со потрошувачите.

Во која насока се тие одлуки, јасно покажуваат податоците од графиконот 4 и 4.1.

Јасно е дека, барем кога станува збор за т.н. „брзо надополнување на залихите“, меѓу британските потрошувачи, најмногу „профитираат“ двата водечки дисконтери: „Лидл“ и „Алди“, за кои и надвор од новите инфлаторни околности важи правилото дека тие се доживуваат како најприфатливи. Во новите околности оваа перцепција добива уште поголема тежина, а со веќе споменатите податоци дека потрошувачите многу рационално ги оценуваат напорите на трговецот да го одржи нивото на цените и покрај високиот инфлациски притисок.

Сè на сè, се чини дека новите инфлаторни околности поставуваат нови предизвици за потрошувачите, како и за производителите и трговците. „Повторно се мешаат картите“ и сосема е извесно дека во наредните месеци ќе има значителни промени како во однесувањето на потрошувачите така и во позициите на водечките трговци, не само на светскиот, туку и на домашниот пазар.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...