Анализи

Топ - 10 потрошувачки трендови за 2022 (втор дел)

31 Mar 2022

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Секоја година „Еуромонитор интернационал“ ги идентификува новите трендови, кои овозможуваат преглед на промената на потрошувачките вредности, истражуваат како се менува однесувањето на потрошувачите и предизвикуваат нарушувања во бизнис-активностите на глобално ниво. Во претходниот број на InStore беа анализирани првите пет тренда а во продолжение се прикажани другите пет, за кои се очекува да бидат двигатели на индустријата годинава.

  1. НОСИТЕЛИ НА МЕТАВЕРЗУМОТ – симулирани, 3Д-дигитални екосистеми на иднината

Дигиталниот свет ги надминува виртуелните дружења и се развива во импресивна 3Д-реалност. Потрошувачите го прифаќаат дигиталниот простор за да бидат дел од заедницата, а брендовите што се во средиштето на движењето метаверзум (Metaverse Movement) можат да имаат голем бенефит. Со проширувањето на достапноста, овие импресивни средини ги поттикнуваат е-трговијата и виртуелната продажба.

Повеќе од 30% од потрошувачите лани купиле производ или услуга откако виделе објава на инфлуенсер или реклама на „Тик-ток“. 

Трагање по дигиталниот идентитет

Физичкиот и дигиталниот свет се судрија минатата година. Поради строгите прописи за физичко дистанцирање, потрошувачите научија како да останат поврзани. Тие формираа нови онлајн-заедници кои нудат повеќе видови интерактивност – од пренос во живо, до гејминг. Социјалните мрежи ги унапредија можностите, а во некои случаи и презедоа технолошки стартапи за да навлезат во движењето метаверзум.

Преку постојаниот тек на содржини и можноста да станат вирални на социјалните платформи на кои видеосодржините се доминантни („Тик-ток“ и „Јутјуб“), се покажува влијанието врз мрежите базирани на заедницата. Онлајн-социјализацијата сега е префериран облик на забава за многу потрошувачи, особено за младите генерации. Во текот на движењето метаверзум, потрошувачите ги опремуваат своите аватари и ги истражуваат виртуелните светови заедно со корисниците од целиот свет.

Огласување во новиот дигитален свет

Модните брендови и трговците користат „Тик-ток“ за да акумулираат содржина, да ги промовираат производите и да ги обучуваат соработниците како да создаваат следбеници. Повеќе од 30% од потрошувачите лани купиле производ или услуга откако виделе објава на инфлуенсер или реклама на „Тик-ток“. Спортистите, гејмерите и уметниците ги користат платформите како „Јутјуб“ и „Твич“ за хостирање виртуелни концерти и настани во живо, а компаниите сакаат да ги сретнат корисниците на платформата. Брендовите купуваат огласен простор во новите онлајн-средини.

Виртуелните продавници ја олеснуваат онлајн-трговијата и нудат производи што исклучиво се продаваат дигитално, вклучувајќи ги и т.н. незаменливи токени (non-fungible token – NFT) за сместување на аватарите. Бизнисите што веќе се присутни во новиот свет ќе бидат во прв план при понатамошниот развој на виртуелните социјални средини.

Штедењето е во тренд.

Изгледи

Иновативните компании користат апликации за аугментирана и виртуелна реалност, а со развојот на овие сегменти ќе се намалат трошоците за нивна имплементација и ќе се зголеми пристапот до виртуелниот 3Д-простор. Потрошувачите што веќе се во интеракција преку импресивните онлајн-поставки за социјализација ќе поминуваат уште повеќе време во средини што се целосно компјутерски генерирани. Движењето метаверзум продолжува да привлекува нови членови, па затоа и бизнисите мора да ја согледаат сопствената улога и да ја зголемат препознатливоста на брендот за да генерираат приходи.

  1. ТРАГАЧИ ПО ПОЛОВНО – secondhand, препродажба и „peer to peer“

Штедењето е во тренд. Начинот на размислување кај потрошувачите се поместува од поседување кон доживување. Одржливоста и индивидуалноста ја отфрлаат стигмата поврзана со secondhand купувањето и ја поттикнуваат „peer to peer“ трговијата. Бизнисите мора да направат повеќе со помалку. Вложувањето во циркуларна економија, односно во рециклирање, изнајмување и препродажба, позитивно ќе влијае врз околината.

Достапно и ексклузивно

Потрошувачите сакаат да живеат одржливо и да го намалат влијанието врз околината. Истовремено, во текот на нестабилната економска состојба, достапноста стана клучен фактор. Одредени потрошувачи, пак, сакаат ексклузивни и уникатни производи, кои можат да бидат и поскапи. Во голема мера нивна е заслугата што secondhand се доближи до мејнстримот.

Винтиџ и бавната мода придонесоа овој тренд да процвета на пазарот за облека. Потрошувачите постојано ги инвентарираат нивните работи за да одредат што да зачуваат, надградат, препродадат или донираат. Апликациите за secondhand продажба и купување можат многу да влијаат врз трагачите по половно.

Препродажбата ќе стане сè пораспространета и ќе покрива повеќе категории.

Нулта-отпад и циркуларни стратегии

Компаниите имплементираат нови бизнис-модели и ја прифаќаат циркуларната економија, додека потрошувачите се свртуваат кон консигнациска продажба. Потрагата по половно веќе со години владее во индустријата за облека, но се шири и во другите индустрии за производи за широка потрошувачка.

Бизнис-моделите се развиваат и вклучуваат програми за откуп, иницијативи за повеќекратна амбалажа, обновена понуда на производи и „peer to peer“. Подарок-картичките, кредитите во продавницата и лојалните поени се погодности што ги поттикнуваат потрошувачите да учествуваат во овие програми.

Изгледи

Препродажбата ќе стане сè пораспространета и ќе покрива повеќе категории. Потрошувачите и понатаму ќе ги имаат предвид secondhand производите кога купуваат трајни стоки. За да ја задоволат побарувачката, платформите и агрегаторите ќе им нудат на брендовите различни можности за препродажба. Освен тоа, за компаниите е неопходно повторно да ги користат или да ги рециклираат материјалите за развој на нови производи, но и да го намалат отпадот. Потрагата по половно неизбежно ќе ги подобри одржливото производство и потрошувачка, односно репутацијата на брендот.

Работата сè помалку се поврзува со канцеларија, па оттука и потрошувачите повеќе се движат во и надвор од градовите.

  1. РУРАЛНИ УРБАНИСТИ – најдоброто од двата света

Приградските и руралните заедници што овозможуваат попространи места за живеење и позелени пејзажи ги мамат потрошувачите од градските области. Од друга страна, и жителите на градовите сакаат да ги донесат овие погодности во своите квартови. Бизнисите што ја развиваат дистрибутивната мрежа на е-трговијата, ги прошируваат линиите со одржливи производи и им нудат услуги на руралните урбанисти, ќе бидат победници.

Револуција на преселувањето

Минатата година потрошувачите бараа оази на отворено и привремено се населуваа во руралните области или поминуваа повеќе време во природа. Денес руралните урбанисти го прават овој потег траен. Предностите на градскиот живот, вклучувајќи ги брзината и удобноста, беа отежнати поради карантинот. Тие потрошувачи се чувствуваа ограничени во малиот простор, додека истовремено имаа повисоки животни трошоци, без погодностите што следуваат. Подобриот квалитет на воздухот, помалиот сообраќаен метеж и желбата за едноставност и одржливост станаа клучни причини за преселба во предградијата, селата и во помалите градови. Трендот на преселување особено е забележлив во развиените земји поради помалиот инфраструктурен јаз меѓу градот и предградието, пократките патувања до работа и пониските трошоци за живеење.

Сепак, сите потрошувачи не се подготвени да се откажат од урбаниот живот. Потребата од зелени површини во близина на домот, како и побрзото и поеколошко патување до работа, се дел од причините поради кои руралните урбанисти остануваат во градот. Генерално, потрошувачите повеќе вложуваат во своите домови и во заедниците бидејќи таму поминуваат повеќе време.

Град без граници

Работата сè помалку се поврзува со канцеларија, па оттука и потрошувачите повеќе се движат во и надвор од градовите. Како резултат за зголемените преселби, се појавуваат и нови бизнис-можности, а развојот на дистрибутивната мрежа на е-трговијата е од витално значење. Воспоставувањето микродистрибутивни центри и проширување на услугата за достава до последната милја ќе бидат од големо значење за руралните заедници и ќе ја прошират базата на купувачи. Куририте што разнесуваат различни пакети, исто така, ја зголемуваат географската покриеност. Во Велика Британија ДПД се здружи со „Колект+“, со што ја зголеми мрежата за 3.000 продавници во 2020 година. Тоа значи дека 97% од жителите се на растојание од 5 милји (околу 8 км) до пикап-продавниците на ДПД.

Инкорпорирањето одржливи практики во градските области ќе има голем одек кај руралните урбанисти. Земјоделството во затворено и градините на покривите можат да ги донесат производите од локално потекло во непосредна близина на градските жители. Пренамената на празните или неискористени инфраструктури во паркови и зелени површини позитивно влијае врз овие густо населени заедници. Бизнисите и владите настојуваат да создадат мини-градови во кои продавниците, рестораните и училиштата ќе се наоѓаат на 15 минути патување.

 Без оглед на локацијата, брендовите и бизнисите мора да ги приспособат стратегиите за да ги задржат купувачите. 

Изгледи

Потрошувачите бараат безбедна, чиста и зелена средина, без разлика дали е во град, предградие или на село. Пространите и одржливи заедници ќе одредат каде ќе одлучат да живеат руралните урбанисти. Без оглед на локацијата, брендовите и бизнисите мора да ги приспособат стратегиите за да ги задржат купувачите. Проширувањето на вообичаените продажни места и услуги, како и вложувањето во е-трговија, ќе им помогне на компаниите да стигнат до поширока публика.

  1. ТРАГАЧИ ПО САМОЉУБИЕ – индивидуалноста и автентичноста ја поттикнуваат среќата

Прифаќањето, грижата за себе и инклузијата се на преден план во животниот стил на потрошувачите. Трагачите по самољубие ѝ дават предност на сопствената среќа, се чувствуваат пријатно во сопствената кожа и уживаат во производите и услугите што го поттикнуваат нивното чувство на сопствена вредност. За компаниите е неопходно да создадат длабоки врски со купувачите. Производите што предизвикуваат телесна, емоционална и духовна благосостојба ќе одекнат и ќе го подобрат животот на овој вид потрошувачи.

Самоуверени и задоволни

Потрошувачите копнеат по удобност и по љубов додека животот се враќа во нормала. Повеќе не се однесуваат на начин како да преживеат, туку ја прифаќаат иднината и се горди што ги победиле тешкотиите. Трагачите по самољубие ја ценат сопствената вредност и ги прифаќаат своите борби и недостатоци.

Поседувањето на овие вредности им овозможува да бидат извор на сопствената среќа. Тие вложуваат во грижата на сопственото тело и ум. Се „расфрлаат“ со пари на начини што одговараат на нивниот животен стил, без разлика дали купуваат производ од канабис или луксузна чанта. Производите и искуствата што ги стимулираат овие потрошувачи да бидат најдобрата верзија од себе ќе ги поттикнуваат одлуките за купување и лојалноста.

Уживање, персонализација и нови норми

Иновативните производи за „разгалување“ на потрошувачот (indulgent product) имаат голем подем во сите индустрии на глобално ниво. Козметичките брендови нудат производи за домашна употреба, со квалитет како од салон за убавина. Производителите на храна и пијалаци вложуваат во функционални состојки, нискоалкохолни и безалкохолни пијалаци. Во западните земји се развиваат многу производи со канабис, додека во Кина продолжува побарувачката за полуксузни стоки.

Бизнисите вложуваат во технологии за приспособени производи и услуги. Персонализацијата и понатаму ќе напредува и ќе оди во насока на масовно прифаќање во сите сектори (убавина, лична нега, здравје...). Освен тоа, маркетингот и понудата мора да бидат инклузивни. Брендовите што рушат стереотипи и општествени норми им овозможуваат на трагачите по самољубие да се чувствуваат удобно и самоуверено, истражувајќи го сопственото јас.

Потрошувачите се сè поблиску до враќањето на животот пред пандемијата. 

Изгледи

Потрошувачите ќе се фокусираат на сопствениот развој и ќе прифатат дека неизвесноста продолжува. Сепак, тоа ќе биде во различен степен. За бизнисите е неопходно да ги поддржат потрошувачите на нивниот пат и да ги разберат нивните приоритети. Понудите што им помагаат на потрошувачите да се чувствуваат исполнето, позитивно и самоуверено, ќе ја подобрат перцепцијата на брендот. Инвестициите во технологии, како што е вештачката интелигенција, одат во прилог за полесни и пософистицирани персонализирани решенија. Најважно е што трагачите по самољубие купуваат производи и услуги што се во согласност со нивната мотивација и идентитет, а тоа треба да остане во сржта на бизнис-стратегиите.

  1. ПАРАДОКСОТ НА СОЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА – дуализам при враќањето на животот пред пандемијата

Потрошувачите се сè поблиску до враќањето на животот пред пандемијата на различни начини, врз основа на нивното ниво на удобност. Некои се желни, а други се двоумат да продолжат со вообичаените активности, создавајќи парадокс на социјализацијата. Компаниите треба да обезбедат беспрекорни решенија и повеќе опции на различни канали, без да го жртвуваат искуството.

Флуктуирачките нивоа на удобност како предизвик

Закрепнувањето е на повидок. Околу 51% од потрошувачите очекуваат дека животот ќе биде подобар во следните пет години. Парадоксот на социјализацијата ги дефинира многуте начини на кои потрошувачите им се враќаат на вообичаените рутини.

Одредени потрошувачи се навикнаа на животот во изолација и ќе продолжат да купуваат за домашна потрошувачка. Други беа немирни и бунтовни во пикот на пандемијата и тие се подготвени повторно целосно да учествуваат во општеството. Меѓу овие две крајности се потрошувачите што сакаат форма на нормалност – спремни да се впуштат во одредени активности, но сепак се претпазливи и загрижени за сопственото здравје.

Искуството на потрошувачите мора да биде повеќеслојно. 

Агилност меѓу фазите на закрепнување

Бизнисите покажаа отпорност, нудејќи дигитални опции како компензација за физичките посети. Хибридните бизнис-модели треба да создадат беспрекорно корисничко искуство, без оглед на каналот. Фокусот на потрошувачите веќе се поместува од преживување на развој, па следствено, компаниите што ќе го спроведуваат хибридниот режим ќе можат лесно да ги преминат фазите на закрепнување. Флексибилните политики треба да одговорат на флуктуирачките ограничувања и на нивоата на удобност.

Секоја земја повторно ќе се отвори во различни фази. Домашниот туризам закрепнува и повторно се разгорува желбата на потрошувачите за одмори и патувања. Додека потрошувачите купуваа онлајн поради практичност или безбедност, тие исто така копнееја и по меѓучовечките врски. Затоа, за да се задоволи новата норма, од клучно значење за бизнисите е да употребат комбиниран пристап.

Изгледи

Парадоксот на социјализацијата е фаза на однесување што влијае врз навиките на потрошувачите. Тие сакаат да се дружат, но бараат флексибилен пристап. Бизнисите треба да бидат приемчиви и да обезбедат беспрекорно искуство со иновативни и приспособливи решенија. Работата од далечина и виртуелните настани ќе коегзистираат со личните ангажмани, но потрошувачите сакаат да имаат можност за избор. Компаниите треба да внимаваат на флуктуирачките нивоа на удобност.

Одржливоста е обновена конкурентска предност – потрошувачите ќе гравитираат кон еколошки прифатливи производи.

КАКО РЕАГИРААТ КОМПАНИИТЕ?

Традиционалните бизнис-модели и логистичките мрежи се предизвикани. Компаниите мора да се развиваат еднакво брзо како што се менува однесувањето на потрошувачите. Во денешниот свет, претходните купувачки навики не мора да имплицираат лојалност кон брендот.

Успешните компании ќе им излезат во пресрет на потрошувачите под нивни услови. Односите со купувачите повеќе не можат да бидат трансакциски. Развивањето длабоки и поддржувачки врски ќе направи сојузници од компаниите. Потрошувачите ќе ги преферираат и ќе им веруваат на брендовите што се хуманизирани.

Искуството на потрошувачите мора да биде повеќеслојно. Компаниите можат да ги изгубат купувачите ако искуството не е беспрекорно и приспособено. Ефикасните хибридни модели ќе им овозможат на компаниите да балансираат со физичките и виртуелните ангажмани, додека блиската иднина останува непредвидлива. Од поедноставување на технологијата за почетници до истражување на метаверзумот, клучно е приспособувањето на дигиталните искуства на целната публика.

Одржливоста е обновена конкурентска предност – потрошувачите ќе гравитираат кон еколошки прифатливи производи. Новите дистрибуциски канали и комерцијални патишта би можеле да бидат дополнителни приливи на приходи. Компаниите би требало да размислуваат за партнерства со други играчи од различни сектори и да ги поделат ресурсите, да го прошират досегот и да постигнат повисоки цели од моменталните оперативни можности.

Купувачите се менуваат. Бизнисите мора да се менуваат заедно со нив или ризикуваат да ги изгубат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...