Анализи

БРИМА: Се зголемува бројот на онлајн-купувачи

06 May 2021

Откако се појави пандемијата, 9% од граѓаните почнале да купуваат намирници за потребите на домаќинството онлајн, додека 14% од нив и претходно имале навики да купуваат онлајн.

Автор: Калина Медаровска-Михајловска, сениор раководител на проекти во БРИМА

БРИМА е прва агенција за истражување на јавното мислење и пазарот во Северна Македонија. Повеќе од десет години се спроведува омнибус-истражувањето од кое ги добивме резултатите за анализата – пазарувањето на граѓаните и нивните навики за онлајн-пазарување за потребите на нивните домаќинства. Ова истражување се спроведува 4 пати во годината, односно на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември), и има многу придобивки од аспект на тоа дека лесно може да се следи одреден тренд, односно да се следат промени во одредени параметри (како навики, ставови и слично) на подолг период. А сето тоа е возможно и споредливо поради фактот што секое истражување следи исти методолошки правила. Резултатите за оваа тема се анализирани од истражувањето спроведено во февруари 2021 и март 2021 на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, национално репрезентативен примерок на популација постари од 15 години во домовите на испитаниците. Истражувањата се спроведени со помош на методот TAPI (Tablet Assisted Personal Interview), а се направени со член од семејството на кој прво му доаѓа роденденот. Маргината на грешка е +/- 2,81%. Примерокот се подготвува на ист начин во сите истражувања: повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок на Македонија.

Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА, а кое се разликува од другите истражувања по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој клиент поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите.

Кога ги прашавме граѓаните: Каде најчесто пазарувате намирници за потребите на домаќинството?, тие велат дека најчесто пазаруваат во супермаркетите (81%), нешто повеќе од половината пазаруваат во минимаркети/бакалници (55%), а нешто помалку од половината пазаруваат на зелените пазарчиња (46%). Не се исклучени и пазарувањата во специјализираните продавници, како месарници или пекарници, каде што речиси секој втор од пет (39%) испитаници пазарува за потребите на домаќинството (графикон 1).

Според одговорите на граѓаните, во Скопскиот, Полошкиот и во Источниот Регион најмногу се пазарува во супермаркетите, а најмалку пазаруваат од Североисточниот и Пелагонискиот Регион. Од друга страна, пак, во минимаркетите/бакалниците повеќе се пазарува во другите региони отколку во Скопскиот, а најмногу се пазарува во Вардарскиот Регион. Интересен податок е дека испитаниците од албанска националност во понизок степен пазаруваат намирници за потребите на домаќинството од минимаркети/бакалници отколку испитаниците од македонска и од другите националности. Просечно, граѓаните пазаруваат намирници на 2-3 места.

Поради ситуацијата во која се наоѓаме сите, поврзана со Ковид-19, ги прашавме граѓаните Дали за време на пандемијата почнавте за потребите на домаќинството да купувате намирници онлајн, било преку достава било преку подигнување од маркетите? Откако се појави пандемијата, 9% од граѓаните почнале да купуваат намирници за потребите на домаќинството онлајн, додека 14% од нив и претходно имале навики да купуваат онлајн. Сепак, највисокиот процент од нив (77%) не купуваат намирници онлајн (графикон 2).

Највисок процент од граѓаните од Источниот (16%), Скопскиот (15%) и Југозападниот Регион (15%) почнале да купуваат намирници онлајн откако изби пандемијата, а само 2% од Пелагонискиот и 3% од Полошкиот и Југоисточниот Регион (слика 1). Одговорите на испитаниците покажуваат дека главно е поголем процентот на испитаниците со  повисоки приходи и со повисоко образование кои купуваат онлајн во споредба со тие што се со пониски приходи. Албанските испитаници, пак, од друга страна, купуваат во повисок процент намирници онлајн уште од пред пандемијата во споредба со испитаниците од македонска и друга националност.

Понатаму, ги прашавме граѓаните што купуваат онлајн за тоа колку често купуваат намирници за потребите на домаќинството онлајн. Кога ќе направиме агрегација на одговорите, околу две третини (69%) од сите што пазаруваат намирници онлајн пазаруваат редовно, односно барем еднаш месечно, додека другите пазаруваат поретко од еднаш месечно (агрегација на одговорите барем еднаш неделно + неколку пати месечно + барем еднаш месечно). Картата на Македонија (слика 2) ни покажува дека сепак од тие 69% што пазаруваат почесто од еднаш месечно, највисок процент од граѓаните што пазаруваат онлајн се од Скопскиот Регион (38%).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...