На претстојниот Октоберфест цената на пивото ќе се зголеми во просек за 3,9 отсто, а за првпат познатата литарска кригла ќе надмине 15 евра, објавија во средата минхенските власти, пренесе германската новинска агенција „Дпа“.
Имено, на фестивалот во баварската престолнина криглата ќе чини од 13,60 до 15,30 евра. Опсегот лани беше 12,60 – 14,90 евра.
Градот како организатор на Октоберфест проверува дали понудената цена е разумна. Притоа тие го споредуваат планираниот ценовник со оној што редовно стои пред големите угостителски објекти во Минхен.
Фестивалското пиво е специјално подготвено и нешто појако од „сериското“ пиво. Покрај тоа, рестораните плаќаат за изнајмување простор на познатата минхенска ливада, шатори и музика во живо.
Инаку, пивото на фестивалот ќе чини околу двојно повеќе од пред 20 години. Тогаш половина литар чинеше 6,70 – 7,10 евра.
Поскапуваат и безалкохолните пијалоци: литар вода ќе поскапи од 10 на 10,5 евра, домашната мешавина на Coca – Cola и Fanta Spezi од 11,65 на 12,23, а лимонадата од 11,17 на 11,67 евра.
Минатата година фестивалот го посетиле 7,2 милиони гости, кои во текот на двете недели додека трае фестивалот испиле околу 6,5 милиони литри пиво.
Извор: „Дпа“
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.